Музеј на археологијата и етнографијата (Уфа), Дмитриј Кичигин/ИНИТУ, Институт за археологија на РАН, Државен историски музеј, Freepik
Огромната камена плоча пронајдена во селото Чандар на Јужен Урал во 1999 година претставува детална тродимензионална карта на уралскиот регион која можела да биде направена, како што тврдат стручњаците, само со помош на снимка од космосот. На картата се обележани каналите и браните (кои одговараат на реалниот релјеф на овој крај). Исто така тука се и натписи на непознат јазик.
„Најпрво сметавме дека каменот е стар околу 3.000 години. Постепено времето на неговото настанување го поместувавме понатаму во минатото, додека не ги идентификувавме школките кои се уфрлени во плочата за обележување на некои објекти“, објаснува професорот Александар Чувиров, кој ја има пронајдено плочата. Школките се стари 50 милиони години. Методот на радиоактивен јаглерод не придонесе за определување на староста и ова прашање останува отворено, но во секој случај предметот е премногу стар за да може да се објасни како настанал.
Плочата е пронајдена случајно. Чувиров го проучувал градскиот архив на Уфа каде во белешките од 18 век нашол дека се споменува плочата (најпрво 200 парчиња), покриена со необични знаци во близина на селото Чандар. Ова го заинтересирало и тој ја продолжил потрагата во локалните архиви: плочите се споменуваат повторно во 1924 година. Шест плочи тогаш дошле во „Списокот на споменици на природата, културата и историјата во Башкирската република“. Чувиров тогаш собрал експедиција и започнал потрага по него на Урал со хеликоптер. Тој мислел дека плочите мораат да бидат огромни. Но, не нашол ништо. Му помогнала случајност: кај професорот дошол локален жител и му рекол дека во неговиот двор, кај прагот од куќата се наоѓа необична плоча. Нејзините димензии биле 148 на 106 сантиметри.
Подоцна анализата покажала дека основата на плочата е направена од исклучително чист минерал доломит, без примеси на кварц (песок), што не се среќава во природата. Плочата е префрлена во МГУ за понатамошни проучувања, но повеќе не се појавиле никакви нови откритија.
Летото 2017 година помеѓу Бајкалското езеро и островот Ољхон археолозите пронајдоа остатоци од маж и жена. Тие се држеа за рацете, а во очната дупка на мажот се наоѓаше камена алка од бел нефрит. Покојникот имаше уште три алки на градите, а на колената од скелетот имаше кожна вреќа со метални инструменти за непозната намена. Покрај женскиот костур се наоѓаше нож од нефрит долг 13 сантиметри.
Експертизата покажа дека овие луѓе живееле во Бронзената доба, пред 4.800-4.300 години. Она што до денес ги мачи научниците е прашањето за што служеле камените алки. Исти такви алки се пронајдени и на територијата на Кина и на Јапонија (најстарите од нив потекнуваат од пред 8.000 години). Првобитно светската научна заедница сметаше дека станува збор за ритуални предмети. Освен тоа, постои претпоставка според која токму поради овие алки дошло до поделба меѓу расите: европеидите како симбол на почитување го избрале златото, а монголоидите обоените камења, пред сè нефритот. Друга верзија, пак, изнесоа сибирските научници: алките од нефрит се пари што знаеле да ги прават само мал број мајстори од Источен Сибир. Постои уште една мистерија: како древните луѓе успеале да направат толку префинета изработка и каква технологија користеле. Научниците сè уште ги немаат решено овие прашања.
Уште еден необичен пронајдок е направен во 2019 година. Минатата година покрај Москва, во Истрионскиот реон, археолозите ископаа некропола чија старост се проценува на 4.5 илјади години, што е времето кога е изградена Кеопсовата пирамида. Во гробниците биле погребани претставници на фатјановската култура. Овие луѓе биле првите кои на територијата на руската рамнина одгледувале стока и се занимавале со земјоделство. Според традицијата, во машките гробови се ставале камени воени секири. Токму тие го привлекоа вниманието на научниците поради својот необичен изглед.
Во споредба со другите „примитивни“ предмети од гробницата, како што се врвови од стрели, ножеви и обични секири, военото оружје како да потекнува од доцниот милениум и како да не е направено рачно: измазнетите пили личат на современите, излиени од метал, и тоа во толкава мера што на нив се гледаат линии на спојот на излеаните делови.
Во Историскиот музеј на Москва се наоѓа експонат кој нема опис. Го има добиено називот „плоча за носење на градите“ од Рјазањ (200 километри од Москва), но тоа е сè: не е пронајдено никакво прифатливо објаснување за правилните концентрични кругови по целата површина на овој железен диск. Единствено што се знае е времето кога настанал дискот, а тоа е четвртиот век од нашата ера.
Дискот често се споредува (поради надворешната сличност) со Антикитерскиот механизам, пронајден на почетокот од 20 век крај брегот на Грција. Тој е користен за определување на положбата на небесните тела и за предвидување затемнувања.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче