Монзино: Најживописната населба на Урал лежи на вода (ФОТО)

Сергеј Скоробогатов
Во околината на уралскиот град Нижни Тагил се наоѓа викенд-населбата Монзино, која локалните жители гордо ја нарекуваат „уралска Венеција“. Ако се погледне од воздух, се чини дека патиштата овде се протегаат преку самата површина на реката Тагил.

Ваквата „конфигурација“ на улиците настанала по вештачки пат. Се појавила како резултат на интензивна потрага по злато.

Имено, во 20-тите години на XIX век, на Урал се случила „златна треска“. Во 1823 година царот Николај I потпишал декрет со кој им се дозволува на приватни лица да ископуваат злато и платина. Во околината на Нижни Тагил брзо се организирало промивање на злато, бидејќи локалните наоѓалишта биле познати уште од втората половина на XVIII век, иако овие податоци биле чувани во тајност. Во текот на 100 години, од 1825 до 1925 година, повеќе од 120 претпријатија во Тагилскиот округ извадиле преку 25 тони злато.

На територијата на Монзино се користеле бродови за работа по дното на реката и машини за добивање руда на пловна платформа кои функционираат според принципот на ротирачки багер. Како резултат на тоа настанале бројни ракави, езерца и канали.

Промивањето на злато во околината на Нижни Тагил се вршело од крајот на XIX век до осумдесеттите години на ХХ век. Потоа овој терен е наменет за одгледување зеленчук и овошје. За да се приспособи земјиштето на таа намена, бил насипан камен и донесен плоден слој земја. Практично сето тоа овоштарите го правеле со свои раце. Но затоа немале проблеми со полевањето. Населбата се наоѓа во поплавна рамнина, во повеќето езера водата е проточна, што значи дека е чиста. Во исто време, како што тврдат локалните жители, комарци речиси и да нема.

Длабочината на каналите и заливите во Монзино достигнува три метри, а во време на висок водостој водата може да достигне и уште два метри во височина. Практично секое домаќинство поседува чамец. Затоа по должината на бреговите се протегаат докови.

Во зимскиот период животот во Монзино замира, неговите жители одат во градовите, додека лете бројот на жителите на овие фарми - а ги има повеќе од десетина - достигнува неколку илјади.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња