- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Црвениот плоштад и улицата „Никољскаја“
Legion Media
Секој што ќе дојде во Москва се труди да го посети Црвениот плоштад, особено ако тоа му е прва посета. Тука до 1930 година одеше трамвај, а сега целиот плоштад е резервиран само за пешаци. Од влезот на Црвениот плоштад кај Историскиот музеј до Кремљовскиот кеј на другата страна има нешто повеќе од 700 метри. Тоа значи дека 15-20 минути можете да пешачите од крај до крај без брзање, патем правејќи селфи пред Мавзолејот, Спаската кула, трговскиот центар ГУМ и соборниот храм „Св. Василиј Блажени“.
Legion Media
Од Црвениот плоштад можете да влезете во улицата „Никољскаја“, која е и пешачка зона и е една од најубаво украсените и најблескавите улици во Москва. Таа е многу добро осветлена и ноќе со илјадници фенери, така што дури и лете тука владее атмосфера како за Божик или Нова Година.
Uwe Brodrecht (CC BY-SA 2.0)
Овде на секој чекор „демнат“ кафулиња и ресторани, како и историски зданија како поранешната Ферејнова аптека и псевдоготската Московска печатница (сега во таа зграда е сместен Историско-архивскиот институт). Патем, поради таа печатница целата улица „Никољскаја“ некогаш била полна со продавачи на книги.
Legion Media
Преку улицата „Никољскаја“ доаѓате до Лубјанскиот плоштад. Кога ќе поминете под сводот, ќе се најдете на улицата „Третјаковски проезд“, која исто така е резервирана за пешаци. Ако одите до крај, ќе стигнете до театарот „Болшој“ и познатата продавница „Детски свет“ („Детский мир“), чиј покрив служи како одлична палуба за набљудување.
2. Арбат
Legion Media
Името на улицата „Арбат“ стана толку вообичаено што сега во речиси секој руски град жителите за својата главна пешачка улица велат „нашиот Арбат“. Московската „Арбат“ е долга малку повеќе од еден километар, а погодно е и тоа што има метро станица и на почетокот и на крајот на улицата.
Legion Media
Во минатото „Арбат“ беше полна со улични уметници, музичари и киосци каде што се продаваа сувенири, шапки-ушанки и матрјошки со ликовите на Ленин и Сталин. Сега сувенирите се преселени во продавниците во централниот дел на улицата, така што има повеќе простор за пешаци.
Legion Media
На „Арбат“ има многу знаменитости. Сите зданија се историски. Овде има музеи на многу познати личности (меѓу другите, и на Александар Пушкин). „Арбат“ го има и историскиот Театар „Вахтангов“, ресторани за сечиј вкус и „Ѕидот на Цој“ - една од најинтересните дестинации на московскиот „андерграунд“, каде што обожавателите на поранешната група „Кино“ и нејзиниот солист ги оставаат своите потписи. На една од раскрсниците кои излегуваат на „Арбат“ се наоѓа уникатен споменик на руската авангарда - куќата во вид на цилиндар на архитектот Константин Мелиников.
Legion Media
Московјаните често ја нарекуваат оваа улица „Стар Арбат“, бидејќи во 1930-тите, во рамките на Сталиновата Генерална реконструкција на Москва се појави уште една улица која официјално се вика „Нов Арбат“. За разлика од тесниот „стар“ Арбат со својата пешачка атмосфера, Нов Арбат е голема градска сообраќајница. Долго време се викаше „Проспект Калинин“, па така и денес го нарекуваат многу московјани кои пораснале во времето на СССР.
3. Улиците „Лаврушински“ и „Климентовски Переулок“
Константин Кокошкин / Global Look Press
Задолжителна „ставка“ за време на престојот во Москва за многумина е и посетата на Третјаковската галерија, каде што се чуваат најпознатите дела на руското сликарство, како што е, на пример, сликата на Иљја Репин „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581 година“ (народот скратено ја вика „Иван Грозни го убива својот син“).
Legion Media
Овде можете да видите 15 сликарски симболи на Русија од XIX век, ако имате само еден час време на располагање. По прошетката по салите на Третјаковка човек треба да земе малку свеж воздух.
Legion Media
Улицата „Лаврушински Переулок“ покрај галеријата е исто така пешачка зона. Тука можете без брзање да прошетате до кејот „Водоодводен канал“, да се напиете префинето раф кафе во еден од кафе-баровите во паркот „Шмељов“, а потоа да ја преминете улицата „Болшаја Ординка“ и да влезете во улицата „Климентовски переулок“ која буквално е преполна со мали ресторани со отворени тераси.
Legion Media
Тука вреди да се влезе во Климентовскиот храм, една од најубавите цркви во градот. (Патем, треба да пробате и дали Мековите хамбургери се разликуваат од хамбургерите на синџирот за брза храна „Вкусно и точка“ кој се отвори наместо „Мекдоналдс“).
4. Од Воробјовскиот до Кримскиот кеј
Константин Кокошкин / Global Look Press
За љубителите на долгите прошетки, низ самиот центар на Москва поминува патека долга 8 километри. Можете да тргнете од метро станицата „Воробјови Гори“, каде што има жичарница преку реката Москва, и понатаму на кејовите има убави патеки за пешачење, трчање и возење велосипед.
Агенција „Москва“
Дури и московските снобови сакаат да се прошетаат низ овој крај, покрај „Нескучни сад“ и паркот „Горки“, каде што шетачите наминуваат да се напијат кафе или вино и да посетат фестивал што моментално е во тек, или Музејот на современа уметност „Гараж“, а потоа да продолжат по кејот покрај паркот „Музеон“ со многу фонтани и клупи за седење.
Legion Media
Може да застанете и во Нова Третјаковка. Таму се изложени дела на руското сликарство од ХХ век, меѓу кои има и слики од Казимир Малевич.
Legion Media
А можете да ја продолжиме прошетката и да поминете преку пешачкиот „Патријаршиски мост“, па долж новиот Дом на културата „ГЭС-2“ и фамозната скулптура „Голема глина бр. 4“. Таа долга прошетка можете да ја завршите во храмот „Христос Спасител“.
5. „Шкољнаја“ улица
Legion Media
Од неодамна пешачка зона стана и улицата „Шкољнаја“. Се наоѓа во близина на центарот, на истокот на Москва.
Legion Media
За разлика од новите висококатници во околните деловни центри, на оваа улица има претежно еднокатни згради и тој контраст е многу ефектен. Тука порано се наоѓала Рогошка Јамска Слобода („кочијашка населба“). Во XIX век оваа улица била еден од патиштата што воделе во градот и тука отседнувале бројни трговци со своите товари. Некои стари зданија сè уште ги имаат карактеристичните капии за коњски коли. Патем, до XVIII век улицата се викала „Тележнаја“ (од зборот „телега“ – запрежна кола), потоа станала „Прва Рогошка“, и дури во советско време „Шкољнаја“.
Legion Media
Доколку сакате да ја доживеете вистинската старовремска атмосфера на поранешна Москва, задолжително посетете го Спасо-Андрониковиот манастир. Тој е многу блиску. Во него се наоѓа Спаскиот храмот, една од најстарите цркви во Москва, каде што се зачувани фрагменти од фрески на средновековниот иконописец Андреј Рубљов. Во манастирот има и Музеј на староруска уметност.
Legion Media