10 места во Русија кои треба да ги посетите веднаш штом ќе ги укинат ограничувањата (ФОТО)

Legion Media; roman_lyubimskii
На крајот на јануари 2022 година Светската здравствена организација соопшти дека патните ограничувања поврзани со Ковид не се ефикасни и дека треба да бидат укинати. Да се надеваме дека границите конечно ќе бидат повторно отворени и да го планираме нашето прво патување!

Тоболск

Овој неверојатен град ја има единствената камена тврдина во Сибир. Некогаш патувањето до Тоболск одземало многу време: со авион до Тјумен, а потоа околу два часа со воз. Меѓутоа, среде пандемијата во 2021 година, овој сибирски град го отвори својот прв аеродром!

Тоболск е основан 1582 година, кога руските трупи предводени од козакот Ермак го истражувале Сибир. Градот стана упориште за идните експедиции и важен центар за трговија со Кина.

Дознајте повеќе за Тоболск овде.

Саратов

Зошто меѓу сите прекрасни градови на брегот на Волга го избравме овој? Одговорот е едноставен: на 1 јануари 2022 година Саратов официјално стана вториот по големина град во Русија. Тоа не се однесува на бројот на жители, туку на големината на територијата. По припојувањето на некои околни реони со околу 79 села, тој се прошири на 2100 квадратни километри (Москва има 2500).

Саратов е одличен град за запознавање со убавините на руската провинција. Основан е во XVI век и бил развиен трговски град. Во центарот на градот можете да видите стари дрвени куќи со резбани прозорски рамки, дачи од царскиот период, како и некои фабрики од советската ера.

Повеќе за Саратов можете да прочитате овде.

Село Бјохово

Се обложуваме дека не сте слушнале за ова место. Не слушнале ни многу Руси! Меѓутоа, во декември 2021 година, селото Бјохово во Тулската област (135 километри јужно од Москва) беше избрано од Светската туристичка организација за едно од „најдобрите туристички села“. Тоа звучи како добра препорака!

Бјохово е сместени на живописните брегови на реката Ока, а најважното обележје во селото е црквата „Св. Троица“ изградена во 1904-1906 година. Совршено место да се релаксирате, медитирате и обидете да ја сфатите мистериозната руска душа.

Фотографии од Бјохово погледнете овде.

Црвената шума кај Анапа

Во Советскиот Сојуз, повеќето го поминуваа летниот одмор на брегот на Црното Море. Пандемијата масовно ги врати туристите во тие краишта. Луѓето побрзаа на Крим, во Сочи и другите градови во Краснодарскиот крај, вклучувајќи ги Геленџик и Анапа.

Тука ќе најдете уште едно „ехо“ на советската ера: фантастичната црвена шума во долината Суко, која во 2021 година го освои „Инстаграм“. Зошто потсетување на советската ера? Бидејќи ова место е вештачки создадено и е последица на советската ера на експерименти. Најверојатно, мочуришните чемпреси биле донесени на ова место во 1930-тите од Северна Америка. А причината за нивната огнена црвена боја е просто... есента. Замислете само колку би било прекрасно да се возите на даска за веслање околу овие дрвја!

Погледнете повеќе прекрасни снимки и фотографии од ова место.

Градот Кудрово во близина на Санкт Петербург

Санкт Петербург е дефинитивно една од најпопуларните дестинации во Русија. Ако веќе сте ги виделе Ермитаж и сите други прекрасни дворци, сте се возеле со брод по Нева и каналите... тогаш е време за нови искуства!

Ако веќе сте уморни од ограничувања, работата од дома и сите мерки на социјално дистанцирање, Кудрово е вистинското место за вас! Само во станбениот комплекс „Нов Окервил“ живеат околу 20000 луѓе! Корисниците на „Редит“ веќе го исмеваа овој човечки мравјалник, но зарем не сте љубопитни лично да искусите како би било да се живее на такво место?

Дознајте повеќе за овој огромен градежен проект овде.

Алтајски планини

За време на двете години затворени граници, Русите повторно ги открија туристичките дестинации во својата земја. Планините Алтај се меѓу најпопуларните. Тука ќе ве пречекаат импресивните пејзажи и мистичната атмосфера на старите шамани и легенди. Можете да престојувате во луксузен хотел, да се одлучите за глампинг или да се осмелите на нешто малку поекстремно (и помалку удобно!) сместување во шатор. Изборот е ваш!

Специфичен начин да се запознаете со Алтајските планини е да патувате по Чујскиот автопат, кој се смета за еден од најубавите.

Погледнете епизода за Чујскиот автопат.

Уралски „Дизниленд“

Ова не е очигледна дестинација за патување, а сепак е возбудлива. Бизнисмен од малиот индустриски град Сатка на планината Урал ги претвори локалните приградски населби во голем тематски парк што личи на Дизниленд.

Има гусарски брод, витешки замок, водени тобогани, ликови од детски книги и многу други забавни содржини, како за деца, така и за возрасни. Инаку, местото го добило името по внуката на претприемачот: „Соњкина лагуна“.

Дознајте повеќе за рускиот Дизниленд овде.

Бањата Есентуки

За оние кои прележале Ковид, како и за оние кои ја избегнале инфекцијата, но сигурно претрпеле многу стрес, добро ќе им дојде малку бањски одмор и релаксација. На Кавказ има прекрасно место каде што можете да ги наполните батериите и да уживате во балнеотерапијата. Во Есентуки ќе имате можност да ја погледнете најголемата галерија на минерална вода во Европа! Таму можете да пробате различни видови минерална вода, а потоа да прошетате по специјалните „патеки на здравјето“ со поглед на природните убавини на Кавказот.

Дознајте повеќе за комплексот туристички места Минералние води и други места во близина на Есентуки овде.

Патување со Транссибирската железница

Пред да се воведат некои нови ограничувања (не дај Боже!), треба максимално да го искористиме секое патување. Можете да ја видите цела Русија на едно патување само кога патувате со воз. Поаѓате од Москва, потоа запирате во некои стари градови, некои познати места на Урал, некои сибирски... всушност, во многу сибирски градови, патем гледате многу реки, многу шуми, многу ридови и планини и многу убави железнички станици. Конечно, пристигнувате во Владивосток каде можете да уживате во специјалитетите од свежи морски плодови.

Прекрасно, нели? Дознајте кои се главните станици долж Транссибирската магистрала и што можете да видите низ прозорецот на возот.

Бајкалско езеро

Така е, сите туристички водичи на крај ќе ве одведат до Бајкалското езеро. А веројатно отсекогаш сте мислеле дека тоа е прескапо и предолго патување? Отфрлете ги овие предрасуди! Сосема е изводливо да се организира кратко патување и да се посети најголемото природно чудо на Русија. Дознајте повеќе овде.

А ако не се плашите од суровата руска зима, можете да тргнете на неверојатно возбудливо патување преку Бајкалското езеро. Сепак, бидете претпазливи...не само што ќе донесете прекрасни фотографии од патувањето, туку може да се случи да го оставите своето срце на Бајкалот, што од лично искуство може да го потврди и нашиот главен уредник.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња