Во оваа станбена зграда живеат над 18.000 луѓе! Како е можно да се живее на вакво место?

Ilya Varlamov (CC BY-SA 4.0)
Зградата со неверојатни размери во близина на Санкт Петербург е вистинска човечка кошница. Ги прашавме нејзините станари како е да се живее на вакво место.

„Замислете колку називи на Ви-Фи мрежи може да ви се појават за време на конекцијата“.

„Тука зомби-апокалипса би била пожестока“

„Тиндер веројатно кочи цела милја наоколу“

„Околу вас има 9.999 млади осамени мајки, кликнете тука да дознаете за ова“

Сиве овие шеги се посветени на „Нови Окервиљ“, најголемата повеќекатница во Ленинградската област. Зградата се наоѓа во градот Кудрово веднаш покрај Санкт Петербург. Според податоците на фирмата која го градеше објектот, зградата е предвидена за 20.000 луѓе, што значи дека во неа живеат жители на еден помал град.

„Нови Окервиљ“ всушност изгледа како град во град. Доволно е да го погледнете ова!

Корисниците на форумот Reddit се зачудија кога неколку фотографии од „Нови Окервиљ“ се појавија на потфорумот r/interestingasfuck. Пораката веќе првиот ден доби 10.000 плусови, а во коментарите започна поширока дискусија, од прашањата како во таа зграда е организирана испораката на храна (кутрите курири-доставувачи) до верзијата дека сево ова е руски еквивалент на трејлер парк. Како луѓето воопшто живеат тука? Најдобро ќе биде да слушнеме што велат самите станари.

Зошто луѓето живеат на вакво место?

Кои се причините што ги тераат граѓаните на Русија да се населуваат во „човекови мравјалници“ иако земјата е толку голема? „Нови Окервиљ“ во овој поглед е „мравјалник над мравјалниците“. Тој има 3.708 станови, 35 влеза и најмногу 25 ката.

Становите се главно семејни, најчесто двособни. На еден кат во просек има 4-6 стана, а во секој влез има по 4 брзи лифта. Огромниот станбен комплекс никна на ова место во 2015 година и веднаш стана популарен на пазарот на недвижнини.

„Како решив да живеам во оваа зграда? Најпрво зедов стан под наем, па потоа се вљубив во оваа зграда и тогаш го купив станот. Во тој момент чинеше 3.5 милиони рубли (46.600 американски долари). Сега истиот стан чини 5.6 милиони рубли (74.700 американски долари), вели еден станар на оваа зграда со псевдонимот Ekz0 на популарниот портал „Пикабу“.

Корисникот everlastsun на Редит дава подетален опис. Тој вели дека во зградата главно живеат луѓе кои изнајмуваат станови, а сакаат да имаат комфорни услови и речиси цело време го минуваат на работа. „Евтино е, и близу до сè што му е потребно на човек. Замисли да си од мал град и да си дојден во голем град во потрага по работа или да сакаш да започнеш сè од почеток... За таквите луѓе ова место е идеално. Свесен сум дека отстрана може да изгледа ужасно, но воопшто не е така“, вели тој, и додава дека „Нови Окервиљ“ живее веќе осум години.

Елена Черепова живее тука откако е изграден објектот: „Баравме стан во Санкт Петербург, но старата градба не ни се допадна. Зградите се трошни, а становите се во лоша состојба или се премногу скапи“. Таа вели дека на нејзиниот кат има осум станови, и од нив само два се двособни (останатите се еднособни). „Добив впечаток дека поголемиот број станови се издаваат зашто постојано се појавуваат нови соседи. Веројатно многумина тука ги сместуваат своите постари родители. Тие живеат во поголеми станови, а родителите тука си купуваат еднособен стан“, претпоставува таа.

Цел град на мал простор. Има ли оваа зграда сопствено училиште, болница и супермаркет?

Може да се каже дека има. Во слични згради, по правило, целото приземје се издава на фирми, а секоја дејност тука доаѓа предвид. Навистина, детските центри, дополнителното образование и училиштата се многу поретка појава од обичните продавници, од фризерските салони и кафулињата. Така е и во „Нови Окервиљ“.

„Во зградата има 7 продавници за намирници, 3 салони за убавина, продавница на пиво на точење, цвеќарница, продавница за градежен материјал, приватна детска градинка, три кафе-бара, пошта, шалтер за подигање онлајн-нарачки, аптека, здравствен дом, спортски терени за деца, продавница за опрема за домашни миленичиња, продавница за детска стока, продавница за канцелариски материјал и компјутерски клуб. Ова веројатно не е сè, можеби нешто имам заборавено. Веднаш покрај зградата има училиште и детска градинка, супермаркетот е зад аголот, хипермаркетот е на 500 метри од зградата, и има уште мал милион работи. Јас еднаш половина година не бев излезен од дворот на зградата зашто тука го има сето она што е потребно, а работев од дома“, раскажува Ekz0.

Инфраструктурата е најголемата предност на животот на вакво место, смета Елена: „Мене базенот ми е преку пат, секој ден одам на пливање. Продавницата, аптеката, фризерскиот салон – сето тоа ми е на дофат на рака. Во близина дури има и продавница за велосипедски делови“.

Станарите велат дека до најблиската метро-станица им се потребни 25 минути пеш, а можат да одат и со автобус, при што тоа е веќе Санкт Петербург. Оттука до центарот, односно до Сенатскиот плоштад има шест станици, а тоа е 26 минути возење, судејќи по навигаторот „Јандекс.Метро“. Речиси сите станари на „Нови Огервиљ“ работат во Санкт Петербург, а не во Кудрово.

Проблем може да биде само местото за паркирање, доколку не се плаќа за таа услуга. Бесплатното паркирање е во дворот на зградата, во неколку редови. Како што наближува вечерта, потрагата по место сè повеќе личи на авантуристичка видео-игра. Три детски игралишта се целосно блокирани со редови од паркирани автомобили. „Болно е тоа што преку патот од зградата има три огромни паркиралишта кои се плаќаат, а таму најниската цена е 150 рубли (2 американски долари), поевтино од кутија цигари. Но, овие паркинзи се секогаш полупразни. Јас не сум циција, плаќам и се паркирам како човек, за некој да не ме блокира, да не ме закачи итн.“, вели Ekz0.

Зградата нема сопствено училиште, но во близина има училиште за 1.600 ученици и во неа одат децата од блокот. „Пред четири години ја одведов ќерка ми таму. Училиштето е предвидено за 1.600 деца, а беа запишани 2.200. Имаше десет први одделенија и во секое од нив имаше 36 ученици. За сите да можат да бидат сместени беше воведен временски распоред на наставата: едни доаѓаа во 8.30, други во 11.30 и така натаму. Тоа навистина е неподносливо, па го сменивме училиштето“, раскажува Елена. Сега во Кудрово е направено ново училиште и сите очекуваат дека ситуацијата ќе се поправи.

Дали е напорно да се има толку соседи?

„Воопшто не е. Јас одвај чекам да сретнам или да слушнам некого“, вели everlastsun. Буката од дворот ретко допира до становите. Понекогаш пијаниците ретко (главно во петок) викаат некаде во далечината, и тоа трае околу една минута, потоа повторно настапува тишина“.

„Ѕидовите се дебели, соседите не се слушаат, во лифт сите се поздравуваат едни на други, иако речиси никој никого не познава, никој не нè вознемирува, никој не прави проблеми“, потврдува Ekz0.

Во зградата има 35 влеза, што значи дека на една врата не влегуваат многу луѓе, вели Александар. Тој тука живее со семејството: „Ретко ги гледаме соседите. На нашиот кат има само 10 стана. Претходно живеевме во зграда со 400 стана, и сите беа во ист влез. Навечер се чекаше ред за влез во лифт, како да влегувате во метро“.

„Не разговараме низ прозорец (тоа е мошне близу и не е многу убаво), но можеме да се сретнеме и да разговараме на заедничкиот балкон (нешто слично на пожарникарски скали) кога ќе излеземе да испушиме цигара“, истакнува everlastsun, споменувајќи и неколку групи на социјалните мрежи каде станарите делат едни со други вести или бараат помош. Во една таква група на Телеграм една девојка пишува: „Може ли некој да ми помогне да излезам на крај со соседите кои ноќе постојано слушаат гласна музика? Не, полицијата не реагира“.

Everlastsun вели дека припаѓа на друштвото соседи кои имаат кучиња: „Јас има големо куче (германски овчар) и ги познавам сите сопственици на кучиња во околината. Обично одиме заедно на прошетка или се среќаваме некаде надвор, на определено место“. Елена вели дека неколку пати соседите се имаат собрано на квизови, и оти и таа присуствувала, но набргу „сето тоа спласнало“.

Има ли доволно сончева светлина?

Популарниот блогер Иљја Варламов, познат по своите урбанистички тестови на различни градови, по посетата на Кудрово и „Нови Окервиљ“ рече: „Ако погледнете како е изграден, ќе видите дека оваа градба е пример за тоа како треба да градите кога имате некој плац и како од него да исцедите максимум пари. Уфрлете го плацот во компјутерска програма и задајте му го максималниот број катови. Тука некои блокови се пониски само за да се испочитуваат нормите на инсолација. Со други зборови, тука е направено сè за зградата да ги исполни нормите, но ништо повеќе од тоа. Тоа е најевтин и најоскуден станбен простор“.

Нормите очигледно функционираат зашто никој не се жали на недостиг од сончева светлина (во оние ретки денови кога тука се појавува сонцето). „Моите прозорци гледаат во дворот, наутро сонцето го осветлува станот, а преку ден во дворот има пријатна ладовина, додека навечер е осветлена спротивната страна на зградата, така што сите имаат светлина. Со оглед на тоа што има многу површини кои ја одбиваат светлината, може да се каже дека светлина има колку што ти душа сака“, вели Ekz0.

Колку е скап животот во блокот?

Во самото Кудрово оваа зграда се третира како елитна, „зашто таа е прва и најквалитетна“, вели Александар. Според него, тука практично нема празни станови. Тој се обидел да изнајми уште еден стан за канцеларија и тоа било проблем.

„Цените за издавање на станови се следниве. Еднособен стан со реновирање по европски стандард чини 19.000 рубли (253 американски долари). Комуналка (заеднички стан за неколку семејства) чини 6.000 рубли (80 американски долари), има и подно греење. Сè е ново – мебелот и техниката. Ако некој сака да купи нов двособен стан, тоа ќе го чини 7.5 милиони рубли (100.000 американски долари) Според тоа, тука одамна нема евтини станови“, вели тој.

Сè на сè, дали е ова убаво место за живеење?

Everlastsun признава дека тоа е прилично тешко прашање. „Лично јас не би сакал тука да го минам сиот живот. Но, ова не е некое ужасно место за живеење. Убаво е, па дури е и фино. Наоколу има училишта и градинки, и сето она што е потребно е на дофат на рака. Не е далеку ниту убавиот парк-шума (30 минути пешачење). И да, тука луѓето се чувствуваат безбедно“.

Александар признава дека ова е најдобрата зграда од сите во кои има живеено во текот на последните 20 години. „Има три главни предности. Прво, тоа е квалитетот на градбата. Имаме четири мошне добри и просторни лифта во кои можеме да превезуваме дури и мебел. Сè е под видеонадзор, никој не се плаши да го остави автомобилот пред зградата. Второ, услугата е одлична. Сè е измиено и чисто, дури и огледалата во лифтовите се почисти одошто дома. Ѓубрето не се натрупува, редовно се носи. Трето, има многу продавници. За една до две минути се стасува до продавница во која има сè што е потребно. Има една минута до училиштето, две минути до детската градинка. Тука сме среќни. Познаваме уште неколку луѓе од нашата зграда, и тие се задоволни“.

„Вистинско задоволство“, без двоумење вели Ekz0. Од лошите нешта тој ја наведува само непостојаната цена: за еднособен стан во текот на летото се плаќа 1.400 рубли (19 американски долари), а во текот на зимата до 5.500 (73 американски долари), поради што постојано поднесува тужба против фирмата која се занимава со управување и со одржување на станбената зграда и тие периодично му враќаат пари. Тука е уште и проблемот со сообраќајниот метеж наутро и навечер.

„Кога зборуваме за сето останато, не страдаме од пренаселеност, од суши и епидемии, пајакот веднаш ги носи автомобилите што се непрописно паркирани и тоа потоа чини 7-8 илјади рубли, куририте-доставувачи не можат да се изгубат во дворот и да останат без работа, и не се забележани случаи на „повампирување“ поради недостиг од светлина.

Прочитајте исто така: Како зградите од бетонски панели станаа симбол на Русија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња