Како еден руски град преку ноќ стана втор по големина во Русија?

Валериj Мељников/Sputnik
Жителите на градот се шегуваат дека е речиси невозможно да се напушти Саратов и тоа не поради видиците на Волга, ниту поради прекрасната стара архитектура во центарот на градот.

Додека Русите ја славеа Новата година Саратов на реката Волга за пет пати се зголеми и на тој начин стана втор град по големина во земјата, веднаш по Москва, заменувајќи ја на тој начин позицијата на Санкт Петербург. Од 1 јануари 2022 година на Саратов му се приклучија соседните урбани населби и градското подрачје достигна 2.100 квадратни километри. На оваа површина живеат нешто помалку од еден милион луѓе. Москва има површина од 2.500 квадратни километри, а има 15 пати повеќе луѓе. Каков град е Саратов и зошто неговите жители се шегуваат дека е невозможно да се напушти?

Живописна провинција на Волга

Саратов е стар трговски град основан во 16 век. Во неговиот центар можете да видите градби од различни стилови и од различни епохи: дрвени куќи со изрезбани прозорски рамки, луксузни предреволуциони вили, монументални советски фабрики.

„Центарот на Саратов се наоѓа во свиок опкружен со ридови од кои се простира прекрасен поглед на градот, на Волга и на симболот на градот – мостот преку Волга долг речиси три километри кој го поврзува градот со соседниот град Енгелс“, вели неговата жителка Ксенија Чернова.

Шетајќи по улиците на Саратов, можете да ѕирнете во минатото, дури и ако само гледате под нозете. Имено, капаците на шахтите се произведени во локалната леарница пред 1917 година со натписи со староруското писмо и тие и понатаму се зачувани на улиците, вели Ксенија.

Една од највпечатливите градби во градот е Конзерваториумот од почетокот на 20 век кој е изграден во псевдоготски стил. Се смета за водечка музичко-образовна установа во земјата, каде младите музичари од сите регион сакаат да се запишат. Веднаш зад оваа зграда започнува долга пешачка улица со пријатни кафулиња, со сувенирници и со зони за одмор. Доволно е да го посетите само овој централен реон, па да ја доживеете вистинската, опуштена атмосфера на руската провинција!

Кога станува збор за предградијата, тие оставаат помалку пријатен впечаток. Типските станбени блокови, дворовите преполни со автомобили, константните сообраќајни метежи, улиците затрупани со снег што никој не ги чисти. Од време на време жителите од предградијата своите реони на социјалните мрежи ги опишуваат како „комунален пекол“: приватните и градските возила се заглавуваат во снежни навеви, а тротоарите и скалите назима се претвораат во Монт Еверест.

Во Русија Саратов е познат како „град од кој е невозможно да се замине“. Неговите жители редовно објавуваат фотографии со оваа фраза.

Натпис: Луѓето со воз се обида да заминат од Саратов, но...

Причината за ова интересно тврдење лежи во тоа што по лошо време едноставно е невозможно да се вози кола низ градот, зашто поради тоа што слабо се чисти снегот, поради тоа што нема доволно сливници и поради лошиот асфалт по улиците течат реки.

Всушност, Саратов константно се наоѓа меѓу градовите со најголем одлив на население.

Во тоа лежи парадоксот: жители има сè помалку, а градот притоа расте. Зошто е тоа така?

Саратов е сè ПОГОЛЕМ!

Во советско време во градот живееле речиси еден милион жители. Во тоа време градовите со еден и повеќе милиони жители имале право да изградат метро, како што се случило во Самара, во Нижни Новгород и во Казањ, кои исто така се наоѓаат на брегот на Волга. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век постоел и проект за метро за Саратов, но тогаш Советскиот Сојуз се распадна и сообраќајните проблеми го изгубија значењето во споредба со економските. Одбранбените и машинските фабрики беа затворени поради преминот од планска на пазарна економија и многу луѓе останаа без работа.

Денес идејата за ширењето на градот повторно е обновена. Во 2022 година 79 околни села беа припоени на Саратов.

Тоа не се случи поради соништата за метрото. Градската управа објаснува дека проширувањето на градот значи дека му стануваат достапни федералните фондови, што овозможува унапредување на инфраструктурата, создавање повеќе работни можности и отворање работни места.

А, Саратов нема намера тука да запре. Веќе низа години планира да го припои градот Енгелс и соседните населби.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња