Што сè мoжете да видите низ прозорецот додека се возите по Транссибирската железница

Legion Media
Речиси една недела на шини, 9.300 километри и 145 станици. Најдолгата железница на светот минува речиси низ цела Русија. Пред очите на патниците се појавуваат бескрајни шуми, неколку планински масиви, моќни реки, па дури и Бајкал. Но, да тргнеме по ред.

Шуми

Шумите се најголемиот дел од патувањето. Понекогаш пејзажот со бесконечна низа стебла со часови не се менува. Многумина патници ова го доживуваат како своевидна медитација која е проследена со рамномерното чукање на тркалата на возот.

Меѓутоа, шумите не се секогаш исти. Првиот ден од патувањето по листопадните брезови шуми доминираат смрчи. Следниот ден возот стасува до Уралските планини, а низ прозорецот се гледаат ниски елки кои растат во клисурите и во засеците меѓу планинските масиви.

„Коритото на реката Вишера за мене се најубавиот пејзаж што го видов во текот на шест дена патување“, пишува новинарот Јуриј Лепски.

Во источен Сибир и на Далечниот исток има многу четинарски тајги. Овде-онде живеат мечки и амурски тигри. Меѓутоа, тешко можат да се видат низ прозорецот на возот.

Степа

Кон крајот на вториот ден, кога возот ќе го мине Уралскиот масив и кога ќе стаса во азискиот дел на Русија, се приближува кон границата со Казахстан. Сега веќе ретките шуми неочекувано исчезнуваат, а пред очите на патникот се појавува практично пустина. Рамната степа не се губи во следниот час и половина. Така започнува Западен Сибир.

Сибир

По називот на железницата јасно е дека таа минува низ Сибир. Поголемиот дел од патувањето, всушност, се одвива низ бескрајниот Сибир. Меѓутоа, тоа воопшто не се само тајга и снег. Тука има и градови, и планини, и уште многу други работи, речиси цела Русија. „Сибир е во боја, брезите се во беж боја, ораниците кафеави, руските возови се црвени, ливадите зелени, небото е сино, вратите и покривите на автомобилите се темно сини“, ова е впечатокот на Тод Селби кој патувал по Големата Сибирска железница на патот од Париз во Шангај.

Реки

Енисеј

Минувајќи низ целата земја, возот ги пресекува и сите главни реки. Кама, Об, Енисеј, Амур... и уште неколку помали. Композициите минуваат преку мостовите полека, така што широките реки можат да се видат во сета своја убавина.

Патем, до неодамна во Краснојарската рута на Транссибирската железница се минуваше преку железничкиот мост на реката Енисеј. Мостот доби златен медал на Светската изложба во Париз во 1900 година. Со жирито претседаваше лично Гистав Ајфел. Во советско време поради зголемување на пропусната моќ изградени се уште два моста. Стариот „царски“ мост беше демонтиран во 2007 година.

Енисеј

„Многу ми се допаднаа зајдисонцата на големите реки, Волга и Амур. Тоа беа глетки на нестварна убавина“, забележува австрискиот фотограф Георг Валнер, кој во 2019 година патувал по Транссибирската железница.

Железнички станици

Сљудјанка

За оние што сакаат возови и железници ова патување ќе биде вистински рај. Тешко дека на друго место можат да се видат толку различни станици и постојки. Пругите без крај, изградени уште кон крајот на деветнаесеттиот век, мрзеливо се протегаат, се искривуваат и се вртат. А, возовите итаат еден на друг во пресрет.

На големите станици неискусен патник може да се восхити од мноштвото главни и споредни колосеци, како и бесконечните вагони, товарните возови со јаглен, со цистерни и со друг товар. Не се ништо помалку  импресивни патничките возови од сите видови и патниците од најразлични делови на земјата.

Сљудјанка

Најубави на ова патување се, секако, железничките станици. Некои од нив освојуваат со советскиот шарм и со монументалноста, а многу се изградени уште во времето на царската Русија. Железничката станица во градот Сљудјанка, да кажеме, е целата од мермер. Во големите градови возот застанува подолго време, понекогаш и еден час (најдолго стои во Хабаровск – 70 минути), така што станиците може внимателно да се разгледаат од сите страни.

Бајкал

На крајот од третиот ден од патувањето возот ненадејно излегува од уште еден тунел и „удира“ директно на езерото Бајкал. Кружната Бајкалска пруга нуди можност за уживање повеќе од два часа во разгледувањето на едно од најголемите езера на светот. Не пропуштајте го тоа, од споменатата станица Сљудјанка до станицата Мисова.

Планини

Планините започнуваат по Перм. Возот ја минува „вододелницата“ на Русија, Уралските планини и се движи на југ каде патниците ги очекуваат врвовите на Сајан. Јужно од Бајкал вниманието ќе го плени уникатниот планински масив Хамар-Дебан зашто возот извесно време минува по должината на планината. Врвовите можат да се видат и додека возот сообраќа низ Бурјатија, од Улан Уде до Чита, главниот град на Забајкалскиот крај.

Улан Уде

На Далечниот Исток композицијата го пресекува Хинганскиот планински венец и минува низ седум Хингански тунели, од кои некои се долги и до два километри. На Усуријскиот дел од железницата кој минува низ Хабаровск и Приморскиот крај низ прозорецот може да се види планинскиот венец Сихоте Алињ. Во непосредна близина е границата со Кина.

Градови

Транссибирската магистрала минува низ дваесет градови на Русија. Тргнува од Москва и минува низ:

- старите градови Јарослављ и Косторма,

- главните градови на Урал – Перм и Екатеринбург,

- сибирските милионски градови Новосибирск и Краснојарск,

- Иркутск, каде во царско време биле прогонувани бунтовниците-декабристи,

- главниот град на будистичка Бурјатија Улан Уде,

- Биробиџан, главниот град на Еврејската автономна област (сте знаеле ли дека постои такво нешто во Русија?).

Патувањето завршува во карактеристичните азиски градови во Русија Хабаровск и Владивосток. Во овие градови најдобро ќе ја почувствувате разноликоста на земјата. Особено ако се симнете од возот и ако прошетате во само некои од нив. Еве ги нашите препораки за главните станици на Транссибирската железница на кои треба да се симнете.

Покрај споменатите големи градови низ прозорецот од возот можете да видите разнолики куќи, напуштени села, стари цркви. Но, и Руси кои живеат покрај пругата, кои работат на железницата и кои се возат по неа.

Прочитајте исто така: Како изгледа секојдневието во воз на Транссибирската железница? (ФОТОГРАФИИ)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња