Русија е најголема земја во светот по територија, а по бројот на жители е дури на деветтото место. Интересно е што огромната територија на Руската Федерација е претежно ненаселена, а повеќето од вкупно 146 милиони нејзини жители живеат во густо населени градови.
Клима
На оваа мапа е прикажана густината на населението во Русија. Врз основа на неа може да се стекне приближна претстава за тоа во која мера руското население е нерамномерно распоредено на огромната територија.
Околу 68% од населението на Русија живее во европскиот дел на земјата кој сочинува само 20% од нејзината вкупна територија.
На останатиот простор живеат 32% од населението, а неговата густина надвор од градовите е во голем контраст со пренаселените градови. Една од клучните причини за оваа појава е суровата клима во одделни далечни региони на РФ.
Во Русија луѓето со векови ги населувале подрачјата каде што климата овозможува да се обработува земјата и каде што климатските услови се поволни за живот. Гледано во целина, јужниот дел на Русија е погусто населен од регионите на рускиот Север и рускиот Далечен Исток.
Непрегледните подрачја на рускиот Север и во Сибир се познати по суровата клима и непристапноста, па затоа имаат најмала густина на население. Јамало-Ненецкиот автономен округ и Камчатка на рускиот Далечен Исток, Саха на северот на Русија и оддалечените подрачја на Магадан и Чукотка имаат помалку од 1 жител на километар квадратен. Најмала густина на население има на Чукотка, каде што има 0,07 жители на квадратен километар.
„Секој петти граѓанин на Русија живее во нејзиниот азиски дел, а тоа се скоро три четвртини од територијата на земјата. Особено слабо населени се регионите на крајниот Север и подрачјата […] каде што владеат сурови климатски услови, а кои сочинуваат околу 70% од територијата на Русија“, вели Екатерина Шчербакова, виш научен соработник на Центарот за демографски истражувања на универзитетот „Висока школа за економија“, (учесник во „Проектот 5-100).
Економија и политика
Одредена улога игра и економскиот просперитет. Најуспешни руски градови во економска смисла се Москва и Санкт Петербург, и тие се истовремено и најгусто населени. Москва има 4941 жител на километар квадратен, што е најголем показател во цела Русија, додека Санкт Петербург има 3837 жители на километар квадратен.
На спротивниот крај од овој спектар се наоѓаат одредени региони на Русија, кои според неодамна објавеното истражување се прогласени за економски најмалку успешни региони, а истовремено имаат и крајно ниска густина на население. Тоа се, на пример, Тува (1,96 жители на квадратен километар), Калмикија (6,61) и Еврејската автономна област (4,31) на рускиот Далечен Исток.
Повремено населението во ретко населените региони на Русија стануваше погусто околу локалните индустриски зони или поради потезите на власта.
„Во 20 век доминантен тренд беше регулираното преселување (понекогаш и со помош на многу остри мерки) на север и исток, а во помала мера на југ. Тоа беше поврзано со потребата од индустријализација на природните ресурси, развојот на економијата на различни територии и зајакнувањето на источните граници. Важна улога играше и евакуацијата на многу индустриски претпријатија од европскиот дел на земјата за време на Втората светска војна“, вели Шчербакова.