Што треба да јадете ако сакате да преживеете на Северниот пол?

Cyprien Verseux,Carmen Possnig/ESA
Русите биле испраќани на Северниот пол како да ги испраќале во космосот, но со 5 тони храна.

Пред космосот да стане нивниот најголем сон, светските суперсили сонувале за Северниот и за Јужниот пол. Било важно кој ќе стаса прв во тие непристапни зони. Во таа трка учествувале главно СССР и САД. Во 1937 година Сталин потпишал таен указ за испраќање експедиција на Северниот пол, најнепристапното подрачје на Земјата. Всушност, таму и нема земја, зашто Северниот пол е покриен со мраз кој лебди во Северниот леден океан.

Во мноштво разни прашања клучно било она како и со што ќе се храни експедицијата. Потребно било четири лица целосно сами да минат речиси една година во екстремни услови.

„Солена чоколада со месо во прав и пилешко во прав“

Иван Папанин снима ја дегустацијата на првото јадење на станицата „Северен пол“

Цел институт една година пред почетокот на експедицијата почнал да го подготвува менито. „Обезбедете ни ручек за две години“, рекол тогаш водачот на експедицијата Иван Папанин. Од некаква причина најмногу се плашеле да не умрат од глад.

Потребата за храна барала многу. Било планирано секој член на експедицијата на Северниот пол дневно да внесе 7.000 (!) калории (во обични услови нормата за возрасен маж е 2.500 калории). Било речиси неизводливо да се префрли на Северниот пол толкаво количество храна во нејзиниот вообичаен облик, па било одлучено да се направат концентрати, односно сублимирани (исушени) намирници.

Ернст Кренкељ, дежурен во кујната на станицата „Северен пол“. Покрај него е кучето Весели.

Институтот смислил 40 видови концентрати во коцки – од пилешки котлети и боршч до „соленкасти чоколади со додаток од месо во прав или пилешко во прав“ (велат дека второво имало одвратен вкус, но е прогласено за врвен хранлив концентрат во екстремни ситуации).

Секој концентрат најпрво морал да биде покиснат во зовриена вода и да биде оставен во неа 3-5 минути. Ова време во институтот се мерело со хронометар. Требало да се обезбеди најбрз можен начин за подготовка на храната. Многу намирници биле тестирани. На пример, експериментите покажале дека од сите видови сирења, топеното сирење најдобро се прилагодува на поларните услови.

Сепак, дури и со суперкомпактни концентрати за четворица на Северниот пол морале да бидат испратени 5 тони храна.

Менито на „поларниот човек“

Значи, поларното мени за еден ден, според Михаил Бељаков, директор на веќе споменатиот Институт за јавна исхрана, изгледал отприлика вака: „Појадокот, ручекот, ужината и вечерата за секој член на поларната експедиција се состоеле од 3-4 јадеа. Како пример тука ќе го наведеме менито од првиот ден од престојот на Северниот пол.

За појадок: кафе, пресуван кавијар, природен омлет и двопек од бел леб со месо.

За ручек: боршч со сува сланина и ребра, месни котлети со грашок, компот од овошје и леб.

Меѓу ручек и вечера – ужина. Овој меѓуоброк се состои од чај со витамински бонбони, двопек и свинска сланина.

За вечера жителите на Северниот пол добивале соте Строганов (говедско во сос од павлака), сутлијаш, чоколада и двопек со месо.

Сите сублимирани намирници биле затворани во специјални метални канистери тешки 44 килограми со залемен капак. Освен овие канистери се носеле, на пример, и неколку вреќи компир, кромид и лук, пакети со путер итн. А, бидејќи водачот на експедицијата немал доверба во сублимираните намирници, зеле и 159 килограми замрзнати пељмени. Од алкохолни пијалаци носеле коњак и домашни овошни ликери.

А, кога станува збор за пресуваниот кавијар (црната икра), овој деликатес поларните жители го јаделе со лажици, и тоа без леб. Леб немало, или имало многу малку.

А, што се јаде денес на Северниот пол?

Готвач во кујната на нуклеарниот мразокршач „50 години од Победата“ во Северниот леден океан.

Ако денес уплатите патување на Северниот пол, нема да ви биде потребено никакво „поларно мени“. Ќе пловите на нуклеарен мразокршач кој има сè – од билјард до сауна. И секако, ресторан со вообичаена европска кујна.

А, ако одите на Северен пол со експедиција, тогаш суштински ништо не е сменето: „На патување носиме сланина зашто многу ја сакаме. И алва со чоколаден прелив, разно сушено овошје и јаткасти плодови. А, инаку се храниме со сублимирани намирници. Само ги полеваме со зовриена вода и чекаме да отстојат. Јадеме, на пример, каша со месо или боршч. Вкусот не е нешто посебно, но затоа е брзо и хранливо“, раскажува Матвеј Шпаро, директор на „Лабораторија на патувањата“.

Рибни конзерви

Малку поедноставно им е на оние што заминуваат на Јужниот пол. „Таму постои американската поларна станица каде човек може добро да се освежи. Тие имаат право на свежо овошје и зеленчук – сето тоа редовно им стасува со авион. На нашата руска станица Восток снабдувањето не е толку редовно. Авионот со свежо овошје доаѓа само двапати во сезоната. Но, останатото го имаме – месо, житарки“, раскажува Виктор Бојарски, истражувач на Северниот и на Јужниот пол и директор на Државниот музеј на Арктикот и Антарктикот.

На руската станица има „обично руско“ мени, вели тој: за појадок каша, кашкавал и колбаси, а за ручек боршч. Сладолед таму прават самите. Мешаат снег, шеќер, сируп и џем.

Подготовка за експедицијата „Барнео 2017“

„Виното и пивото се вистински деликатес на Антарктикот. Сè што не поднесува мраз е деликатес“, вели Бојарски. „На пример, поларните истражувачи повеќе ја ценат саламата 'Докторска', одошто сушен колбас, зашто 'Докторска' не може да се замрзне – веднаш се претвора во камен, а потоа се топи зашто во неа има многу вода. А, добро исушениот колбас може да се јаде и по замрзнувањето, и тоа го јадеме секој ден. Според тоа, ако сакате да израдувате поларен истражувач, кога ќе му дојдете на гости донесете му пиво и 'Докторска', а не добро исушен колбас или вотка – тоа има доволно“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња