Се смета дека островот Шпицберген на архипелагот Свалбард на Северниот пол е територија на Норвешка. Според меѓународниот договор на него се наоѓаат и неколку руски населби. Тука, на 78 степен северна географска ширина, подигнат е најсеверниот православен храм на планетава.
Уште во 1920 година на Париската конференција потпишан е договор за посебен статус на Шпицберген. Во документот е потврден суверенитетот на Норвешка, но се дозволува економска и научна дејност на други држави.
Според историските околности на ова подрачје покрај Норвешка сè уште е значајно присутна само Русија. И двете земји практично до крајот на 20 век оттука ископуваа јаглен, но со текот на времето резервите пресушија, а ни од економски аспект ова повеќе не беше исплатливо. Рударските окна едно по друго беа конзервирани. Денес тука постојат уште неколку норвешки градови (најголем Лонгјир со 2.000 жители), а исто така и рускиот град Баренцбург во кој живеат околу 500 луѓе. Сите тие се рудари ко тука се преселиле со семејствата уште во советско време, а има и сезонски работници. Тие и понатаму вадат јаглен (за интерни потреби) и работат во туристичката сфера – водат екскурзии низ напуштените населби и по брегот на Баренцовото море.
На архипелагот во 1996 година се случи страшна авионска несреќа. Авион Ту-154М, кој долета од Москва, за време на слетувањето се удри во брдо. Загинаа сите патници и членови на екипажот, вкупно 141 лице. Поголемиот дел беа рудари од компанијата „Арктикугољ“. Во знак на сеќавање на оваа трагедија во градот е подигната капела на иконата на Неракотворниот Спасител и внатрешен храм Успение на Пресвета Богородица во локалниот дом на културата.
Баренцбург засега нема постојан православен свештеник, но за време на празниците во црквата се вршат богослужби. Поради тоа Руската православна црква неколку пати годишно испраќа свештеници на ова место. Еден од првите беше сегашниот патријарх Кирил, тогашен митрополит Смоленски и Калининградски. Тој во 1997 година, на годишнината од трагедијата, дојде за да го освети храмот.
Стара дрвена капела во рударското гратче Баренцбург на архипелагот Свалбард (Шпицбершки острови).
Михаил Воскресенски/Sputnik„Луѓето тука се мошне отворени и благонаклонети. Кога минувам низ населбата многумина ми приоѓаат ме прашуваат нешто, дури и земаат благослов“, раскажува протојерејот Андреј Близњук, кој дошол во Баренцбург во 2013 година. „Со многумина разговарав и не сретнав ниту еден атеист. Постојат луѓе кои се сомневаат, има и такви кои ги мачат тешки прашања – некому му починала жената, некоја жена ја напуштил мажот, затоа тие страдаат и бараат поддршка“.
На островот доаѓа само еден свештеник зашто е многу скапо ако допатуваат неколкумина. Но, жителите помагаат во богослужбата – во олтарот и крај певницата. На литургиите задолжително се читаат молитви за душите на рударите кои загинале тука.
Свештениците вршат богослужби во храмот, но се спуштаат и во рударските окна на Баренцбург, и тоа не само за разговор со рударите. Според отец Андреј, мештаните го замолиле да ги осветува и окната каде често доаѓа до одрони и каде избувнуваат пожари. „Пред крајот на мојот престој на Шпицеберген го осветував рудникот во неколку фази: најпрво просториите на површината, транспортерите, термоелектраната итн. Потоа се спуштив на длабочина од 260 метри, ја осветував жичарницата и алатот. За време на паузата отидов на одмориште на длабочина од 515 метри за да проверам колку долго сум под земја. Во тој момент стаса известување дека окното се одронило на три места кадешто работеше смената. Од 2008 година нема ниту еден смртен случај. Кога главниот инженер ги дозна сите детали за оваа вонредна ситуација, радосно ми рече: „Има тука нешто! Луѓето заминаа од тоа место пред одронот!“.
Кога во Баренцбург нема руски свештеник со верниците контактира лутеран, настојник на Свалбардскиот храм (Svalbard kirke) во норвешкиот град Лонгјир кој се наоѓа неколку километри од рускиот град. Тој не ги убедува православните христијани да преминат кај лутераните. Згора на тоа, лутеранската црква ѝ има предадено на православната неколку кутии со Библии на руски јазик, така што соседите се во добри односи, А, зарем може да биде поинаку на крајот од Земјата?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче