Три автохтони народи на Русија кои ја презираат цивилизацијата

Патувања
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Овие луѓе прават облека и шатори од животинско крзно, го јадат она што ќе го уловат и непречено ги минуваат меѓународните граници.

Ненци

Тие одгледуваат ирваси и се шегуваат со своите богови. Ненците се еден од најмалобројните народи во Русија. Според пописот од 2010 година, во Русија живеат само 44.640 претставници на оваа народност.

Ненците живеат во тундрата и талкаат по огромните пространства на брегот на Северниот леден океан, од Колскиот полуостров до Тајмир. Како и нивните предци, носат облека од животинско крзно и водат номадски живот. Од едно место на друго патуваат во запреги со ирваси, а онаму каде што ќе запрат, прават престојувалиште и подигнуваат шатори кои ист така ги прават од крзно.

Во центарот на чумот (така тие ги нарекуваат своите шатори) стои печка „буржујка“. Со ложење се занимаваат исклучиво жените. Девојчињата од мали нозе се учат да ложат оган.

„Женскиот дел од чумот е веднаш кај влезот. Жените фасцинантно работат со огнот. Дури и малите девојчиња мошне вешто со прстите го распоредуваат јагленот и го палат. Користат различно гориво, од црн мов до џуџеста бреза“, вели етнографот Андреј Головњов, автор на документарен филм за животот на Ненците.

Мажите главно се одмораат, и тоа само на својата половина од шаторот, каде според верувањата на Ненците живеат духови. Поделбата на машко и женско во престојувалиштата на Ненците е бескомпромисна. Ако жената случајно пречекори машки предмет, задолжително мора да се изврши обред на чистење со чад. Во чашка со јаглен се ставаат парчиња кожа од дабар, па тој предмет се нанесува над садот кој се чади. Само на овој начин жената во ненцкото семејство може да ја среди својата голема непретпазливост.

Ненците имаат демократски односи со своето божество. За нив „човекот и богот се ликови од еден ист дијалог. Ненците дури и си дозволуваат да се шегуваат со боговите“, вели Головњов.

На овој народ не му се туѓи ни благодатите на цивилизацијата. Многумина во своите традиционални претсојувалишта имаат мобилни телефони, па дури и моторни санки, но Ненците сепак до денешен сен ги имаат зачувано обичаите и начинот на живот на своите предци. Нивни традиционални занимања и понатаму се одгледување ирваси и риболов.

Ескими

Во светот има околу 150.000 Ескими. На територијата на Русија живеат само 1.738 претставници на оваа народност. Живеат на брегот на Чукотка, ловат моржеви и ги посетуваат роднините во САД.

Претставниците кои живеат на територијата на Русија се нарекуваат сибирски или азиски Ескими. Тие се во блиско сродство со Ескимите што живеат во САД.

„Островот Сент Лоренс (Аљаска, САД) се наоѓа на 60 километри од Чукотскиот полуостров. Тие [американските и руските Ескими] се роднини. Пред почетокот на Студената војна, односно до 1948 година имале мошне блиски контакти. Во старите ескимски престојувалишта археолозите денес имаат најдено празни шишиња од американско виски. Доколку Ескимите пред воспоставувањето на советската власт во текот на дваесеттите и триесеттите години знаеле некои европски јазик, тоа не бил рускиот, ами англискиот“, вели етнологот Дмитриј Опарин, предавач на Московскиот државен универзитет.

Ескимите што живеат на Чукотка долго време беа изолирани и оградени од влијанието на руското население. „Руското влијание на Чукотка стана забележливо дури по доаѓањето на советската власт во текот на триесеттите години од минатиот век. Пред револуцијата [таму] беше [забележливо] американското влијание. Возрасните Ескими зборуваа англиски и работеа на американските бродови како китоловци. Многумина често поминуваа време во градовите на западниот брег на САД и користеа западни производи: алкохол, гуми за џвакање, оружје, облека и накит“, раскажува Опарин.

Ловот на крупни морски животни е главното традиционално занимање на овој народ. Ескимите ловат во група од 3 до 12 ловци.

„Тие и понатаму се занимаваат со лов. Во селата постојат екипи ловци кои ловат моржеви, китови, обични фоки, брадести фоки и раи-каменици. Тие се одлични и вешти ловци. Оваа вештина се пренесува од колено на колено“, вели Опарин.

Многумина мислат дека Ескимите живеат во иглу, но современите Ескими во Русија живеат главно во населби со обични дрвени куќички. Сепак, и понатаму веруваат во духовите на предците и практикуваат шаманизам.

Интересен е фактот што на автохтоните жители на Чукотка не ум е потребна американска виза ако сакаат да ја посетат Алјаска. Специјалниот договор помеѓу САД и Русија предвидува безвизен режим за автохтоните народи кои живеат од двете страни на границата.

Нанајци

По должината на реката Амур и на нејзините притоки во Хабаровскиот крај на Русија живеат Нанајците, малобројна автохтона народност.

Според легендата Нанајците водат потекло од тигарот од тајгата и ќерката на првата двојка луѓе на земјата. Постои верзија според која Нанајците дошле во Русија од Кина, но експертите велат дека етногенезата на овој народ не е толку едноставна.

Нанајците им се поклонуваат на божествата на сонцето и им се молат сè до изгрејсонце. Овој народ верува и во духовите на предците.

Мажите се занимаваат со лов и со риболов, а жените со ракоделие, односно со обработка на рибина кожа и со вез.

Нанајците живеат во тесна врска со природата. Нивната вера во духовите е мошне јака.

„Пред да се отсече дрвото, домаќинот ... му приоѓа на дрвото, долго стои пред него и во мислите му се обраќа на духот на тоа дрво: 'Ќе ти нанесам болка, но ти ќе живееш во друга форма. Јас ќе направам чамец за во него да го возам семејството. Те молам, прости ми, но многу ми е потребно тоа, дозволи ми да те отсечам'. Потоа слуша и бара некаков знак. Ако запее птица, тоа е добар знак. Значи дека дрвото се согласило“, вели докторот на историски науки Еводкија Гаер, претставничка на нанајскиот народ.

Нанајско девојче може да се сврши во раното детство, на шест, па и помалку од шест години. „Ако некој добие ќерка, а неговиот сосед или пријател добие син, тогаш родителите веќе се договараат дека децата кога ќе пораснат ќе бидат маж и жена“, раскажува Евдокија.

Кога ќе се приближи денот на свадбата невестата облекува свилена наметка, направена од материјал од соседна Кина, каде Нанајците имаат роднини кои се нашле таму по демаркацијата на руско-кинеската граница по должина на реката Амур.

Како и автохтоните жители на Чукотка, и малите народи по должината на границата со Кина имаат право без виза да добијат дозвола за премин на границата на граничниот премин. Само што им е потребна покана од кинеска страна.

Американските Индијанци имаат роднини на Сибир