Како ниту еден друг цар, Александар Втори често бил мета на напади. На него шест пати имало обид за атентат, а седмиот обид бил фатален.
На 1 март 1881 година царот Александар Втори во својата кочија се враќал во Зимскиот дворец. На кејот на Екатеринскиот канал (денес тоа е Канал Грибоедов) еден терорист во кочијата фрлил бомба. Царот не бил погоден. Излегол од кочијата, но тогаш друг терорист фрлил бомба која паднала под нозете на Александар. По еден час царот починал во дворските одаи.
Неговиот син Александар Трети на молба на Градската Дума дал дозвола на местото на експлозијата да се подигне храм посветен на неговиот татко.
Бил распишан конкурс за најдобар проект на црквата. Александар Трети наложил како мостра да се земе традицијата на црковната архитектура од 17 век во Москва и во Јарослављ, што за Санкт Петербург било необично. Во северната руска престолнина, имено, нема сатроруски храмови зашто целиот град е подигнат во 18 век.
Избран бил проектот на архитектот со германско-шкотско потекло Алфред Парланд и на архимандритот Игнатиј. Камен-темелникот свечено бил поставен во 1883 година.
Црквата најмногу потсетувала на московскиот храм Василиј Блажени (подигнат во 16 век). Подоцна овој стил бил наречен „псевдоруски“. И навистина, целата црква изгледа како разнобојна народна носија. Изграден е од црвена тула и украсен со разнобојни куполи покриени со емајл и со позлата. Над изрезбаните прозорски рамки има лакови во облик на кокошник (традиционален женски украс за глава). Основата на камбанаријата потсетува на калиева печка со најситни квадрати-кесони, а во секој од нив е претставен грбот на руските губернии кои донирале за изградбата на храмот. Тука вкупно се наоѓале 134 различни грбови (може да се каже дека тоа е специфична колекција на грбови под отворено небо.
Изградбата на храмот траела 24 години. Се смета дека осветувањето на храмот е одложувано поради комплицираните мозаици на кои 10 години работел мајсторот за мозаици Владимир Фролов.
Раскошните мозаици на храмот заземаат над 7.065 квадратни метри. Станува збор за една од најголемите мозаички творби во Европа. Скиците ги имаат направено најдобрите сликари во Руската империја: Виктор Васнецов, Михаил Несторов, Василиј Бељаев и многу други (вкупно учествувале 30 сликари).
Штом биле завршени мозаиците, во 1907 година, храмот бил осветен. На свечената церемонија присуствувал веќе новиот цар, внукот на загинатиот Александар Втори, Николај Втори.
Но, храмот немал своја парохија и во него не се служеле масовни литургии. Во него се влегувало само со посебна пропусница, а парите за неговото одржување ги давала државата. Но, по Револуцијата од 1917 година властите го прекинале финансирањето на храмот. Тогаш трошоците врз себе ги презела црквата и тука направила парохија. Но, тамошните свештеници не сакале да соработуваат со советската власт и во 1930 година храмот бил затворен, а куполите биле претопени.
Во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век, во времето кога болшевиците ги уништувале црквите, постоел предлог и Спасителот на Крвта да се урне, но поради војната властите се откажале од идејата. За време на опсадата на Ленинград тука се наоѓала мртовечница во која се носеле телата пронајдени на улиците од градот.
По војната еден од градските театри го користел храмот како магацин за својата сценографија. Во педесеттите години од минатиот век властите уште еднаш планирале да го урнат храмот, зашто наводно пречел при пловидбата во каналот Грибоедов (за изградбата на храмот еден дел од каналот бил претворен во насип). Но, јавноста негодувала, па затоа властите повторно се откажале од идејата.
За време на војната храмот повеќе пати бил погодуван од германски проектили, што довело до сериозни оштетувања и подоцна го отежнало процесот на реставрација. Во 1961 година во ѕидот на црквата по некакво чудо е пронајдена неексплодирана распрсувачка бомба со калибар од 240 милиметри. Таа од некоја причина не експлодирала и останала речиси 20 години незабележана. За нејзино неутрализирање организирана била цела експедиција.
Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век храмот е прогласен за споменик на архитектурата. Реставрацијата траеше 27 години (три години подолго од изградбата),а храмот повторно беше отворен во 1997 година.
Денес Спасителот на Крвта пред сѐ работи како музеј. Во работните денови тука доаѓаат туристи за да ги видат мозаиците и да видат дел од улицата која се наоѓа под сводовите на храмот, а каде паднал ранетиот цар. Богослужби се вршат само во викенди и на црковни празници.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче