Седум најатрактивни кули во Русија

Патувања
БОРИС ЕГОРОВ
Ако сакате необични кули, мистериозни сведоци на историските настани, дојдете во Русија! Во оваа земја постојат многу работи што треба да се видат. Некои од руските кули спаѓаат меѓу најголемите на светот, а некои се и меѓу најтврдите на светот. Постојат дури и неколку искривени, како онаа во Пиза, а да не зборуваме за мистичната Кула на грифоните.

1. Кулата „Останкино“ во Москва

Радио-телевизиската кула „Останкино“, висока 54 метри, е највисокиот објект во Европа. Кога би бил станбена зграда, би имал 180 ката, а вака има само 45.

Кога во 1998 година во Москва дуваше ураган, врвот на кулата се заниша 6 метри настрана во однос на вертикалната положба. Теориски гледано, врвот на кулата има можност во нишање да отстапи од центарот цели 14 метри.

Голем пожар изби на 27 август 2000 година и запали три ката од кулата „Останкино“, вклучително и познатиот ресторан „Седмо небо“. Повторно беше отворен дури по 16 години. Интензитетот на пожарот беше толку голем што многумина мислеа дека кулата ќе се урне.

2. Кулата Сјујумбике во Казањ

Сјујумбике е еден од симболите на градот Казањ. Спаѓа во категоријата „накривени кули“ како онаа во Пиза. Денес нејзиниот врв отстапува од вертикалната положба неполни два метри.

Локалните архиви се изгубени, така што никој не знае кога и зошто била изградена кулата. Некои тврдат дека е подигната во 16 век по наредба на татарската владетелка Сјујумбике во чест на нејзиниот починат сопруг.

Друга легенда, пак, вели дека Иван Грозни сакал да се ожени со оваа Татарка кога го зазел Казањ. Сјујумбике се согласила, но само под услов тој најпрво да подигне кула за седум дена. Кога кулата била завршена, таа извршила самоубиство, скокајќи од нејзиниот врв.

3. „Кулата на грифоните“ во Санкт Петербург

Оваа мистериозна кула се крие во еден двор во историскиот центар на Санкт Петербург. „Кулата на грифоните“ е всушност остаток од една стара котларница.

Постои легенда дека оваа кула ја користел фармацевтот Вилхелм Пел во 19 век и дека во него ги вршел своите алхемичарски експерименти. Се зборува дека лабораторијата на Пел ноќе ја чувале грифони кои летале над градот.

4. Кривата кула во Невјанск

Крива кула постои и во гратчето Невјанск на Урал. Оваа „посестрима“ на кулата во Пиза е искривена 1.86 метри.

Подигната е во 1725 година. Се зборува дека оваа кула најпрво била користена како заштита од громови, неполни 25 години пред Бенџамин Френклин во Америка официјално да го создаде громобранот.

5. Спаската кула во Москва

Московскиот Кремљ има 20 кули и секоја од нив заслужува внимание, но најважна е Спаската кула.

Таа со векови служела како главен влез во Кремљ. Постоел обичај да се симнува капата кога се минувало низ портите на оваа кула. На оние кои тоа не го правеле понекогаш им било обрнувано внимание на случајот со Наполеон, кој, како што се раскажува, се обидел да влезе во Кремљ без да ја симне својата шапка, па одненадеж дувнал силен ветар и му ја симнал од главата.

Најпознатиот часовник во Русија е поставен на Спаската кула. Со ѕвонењето на оваа кула официјално се одбележува доаѓањето на Нова годна во Русија.

6. Шуховската кула во Москва

Шуховската радио-телевизиска кула е изградена на почетокот од дваесеттите години на минатиот век, на крајот на граѓанската војна, и со години била симбол на советската телевизија.

Дизајнирана е во вид на хиперболидна конструкција и е неверојатно цврста. Кога во 1939 година во неа удрил помал авион, кулата не морала дури ни да се поправа. Никаква штета не ѝ има нанесено ниту ураганот кој беснееше во Москва во 1998 година.

7. Камбанаријата во Каљазин

Камбанаријата во Каљазин (неполни 200 километри северно од Москва) е сè што е останато од историскиот центар на градот кој е потопен кон крајот на триесеттите години од минатиот век за на тоа место да се изгради хидроелектрана. Храмот е урнат, а камбанаријата е оставена да служи како светилник во новото вештачко езеро.

Било планирано камбанаријата сепак да се урне, но таа и понатаму стои на своето место. Денес осамената камбанарија во Каљазин на минијатурно островче е главна туристичка знаменитост на овој град. Покрај тоа, во неа денес се вршат и верски обреди.

Прочитајте уште: 17 (од вкупно 28) руски објекти од светското наследство на УНЕСКО