Десет толку бизарни руски згради што не е јасно зошто се воопшто градени

Дали би уживале во купување во некој голем црв или би ги поминувале работните часови во биде?

Архитектурата е еден од столбовите на човековата креативност. Но, архитектите понекогаш ги надминуваат границите на добриот вкус и создаваат гротескни и крајно примитивни згради. Избравме десет ремек-дела на невкусот изградени во Русија од 2000 година. 

Продажен центар за мебел Гранд, Москва 

Овој трговски центар на северот од Москва личи на огромен црв кој ползи по некој вид виолетово-црвен колач. Влезот ве води право во устата на црвoт. Бљак! 

Театарот Et Cetera, Москва 

Кога беше отворен овој театар во 2005 година во центарот на Москва, соседите веднаш го прогласија за најгрда зграда во престолнината. Се зборува дека и самиот архитект потоа се откажал од проектирање згради. 

Театарот изгледа како на нацртите да работеле неколку различни дизајнери кои не можеле да се договорат за стилот, па решиле да го украсат со различни претерани, непотребни и смешни украси, вклучувајќи ги и лажните столбови и лакови, џиновскиот диск и ходниците во стилот на ренесанса. 

Стоковна куќа Наутилус 

Познатиот руски блогер Иљја Варламов за оваа разнобојна петкатница на Никољската улица рече дека е „плукање во лицето на сите московјани“. 

Зградата е асиметрична во секој поглед. Нејзините подови, покривот и прозорците се дизајнирани во различни стилови, а сите украсни елементи се нееднакви. Главното прашање кое ви паѓа на ум кога ја гледате зградата е „зошто се изживуваат на моите очи?“ 

Хотел Мериот, Сочи 

Хотелот Мериот е изграден во одморалиштето Краснаја Пољана пред Олимписките игри во Сочи во 2014 година. Во тоа време руските медиуми пишуваа дека дури ни познатиот бренд не успеал да ја спаси ситуацијата, да ги засени сите архитектонски мани на зградата. Хотелот е изграден во луд, еклектички псевдогрчки стил. 

Деловен центар Рјумка, Твер 

Оваа огромна модерна зграда всушност се вика „Тверски деловен центар“, но мештаните поради својот изглед ја нарекуваат Рјумка (чашка). Оваа позната и непропорционална конструкција изградена на „тенки ножиња“ е отворена во 2013 година на местото на еден недовршен хотел. Освен канцеларии, тука е и видиковецот кој го нуди најдобриот поглед на градот – барем поради тоа што не се гледа самата зграда. 

Трговски центар Фура, Косторма 

Фура (камион) е официјалното име на овој трговски центар за возачи. Ова е единствената зграда во облик на камион во Русија, а мошне веројатно и во целиот свет. Фура е отворена во 2007 година, а локалните медиуми веднаш рекоа: кич! 

Трговски центар Кољцо, Казањ 

Самиот поим трговски центар е можеби главниот извор на архитектонското зло на денешницата. Кољцо (прстен) во главниот град на Татарстан не е, благо речено, претерано елегантен. Сè, од огромниот „прстен“ над влезот и ужасната расвета до неугледната фасада, не се вклопува во центарот на градот. 

Деловен центар Санкт Петербург Плаза

Според пишувањата на некои руски медиуми, овој деловен центар, отворен во 2011 година, се наоѓа на местото каде некогаш ги закопувале жртвите на колерата. Обликот на зградата исто така наиде на остри критики, а локалните жители ја нарекуваат „биде“. 

Пошта на Русија, Саранск

Рускиот блогер и дизајнер Артјом Лебедев беше многу изненаден што службената зграда на Пошта на Русија е изградена, како што тој се изрази „во облик на син самовар“.

Трговски центар Clеver House, Владивосток 

Овој трговски центар е отворен во 2007 година и жителите на Владивосток брзо го засакаа. Но, неговата популарност не ја спаси зградата од критичарите на архитектурата. Некои оваа зграда ја сметаат за една од најгрдите во градот. „Со оваа конструкција направени се три злосторства“, напиша еден жител на форум. „Го нагрди градот со сивото буре, во историскиот центар па згора на тоа и на самиот плоштад“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња