Не е шега, „ноќ“ долга 133 дена и нема лето. Русија има пет истражувачки станици на Антарктикот, а од нив само станицата „Восток“ е на копно. Тука владеат услови кои тешко можат да се замислат.
Истражувачката станица „Восток“ се наоѓа на прекривка од мраз над старото истоимено езеро. Девет месеци во годината е изолирана од останатиот свет. Тука температурите се спуштаат и до минус 60 и до минус 80 степени според Целзиус. Поради тоа дури ни авиони не смеат да се спуштат, зашто би се залепиле за земјата штом би ја допреле.
Висинската болест е првиот проблем со кој се соочува човек. Тука концентрацијата на кислород во воздухот е иста како на врвот на планината Елбрус. Симптомите на болеста кај секого се различни. Тоа може да биде депресија, лакримација, главоболка или прекин на дишењето насон.
„Првиот месец на Восток човек обично губи 5 до 10 килограми. Имам видено човек што се разболи веднаш штом стаса. Да не го вратеа веднаш, ќе умреше за неколку дена од хипоксија која предизвикува едем на белите дробови“, се сеќава членот на експедицијата Сергеј Бушманов.
Интересно е што на антарктичкото копно на температура од минус 82 степени може да се почувствува слаб мирис на „карамела и ванила“.
Режисерката Екатерина Еременко поминала еден месец на истражувачката станица „Восток“. Вели дека секогаш имала чувство како да дише под вода.
„Ме изненади тоа што луѓето живеат во пештери под снегот. Во нив снегот ја задржува топлината, но се живее како на подморница. Собите се многу мали и нема дневна светлина, а ако сакате да излезете морате да се облечете многу топло. Прво ставав крем, потоа маска за лице, а пота се обвивав во топла облека. Ми требаше половина час само да се облечам“, се сеќава Екатерина.
Во обични околности ова е дел од секојдневниот живот. Но, понекогаш се случуваат и вонредни ситуации...
Шест месеци без струја и греење
На самиот почеток на една зимска експедиција на „Восток“ во 1982 година дојде до краток спој кој предизвика пожар на главната дизел електрана. Апаратот за гаснење пожар не работи на температура под нула, а гаснењето оган со снег не било можно, зашто истражувачите немале гас-маски.
Во оваа несреќа загина еден човек, а дваесет истражувачи останаа без струја и греење. Се расипа и научната опрема, грејниот систем и печката. Хранат можеше да се замрзне, а немаше ниту вода зашто истражувачите ја правеа од снег со помош на електричен уред.
За среќа, некому му текнало дека во опремата за дупчење се наоѓа расипан дизел агрегат. Го донеле во станбениот простор и по неколку часа поправка агрегатот проработел. Контактот со Москва беше повторно остварен. Без оглед на стравот истражувачите останаа на станицата.
Една печка не била доволна, па членовите на експедицијата направиле уште пет плински боци. Температурата покрај печката изнесувала 25 до 30 степени, но само два метри понатаму паѓала до нула, а уште малку понатаму се спуштала под нулата.
Истражувачите направиле свеќи за да имаат барем малку светлина во бесконечната поларна ноќ. Геофизичарите секогаш со себе носат парафин и азбестен конец.
Бродоломец на пуст остров
Несреќи се случуваат и надвор од Арктичкиот круг. Во Втората светска војна еден германски крстосувач во 1942 година потопила руски мразокршач на Северниот поморски пат. Од вкупно 104 членови на екипажот преживеал само 33-годшниот ложач Павел Вавилов. Се спасил благодарение на трупец кој пловел.
Вавилов влегол во чамецот во кој другите бродоломци се обиделе да избегаат пред да ги заробат Германците. Пловел три километри до најблискиот остров Белуха кој се наоѓа надвор од Арктичкиот круг.
„Видов врзоп кој пловеше на водата и го фатив. Внатре имаше постелнина, чизми од валана волна и капа. Потоа видов како плови куфер – во него имаше цигари Звјоздочка и кибрит“, им раскажал Вавилов на новинарите.
Потоа најдов вреќа за спиење и вреќи брашно кои пловеа. Погледнав наоколу и видов куче на превртениот чамец. Го зедов со себе. Крзното му беше валкано и сето се тресеше сирото. Одвај беше живо“.
Вавилов нашол револвер, секира, штици и кутија бисквити. Излегло дека во вреќата од брашно всушност има трици. Само тоа го имал за јадење.
„Мешав трици и покиснати бисквити во една кофа и тоа го варев. Кога паѓаше дожд со рацете собирав свежа вода во кофата. Кофа вода ми траеше три до четири дена. Кучето не јадеше ништо, само пиеше малку вода“, се сеќава Вавилов.
Во текот на 34 дена поминати на островот Вавилов пишувал белешки во дневникот: „Сабота, 13 септември. Видов авион, ми останаа 220 бисквити“.
На тоа место неколку пати поминувале авиони и бродови, но не го забележувале. Кога конечно го здогледале, се приближил еден пароброд, но поради брановите авионот не можел да се спушти во вода. Му фрлиле кутија со кондензирано млеко, суво месо, какао, леб и лекови. Внатре имало и писмо во кое го замолиле да причека додека времето не се подобри.
По Вавилов дошле на 28 септември. Во дневникот напишал само еден збор: „Спасен“.
Да се преживее на Арктикот: облеката и храната на руските војници