Минатата година руските војници одржаа неколку големи вежби на Арктикот, за да се провери нивната подготвеност за борбени дејства во условите на Далечниот север.
Летото на Арктикот трае само неколку недели годишно, а во останатото време врне дожд или снег. Најважно е дека надвор е секогаш ладно, дури и да грее сонце.
Најинтересните и најдраматични епизоди од минатогодишните маневри се случија за време на вежбата на десантите на Северниот Пол. Таа беше планирана за април, кога на Арктикот царува суровиот северен ветар, а виулиците се толку ужасни што човек не може да помине ни километар во снежната шир. Сепак, ако ситуацијата се влоши, десантниците треба да се подготвени да бидат префрлени, вклучително и на Арктикот, и без подготовка да пристапат кон спроведување на борбените задачи. Токму овој елемент се одработи и во рамките на вежбата.
РИА Новости
За прв пат во историјата на воздушно-десантната војска десантот се истовари на парче мраз што плови во реонот на Северниот Пол без посебна подготовка. Тоа се случи без претходно разузнавање на местото на слетување и регионот, а на местото не беше доставена никаква опрема. Сè што беше потребно војниците носеа на себе.
Десантниците стигнаа до полот, но експертите од Министерството за одбрана не можеа да ги евакуираат оттаму - во реонот на вежбите времето нагло се влоши и 150 војници се најдоа во стапица - на парче мраз блиску до Северниот пол.
Патем, она што се случи не предизвика особена загриженост кај воениот ресор. Војската и офицерите беа облечени во специјални арктички униформи. Во ранците тие носеа висококалорична храна, а исто така и современа опрема за одржување во живот и за работа во екстремни услови.
Како што објаснија од Министерството за одбрана, новата опрема на војската од ВДВ им овозможува да работат при ниски температури. Таа ги чува, дури и ако паднат во ледените води.
Војници се капат во униформа на Арктикот
„Специјалните арктички воени униформи вклучуваат 13 предмети. Целта им е да се зачуваат војниците од долготрајното влијание на студот, од силни ветрови, дождови и натрупување снег. Друга карактеристика на опремата е што таа е високоергономска. Ова им овозможува на војниците да носат специјални арктички панцири и да можат слободно да користат оружје“, изјави за „Руска реч на македонски“ професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин.
Маскирните бои на опремата се разликуваат од традиционалните руски теренски униформи. Арктичките костуми се со сиви, зеленкасти и црни точки, кои го имитираат поларниот мов - јагел. Во оваа униформа војникот е незабележлив меѓу карпите и камењата и се спојува добро со снежните ридови.
Униформата овозможува да се прилагоди на секакви временски услови. „Тројната термооблека чува од студот. Ако, пак, времето стане топло, војниците можат да ја сменат јакната со руно или со елек“, додава експертот.
Игор Агеенко / РИА Новости
Покрај традиционалните „советски“ капи-ушанки, десантниците можат да си стават и специјална шлем-маска. Таа личи на „балаклава“, но за разлика од неа има елементи за размена на топлината во конструкцијата.
„Маската го покрива целото лице, а се оставени само резови за очите. Во неа војникот може да дише мирно, без да се грижи дека ќе добие воспаление на белите дробови. Специјалните материјали и кројот на јакните, панталоните и чевлите им гарантираат на војниците и офицерите опстанок при -50°C и при налетите на ветришта со брзина над 15 метри во секунда“, забележува Козјулин.
За животот во Арктикот е развиена и специјална исхрана. За едно деноноќие секој војник треба да внесе повеќе од 5.000 калории во споредба со околу 3.000 за обичниот војник во нормални услови.
Покрај традиционалната армиска храна, во ранците на војниците на Северот ќе најдете како „класичен“ сендвичи со сланина и висококалорични колбаси, така и компот од овошје и чоколада со висока содржина на какао.
Лев Федосеев / ТАСС
Доколку војската треба да помине долго време во екстремни услови, тогаш за неа е предвидена дополнителна храна и армиски комплекс од витамини за подобрување на имунитетот.
„Војникот треба да може да загрее храната дури и при температура од -50°C. За таа цел во ранците секогаш има теренски кујни-матрјошки во кои - буквално како во играчките, се скриени од две до три тенџериња за загревање“, изјави за „Руска реч на македонски“ уредникот на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.
Во северна Русија се распоредени шест воени бази:
Островот Котелни (Новосибирски Острови)
Земјата на Александара (дел од архипелагот Земјата на Франц Јосиф)
Средни (дел од архипелагот Северна Земја)
Месност Рогачово (дел од архипелагот Нова земја)
‘Ртот Шмид
Островот Врангељ (последните две влегуваат во составот на Чукотскиот автономен округ).
Покрај нив тука има и над 10 воени аеродроми, позиции на ракетни системи и воени пристаништа. Целата оваа инфраструктура работи деноноќно, независно од годишните времиња и временските услови. Основната нејзина задача, според експертите, е да ги брани руските граници и економските интереси.
Максим Блинов / РИА Новости
„Во регионот редовно патролираат бродови на НАТО со ПРО системите Aegis или ракети BGM-109 Tomahawk кои само одовде можат да ги достигнат позициите на нашите стратешки ракетни системи распоредени на Сибир. Поради тоа Русија во моментов треба да го „затвори“ противракетниот чадор во овој регион и да подготви копнени сили способни да ги извршуваат ефективно своите задачи дури и при температура од -50°C“, вели Мураховски.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче