Сталиновиот Сочи

Сталиновиот трем во резиденцијата „Зелената шумичка“.Извор: Lori / Legion Media.

Сталиновиот трем во резиденцијата „Зелената шумичка“.Извор: Lori / Legion Media.

Историјата на Сочи е нераскинливо поврзана со името на советскиот лидер Јосиф Сталин. Токму тој го има воочено сиот потенцијал на црноморското приморје на Кавказ и по негов налог Сочи од провинциско гратче стана најпосетена бања и морско одморалиште за целата држава – социјалистички рај за работниот народ на Советскиот Сојуз.

Сѐ започна во дваесеттите години од минатиот век кога советскиот водач за првпат се искапел во водите на бањата Мацеста. Откако уште по првата бања почувствувал олеснување, Сталин, кој страдал од ревматизам, решил да го посетува Сочи секоја година за одмор и за лекување.

Сочи, Црно море

Во 1934 година Сталин наложил за изградба на инфраструктура во Сочи да бидат издвоени над милијарда рубли, што за тоа време било астрономска сума. Низ бањската населба била изградена широка главна улица, која го добила името Авенија на Сталин (денес се нарекува Курортна авенија). Воведен е водовод, подигнати се паркови, започнала изградба на голем број стационари и, секако, модернизација на бањата во Мацеста, која генералниот секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз ја ценел особено поради лековитите својства на сулфурната вода.

Резиденцијата на советскиот лидер 


Сталиновата резиденција „Зелена шумичка“.Извор: Lori / Legion Media

Кога доаѓал во Сочи, Сталин со своето семејство најпрво се сместувал на имотот „Михајловско“. Куќата се наоѓала на планинскиот масив помеѓу клисурата на реката Мацеста и Агурските водопади. Подоцна на територијата на овој имот, на надморска височина од 50 метри, за советскиот водач била изградена посебна „дача“ (традиционална руска викендичка) под името „Зелена шумичка“(„Зеленая роща“). Таа е сочувана до денес и функционира како музеј и како мал хотел во рамките на современиот комплекс бањски одморалишта „Зелена шумичка“.

Спектакуларни прошетки околу Сочи
Сочи, градот што спектакуларно ги обединува палмите и зимските терени има исто толку спектакуларно окружување. Запознајте ги Ѓаволската порта, реликтните суптропски шуми, Агурските водопади и Ѓаволската крштелница, Орловските карпи и Воронцовските пештери.

Резиденцијата на генералниот секретар ја проектирал советскиот архитект Мирон Мержанов. Со својот проект тој сакал да ги задоволи сите можни желби и барања на советскиот лидер. За да се овозможи постојан проток на свеж воздух, „дачата“ е поставена така што од сите страни да биде изложена на морски и на планински ветришта. Просториите на Сталин се наоѓаат во одвоено здание, бидејќи тој барал тишина и мир. Во соседната зграда престојувала послугата, тука се наоѓала и кујната, далеку од прозорецот на Јосиф Висарионович. Тој, имено, не ги поднесувал миризбите кои се ширеле за време на подготвувањето на храната, а исто така и тропањето на садовите.

Скалите кои водат кон првиот кат се мошне ниски и за поголемиот број луѓе се незгодни, но на Сталин многу му одговарале. Поради реумата тој одел со ситни чекори. Дури и оградите на балконите се пониски одошто е вообичаено, за водачот да можел да се потпре и што попријатно да може да гледа што се случува надвор. Според различни извори, генералниот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз бил висок 165 сантиметри. 

За бравите во собите во резиденцијата на Сталин Мержанов дури и осмислил посебни клучалки, за никој од послугата да не може кришум да гледа или да го прислушува советскиот водач. 

Фасадата била со смарагдно зелена боја, што правело куќата да се слее со зеленилото. Ваквиот изглед е задржан и до денес. Познато е дека Сталин особено внимание обрнувал на заштита од атентат, а куќата во зеленилото на планинските предели била тешко забележлива. Општо земено, во Сочи биле преземени максимални мерки за обезбедување на советскиот водач. Во својата јужна резиденција обично доаѓал со сопствен воз. По железничката пруга со полна брзина истовремено патувале неколку композиции со бројот 1. Во една од нив се наоѓал генералниот секретар, а во останатите се наоѓале членовите на неговото обезбедување. Во самата „дача“ во Сочи секогаш имало поставено три прстени за обезбедување. Дури и тапацираниот мебел бил изработен по нарачка и бил исполнет со коњски влакна, за да може да задржи куршум.

Ривиера и Гагра


Брегот во околината на Гагра. Извор: Lori / Legion Media.

Два настани во Сочи се протолкувани како обид за атентат врз Сталин. Еден од нив се случил ноќта помеѓу 25 и 26 август 1931 година, додека автомобилот со марка „Бјуик“, во кој се наоѓале Сталин и Ворошилов, се движел по Риверискиот мост. Службениот автомобил се судрил со камион, врз кој обезбедувањето веднаш почнало да пука. Возачот на камионот избегал, но подоцна излегло дека бил пијан и дека немал намера да го убие советскиот водач. Вториот обид се случил по еден месец, додека Сталин со глисер се возел по морето. Врз глисерот биле испукани куршуми од брегот од страната на градот Гагра, недалеку од Сочи. Еден од телохранителите со сопственото тело го заштитил Сталин, иако тоа не било потребно, зашто куршумот поминал покрај нив и никој не бил повреден. Подоцна излезе дека граничната караула не била известена дека тука ќе помине глисерот на Сталин и дека поради тоа командирот на караулата во воздух испукал три куршуми за предупредување. 

Седумте најзначајни музеи и галерии во Сочи
Специфичната историја на Сочи се одразила и на неговите мошне интересни музеи. Откако попладнето ќе го минете со чај, навечер ќе пробате шашлик и ќе ја почувствувате магијата на ноќниот живот во Сочи, можеби следниот ден ќе сакате да се запознаете со уметничките дела што ги нуди овој град и ќе доживеете дел од руската историја сочувана во неговите музејски колекции.

Во тоа време, триесеттите години од минатиот век, Сочи веќе станал многу повеќе од најважна бања во Советскиот Сојуз. Тука се носеле важни одлуки, од кои зависела судбината на милиони луѓе. Според некои верзии, токму тука се наоѓал Сталин на 22 јуни 1941 година година, кога нацистичка Германија го нападнала СССР, а не во Москва, како што се вели во официјалната верзија.

За време на војната во вилата „Зелена шумичка“ во Сочи живеело семејството на Сталин. Самиот генерален секретар, пак, во својата јужна резиденција се вратил дури во 1945, кога ширум земјата одекнувале победничките салви. Здравствената состојба на Јосиф Висарионович се влошила. По мозочниот удар Сталин истовремено го лечеле три лекари. Повторно одел на бања во Мацеста, престојувал на свежиот воздух во Сочи, шетал по алеите со сенка во резиденцијата. Навечер Сталин во салата за проекции ги гледал црно-белите филмови „Волга, Волга“ и оние со Чарли Чаплин. Самиот садел дрвја на имотот и се радувал кога лимоните и мандарините давале плод.

„Рајски“ одморалишта


Дендрариум во Сочи. Извор: Lori / Legion Media.

Сталин бил многу загрижен поради тоа што локалните жители масовно заболувале од маларија. По негова наредба во Сочи биле насадени еукалиптуси, од чиј мирис бегале комарците кои ја пренесуваат болеста. Насекаде со нов ентузијазам биле подигани паркови, скверови и биле формирани цветни леи. Бањските стационари, кои за време на војната биле користени како болници за лекување на ранетите, повторно станале бањски лекувалишта. Меѓу нив биле и стационарите „Ворошилов“, „Орџоникидзе“, „Фрунзе“, „Правда“ и „Металург“. Сиве овие монументални градби, кои се сочувани до нашите денови и кои поседуваат раскошни дворци со столбови и со насликани сводови, се изградени по наредба на Сталин. Тој сметал дека советскиот граѓанин треба да се одмора и да собира сила во „рајски услови“, за по одморот на море да може ударнички да ѝ се посвети на работата. 

По војната Сталин во Сочи поминувал многу повеќе време одошто претходно, од август до септември секоја година. За да не се одрази тоа на државничките работи, во тамошната резиденција доаѓале советските раководители од Москва. Така во 1948 година Сочи станал самостоен административен центар под директна републичка управа на Руската РФСР, а не под управа на Краснодарскиот крај. Комуналните служби авенијата Сталин ја миеле трипати на ден. Било забрането по оваа, главна улица во Сочи, автомобилите да возат со калливи тркала, а доколку некоја жена излезела на главната улица во домашен фустан, можела да биде отселена од градот.

Бањата Мацеста. Извор: Lori / Legion Media.

Не постојат сигурни извори за тоа каде точно се шетал Сталин низ Сочи, зашто низ градот се движел тајно. Историјата има забележано само една јавна поста, кога генералниот секретар го посетил стационарот „Кавскаска ривиера“ на брегот од морето во самиот центар на Сочи. Неочекувано за гостите и за персоналот на 18 септември 1947 година пред главната зграда на стационарот запрела лимузина ЗИС-110. Од автомобилот излегол Јосиф Висарионович и тргнал да се напие кафе. Се распрашал кај гостите каква е храната во стационарот и дали им се допаѓа одморот во Сочи. Децата кои го опкружиле водачот, добиле од него чоколади.

Бањата Мацеста

Младиот советски архитект Мирон Мержанов за Сталин изградил и посебна резиденција на територијата на бањата Мацеста, која советскиот водач ја посетувал за сулфурна бања. Ниту изгледот, ниту намената на ова здание до денес не се смениле. Тоа е наменето само за најугледните гости. На лековити бањи доаѓале руските државници, познати светски политичари и културни работници.


Тврдината на планинта Ахун. Извор: Lori / Legion Media.

Планината Ахун својата популарност исто така ја стекнала по заслуга на Сталин. Токму по негова наредба за рекордни 102 дена биле изградени 11 километри пат до врвот на планината. Трасата ја граделе затвореници, на кои Сталин им ветил слобода, доколку за 100 дена биде завршена работата. Некои велат дека откако патот бил отворен, сите затвореници навистина биле ослободени, додека други велат дека тие биле стрелани, зашто не го испочитувале рокот. Сталин лично го одобрил и проектот за кулата за набљудување од бел камен, која била подигната на врвот на планината Ахун. Од ист материјал биле направени и натстрешниците на патот до кулата. Се зборува дека Сталин заедно со бројното обезбедување често ја напуштал резиденцијата „Зелена шумичка“ и пеш се качувал на Ахун. Онаму каде тој застанувал за да се одмори, подоцна биле подигнати камени натстрешници.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња