Како овој советски авион влезе во Гинисовата книга на рекорди?

Остров Врангел, Авион Ан-2 на поларна станица.

Остров Врангел, Авион Ан-2 на поларна станица.

Георгиј Надјожин/TASS
Двокрилецот Ан-2 се произведува речиси 80 години. Со него летаа лидери на СССР, Виетнам, Гренада, па дури и кралот на Непал.

Советскиот двокрилен авион Ан-2 за прв пат се вивна на небото во 1947 година. Како што се покажа, му било судено да стане еден од најуспешните проекти на воздухопловната индустрија на СССР. А во 1992 година дури и влезе во Гинисовата книга на рекорди како единствен авион на светот што се произведуваше без прекин цели 45 години.

Повеќенаменски транспортен авион Ан-2 на опитно-конструкторското биро „Антонов“, произведен 1946 година.

Првобитната ознака на овој двокрилец беше СХА („Сельскохозяйственный самолет Антонова“, т.е. „земјоделски авион „Антонов“) и беше наменет за потребите на земјоделството. Меѓутоа, се користеше и во цивилната авијација, за транспорт на товар, во противпожарната служба, Вооружените сили и во многу други сфери, но прекарот „кукурузник“ му остана засекогаш.

Товарење овци во авион. Андижанска област, Узбечка ССР.

Веќе на крајот на 1940-тите, кога се појави, двокрилецот изгледаше како анахронизам. Авионите тогаш се правеа претежно како еднокрилци и имаа трап за слетување што се вовлекуваше за да се намали отпорот и да се зголеми брзината на авионот. Меѓутоа, бидејќи Ан-2 требаше да служи за наводнување на полињата со прскање од воздух, посоодветно беше да има помала брзина. Неговата максимална брзина е 258 km/h.

Ан-2 тестира нова апаратура за запрашување на полињата.

Според Алексеј Крјуков, генерален директор на воздухопловната компанија „РУСАВИАПРОМ“, се покажало дека конструкцијата на двокрилецот е незаменлива кога се работи за мал транспортен авион. „Благодарение на тоа, Ан-2 има уникатни карактеристики на летање: кратко полетување и слетување, мала брзина, одлично подигање (сила на потисок) и голема носивост. Може да носи до 1,5 тони товар, дури и големи.

Авион Ан-2, товарење минерални ѓубрива

Двокрилецот е сигурен, лесен за ракување и одржување. Но, најважно е што може да полета и слетува од кратки, неподготвени терени, што е особено важно за Сибир и за Далечниот Исток, каде што нема многу големи аеродроми.

Авион Ан-2 што се користи за испорака на храна и пошта во оддалечените подрачја на Крајниот Север

Ан-2 лесно и брзо превезува патници до непристапни населби, до кои би требало многу долго време да се стигне со теренско возило или моторен чамец. Денес во Русија за превоз на патници и товар се користат околу 300 авиони Ан-2 со различни модификации.

Авион Ан-2 во службата за брза помош.

„Авионот Ан-2 може да се користи уште 10-15 години“, посочува Крјуков, „бидејќи работниот век на трупот Ан-2 изнесува 20000 часа лет, а многу авиони што се користат во воздухопловните компании се уште се далеку од таа вредност затоа што поминале во воздух само 3000-5000 часа“.

Ан-2 на тренинг за скокови со падобран

Освен во Советскиот Сојуз, двокрилецот се произведуваше и во Кина и Полска. Беа направени вкупно околу 18000 авиони. Во советските претпријатија производството на Ан-2 заврши во раните 1970-ти, во полските претпријатија во 2002 година, додека во кинески Шиѓаџуанг Ан-2 сè уште се произведува под името „Yunshuji Y-5“.

Shijiazhuang Y-5B(D) на меѓународниот аеродром Фуџоу Чангле.

Познати советски актери и лидери на некои странски земји летаа со авион Ан-2. Меѓу нив се претседателот на Северен Виетнам Хо Ши Мин, шефот на Народната револуционерна влада на Гренада Морис Бишоп и кралот на Непал Махендра.

Командантите на авиони Ан-2 Валентина Долина (лево) и Надежда Гузова од Управата за цивилно воздухопловство на Архангелск со членовите на своите екипажи.

Кога идниот советски лидер Леонид Брежнев во средината на 1950-тите беше на функцијата прв секретар на ЦК КП на Казахстан, тој исто така користеше Ан-2. „За нашите патувања беше неопходен. Пилотите го избираа местото за слетување од воздух и можеа да слетаат каде било во степата, на секоја бразда, до секој трактор или полски камп“, се сеќава тој.

Ан-2

Како воен транспортен авион, Ан-2 интензивно се користи во над дваесет земји. Овој двокрилец учествуваше во најмалку 40 вооружени конфликти, почнувајќи од Корејската војна, па сè до борбените дејствија во Нагорно Карабах во 2020 година.

Десант на падобранци. Прослава на Денот на Воздушно-десантните единици (ВДВ) во Самара.

Најуспешната модерна модификација на советскиот авион е двокрилецот ТВС-2МС. Со сите предности на неговиот претходник, кај поновиот модел се подобрени перформансите на летот, тој е поудобен за пилотите и патниците, помалку е бучен и користи поевтин авионски керозин наместо авионски бензин.

ТВС-2МС

Тој авион сериски се произведува од 2015 година и до денес се произведени околу 30 летала. „Овој број на авиони е поврзан со употребата на мотори со високи ресурси, така што ТВС-2МС е неколку пати поскап од Ан-2. Меѓутоа, дури и таа цена на ТВС-2МС е многу пониска од цената на увезените еквиваленти“, вели Алексеј Крјуков, чија компанија РУСАВИАПРОМ денеска ги произведува овие авиони.

ТВС-2МС

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња