„Јаболчкови свеќи“ – овој израз на крајот на XIX век го знаел секој човек што се интересирал за техника. Пронајдокот на рускиот научник станал сензација од Лондон до Лос Анџелес. Во првите две години од своето постоење, неговите таканаречени „свеќи“ ги осветлиле сите поголеми градови во светот. Оперската улица во Париз, Лувр, театарот „Шатл“, мостот на Темза, пристаништето во Авр и Лондонскиот театар, театарот „Бољшој“ во Петербург, дворците на персискиот шах, дворците на кралот на Камбоџа... руските „свеќи“ светеле насекаде.
Павел Јаблочков е роден во 1847 година во Саратовската губернија (над 700 километри од Москва). За неговото детство не се зачувани многу податоци, но се знае дека уште од мали нозе бил многу љубопитен и многу талентиран за изработка на различни конструкции.
Павел Јаблочков
Јавен доменЗдобивајќи се со домашно образование, Павел се запишал во Саратовската гимназија, а потоа и на Воено-инженерската школа во Санкт Петербург. Токму на воениот терен ја проучувал темата која страсно го интересирала - електричната струја.
Вистина, во тие години малкумина го споделувале неговиот интерес. Конзервативната воена средина не ги одобрувала ваквите експерименти, па 25-годишниот Јаблочков ја напуштил војската. Станал електротехничар. Откако нашол истомисленик во својот пријател Николај Глухов, со него отворил работилница во Москва. Пријателите планирале да изработуваат електрични апарати по нарачка. Патем Јаблочков продолжил да експериментира.
Во една прилика забележал дека две јаглеродни електроди случајно се допреле во електролитичка ќелија и се појавил светол електричен лак. Тоа го навело да се обиде да изработи електролачна сијалица без регулатор, денес позната како „Јаблочкова свеќа“.
Меѓутоа, пријателите немале среќа со нарачките. Научникот премногу се занимавал со експерименти, а премалку со продажба, па работилницата пропаднала. За некако да ја подобри својата финансиска состојба, Јаблочков сакал да замине во Америка на Филаделфиската изложба каде ќе ги претставел своите пронајдоци. Но, имал доволно пари само за до Париз.
Во Франција Јаблочков ја посетил часовничарската работилница на Абрахам-Луј Бреге. Павел му го покажал својот изум и претприемачот му понудил работа.
Во 1876 година во Велика Британија се одржала Лондонската изложба на физички инструменти, на која Јаблочков бил испратен како претставник на фирмата „Бреге“. Таму првпат му ја покажал на светот својата електрична сијалица, за која подоцна добил патент. Веста за пронаоѓањето на „руско светли“ брзо се прочула. Патем, токму тој израз по желба на Јаблочков бил изгравиран на сите негови улични светилки.
Самиот Луј Бреге не влегол во бизнисот со продажба на електрични светилки, но го запознал Јаблочков со Огист Денејруз, француски пронаоѓач кој видел голем потенцијал во тоа. Денејруз ги презел комерцијалните прашања, како и промоцијата на новиот изум и продажбата низ целиот свет, додека Јаблочков го следел процесот на производство и продолжил да работи на усовршување на својот изум. А имал на што да работи.
Првата верзија на „свеќата“ горела околу еден час. Научникот го удвоил тоа време. Така, сијалицата траела колку и обична свеќа, а истовремено давала многу повеќе светлина и била посигурна. Изгорените делови од „свеќата“ првично биле заменувани рачно од луѓе задолжени за тоа, но потоа Јаблочков смислил конструкција која автоматски ги менувала прегорените сијалици.
Јаблочкови свеќи во операта во Париз
Јавен доменУспехот на „свеќите“ сосема го занел Јаблочков. Во 1878 година пронаоѓачот одлучил да го пренесе производството во Русија и верувал дека тоа е многу профитабилен потфат. Тој и неговите другари го откупиле правото за производство на сијалици од компанијата на Денејруз за милион франци.
Притоа поголемиот дел од оваа сума го дал самиот пронаоѓач, со продажба на сите негови акции во компанијата. Така се појавила организација со многу долго име: „Партнерство за електрично осветлување и производство на електрични машини и апарати - П. Н. Јаблочков, пронаоѓач и Ко“. Нивните сијалици го осветлиле плоштадот пред Александринскиот театар, Дворцовиот мост и пазарот „Гостини двор“ во Санкт Петербург, а се појавиле и во воените судови и фабриките.
Хиподромот во Париз осветлен со 128 Јаблочкови свеќи
Јавен доменПа сепак, Јаблочков не успеал да развие успешен бизнис во Русија и тоа поради неколку причини. Градските власти во Русија не ја поддржувале масовната електрификација на градовите со помош на „свеќи“ (тие веќе имале договор за лампи на гас). Покрај тоа, многу резервни делови за сијалиците морале да се нарачуваат од странство, бидејќи Русија во тоа време немала доволно ниво на техничка опременост.
Но, многу позначајна причина што „свеќите“ опстанале толку кратко биле инкадесцентните сијалици. „Јаблочковите свеќи“ не ја издржале конкуренцијата со чедото на Томас Едисон и сијалицата на друг руски научник, Александар Лодигин. Инкадесцентните сијалици набргу биле споредливи по количината светлина со „свеќите“, но биле поевтини и можеле да работат 1000 часа и повеќе.
Павел Јаблочков
SputnikНа Павел Јаблочков не му останало ништо друго освен да се занимава со други истражувања на струјата. Често патувал од Франција во Русија, но никаде не можел да најде место за себе, бидејќи веќе ја изгубил славата на познат пронаоѓач во земјата, во компанијата на Денејруз, каде што сè уште бил вработен, немал ниту акции, ниту влијание.
Напорните патувања и постојаната работа над пронајдоците го поткопале здравјето на Јаблочков. Преживеал два мозочни удари.
Пред крајот на својата кариера во 1892 година тој дефинитивно се вратил во својата татковина. Таму му останале само верните пријатели и роднини. Се сместил во хотелот „Централние номери“, кој важел за еден од најевтините во градот. Во својата соба Јаблочков опремил мала лабораторија и до крајот на животот продолжил да работи над своите изуми, меѓу другото, и на проектот за осветлување на Саратов. Меѓутоа, не успеал да го заврши потфатот.
Јаблочков починал во 1894 година и е погребан во семејната гробница на црковните гробишта во околината на селото Сапожок (Саратовска област).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче