На крајот на 19 век Русија немаше слушнато за електрични автомобили. Рускиот пронаоѓач Иполит Романов одеше пред своето време.
Иполит Владимирович Романов во електричен автомобил со отворен патнички салон.
Public domainКон крајот на 19 век Руската империја не беше единствената земја во која научниците и инженерите беа живо заинтересирани за користење електрична енергија како погонска сила на превозните средства. Обиди во таа насока се преземаа и во Австро-унгарија, САД и Велика Британија.
Идејата на Романов не беше оригинална, меѓутоа неговиот придонес за развојот на електричните автомобили беше оригинален. Првиот електричен автомобил во Руската империја се појави во 1899 година и стана познат под називот „Кукушка“ (кукавица). Имаше две седишта. Со еден акумулатор можеше да помине 60 километри со просечна брзина од околу 40 км/ч. Тежеше 750 килограми, од кои само акумулаторот тежеше 370 килограми.
Иполит Владимирович Романов на електричен автомобил со затворен патнички салон.
Public domainАвтомобилот на Иполит Романов се разликуваше од алтернативните модели од странско производство по уникатната конструкција на акумулаторот. Тие беа релативно тенки и се монтираа во каросеријата хоризонтално, а не вертикално. Тоа му овозможи на пронаоѓачот значително да ја редуцира тежината на акумулаторот во однос на тежината на автомобилот, што придонесе автомобилот да развива поголема брзина и да поминува поголема делница од патот.
Новиот електричен автомобил беше единствен и по принципот на таканаречениот индивидуален погон (т.е. моторизирано тркало), што значи дека секое тркало се врти независно користејќи свој електромотор. Возилото имаше електрични фарови и регенеративен систем за сопирање во кој акумулаторот се полни секогаш кога автомобилот ќе забави (истиот принцип се користи и денес во автомобилите Tesla).
Две години подоцна, Романов се обрати до Државната Дума (Долниот дом на законодавното собрание во тогашната Руска империја) со молба да му се дозволи да отвори десет линии за електричниот омнибус што тој го конструирал. Пред тоа луѓето знаеја само за омнибуси што ги влечеа коњи. Напојувањето на возилото со електрична енергија беше високотехнолошки потфат, но подразбираше одреден ризик.
Омнибусот на Романов (Санкт Петербург, 1899).
Public domainАкумулаторот во електричниот омнибус на Романов беше сместен во задниот дел под седиштето. Возилото имало два електромотори, доволно силни за омнибусот со 17 патници да развие брзина од 10 км/ч.
Во февруари 1901 година државната комисија заклучи дека користењето на пронајдокот на Романов на улиците на Санкт Петербург не ја загрозува безбедноста. „Омнибусот се движеше рамномерно и без нишање и трускање по улиците покриени со снег, како и на кривини и при вкрстување со шините за транспорт што го влечат коњи“, пишува во официјалниот извештај.
Така Романов конечно доби дозвола од Државната Дума за воведување на својот изум во експлоатација, но имаше една непремостлива „финта“. Имено, политичарите стравуваа дека користењето на експерименталниот проект по нивното одобрување сепак може да има некакви непријатни последици, па на Романов му поставија услов од финансиска природа кој беше премногу ризичен за пронаоѓачот, така што тој не можеше да го прифати. Покрај тоа, бизнисмените кои го контролираа пазарот на транспорт со коњи ги вложија сите напори да го осуетат воведувањето на транспорт на електрична енергија кој би бил профитабилен и би можел да ги потисне нивните застарени запреги.
Руската револуција во 1917 година го принуди Иполит Романов заедно со два милиони сонародници да ја напушти својата татковина. Рускиот пронаоѓач се пресели во САД, каде што остана до крајот на својот живот. Почина 1944 година на 80-годишна возраст.
Овде погледнете ги 7 најдобри руски и советски електрични возила од царско време до ден-денешен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче