Буханка, копејка и другите прекари на советските автомобили

Созинов/Sputnik; Дмитриј Донској/Sputnik
Имињата на советските автомобили не беа претерано милозвучни – се состоеја од кратенки и броеви. Далеку посликовити беа прекарите што тие возила ги добија меѓу народот.

„ВАЗ 2101“ – „Копејка“

ВАЗ 2101 „Жигули“, 1971.

„ВАЗ 2101“ беше првиот масовно произведуван „народен“ автомобил. На почетокот народот му го даде прекарот „единица“ затоа што беше првиот во низата модели, но подоцна се утврди прекарот „копејка“. Овој модел беше еден од најдостапните, иако беше прилично скап. Чинеше 5600 советски рубљи (1,36 милиони рубли по денешен курс), додека просечната месечна плата изнесуваше само 100-150 рубли.

„ВАЗ 2106“ – „Шестка“ или „Шаха“

ВАЗ-2106, 19853

Овој автомобил се појави во 1976 година. Тоа беше модификација на претходните верзии на ВАЗ. Народот му го даде прекарот „шестка“, по последната цифра во бројот на моделот. Го нарекуваа и „шаха“. Во „жаргонот на крадците“ тоа беше називот во карти за шестката детелина.

УАЗ-452 – „Буханка“

УАЗ-452, 1974.

Легендарниот автомобил УАЗ-452 го доби прекарот „буханка“ („векна“) поради обликот на каросеријата кој наликува на векна руски црн леб. Интересно е што овој модел сé се произведува (неодамна го прослави својот 65-ти роденден), а надворешниот изглед и понатаму наликува на векна.

ГАЗ-М1 – „Црн гавран“

ГАЗ М-1, 1967.

Ако овој автомобил се паркираше во обичен советски двор, на сите ќе им беше јасно дека агентите од тоа возило ќе тропнат на нечија врата и дека тоа нема да заврши добро. ГАЗ-М1 беше омилен автомобил на службениците на НКВД, а својот прекар го доби во екот на „црвениот терор“ во 1937 година. Според една верзија, прекарот „гавран“ има врска со популарното верување дека гракањето на гавранот носи несреќа, а бидејќи првите примероци на овој модел беа правени само во црна боја, таа мрачна асоцијација остана цврсто поврзана со автомобилот.

ВАЗ-2107 – „Сакам да бидам „Мерцедес“

ВАЗ-2107, 1984.

Многу советски автомобили добиваа прекар по последната цифра во бројот на моделот. Затоа ВАЗ-2017 го доби прекарот „седумка“. За волја на вистината, познат е и по прекарот „ХБМ“, односно „Сакам да бидам „Мерцедес“. Таквиот прекар го доби поради дизајнот на големата хромирана решетка на ладилникот, која потсетуваше на решетката на моделот Mercedes-Benz.

ВАЗ-2108 – „Зубило“ (во превод: „Длето“)

„Лада“ ВАЗ-2108, 1984.

ВАЗ-2018 беше направен во соработка со германскиот производител на автомобили „Порше“. Тоа беше првиот модел на ВАЗ со погон на предните тркала. На дизајнот работеа инженерите на „Порше“, така што беше многу различен од претходните автомобили од советско производство. Го доби прекарот „Длето“ поради неговиот грубо сечен и клинест дизајн на каросеријата.

ГАЗ-69 – „Бобик“

ГАЗ-69

Речиси секое советско теренско возило беше популарно наречено „Бобик“, а најчест модел беше ГАЗ-69. Постојат неколку верзии за потеклото на овој прекар: првата вели дека многу колхозници биле многу лути кога луѓето се возеле по нивните ниви со овој џип и зборувале дека тој лета низ полињата како „бобик“ („бобик“ беше прекар за кучињата-скитници и од мешана раса). Според друга верзија, полицијата често ги користеле теренците ГАЗ, па ова било погрдно име за полицајците. Овој модел го имаше и помалку вообичаениот прекар „козлик“ („јарец“), затоа што потскокнуваше на секоја нерамнина, дури и на најмалата.

ЗИЛ-111 – „Членовоз“

Во овој автомобил со издолжена каросерија, кој наликува на лимузина, се возеа високите членови на партијата, поради што го доби прекарот „членовоз“ („оној што вози членови“). При проектирањето на ЗИЛ-111, дизајнерите се обидоа да ги копираат најпопуларните странски модели: „Кадилак“, „Крајслер“ и „Линколн“. Советскиот еквивалент беше правен само по нарачка и ги поседуваше најнапредните технологии во тоа време. На пример, клима беше вградена само во ЗИЛ-овите од овој модел.

Сите „Запорошци“– „Запор“

ЗАЗ-968, 1970.

Запорошката фабрика за автомобили беше една од главните автомобилски концерни во СССР, но нејзините возила немаа среќа во однос на прекарите. Имено, народот им го даде навредливиот прекар „Запор“ („запек“ – отежнато празнење на цревата). Додуша, навредата не беше намерна, само е скратено името на првиот модел кој се викаше „Запорожец“.

ЗАЗ-968 – „Ушле“

„Запорожец“ ЗАЗ-968, 1975.

А овој модел на Запорошката фабрика имаше повеќе среќа, т.е. доби малку подобар прекар. Го викаа „Ушле“. Кај овој модел моторот се наоѓаше во задниот дел на автомобилот, па за ладење инженерите направија посебни отвори на бочните страни низ кои во текот на возењето минуваше ладен воздух. Тие отвори личеа на уши.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња