Како Лада „жигули“ стана легенда на советската автомобилска индустрија?

"ВАЗ 2101". Жигули

"ВАЗ 2101". Жигули

Дмитриj Донскоj/Sputnik
Италијанците имаат придонесено за тоа овој советски автомобил да стекне легендарен статус кај возачите ширум светот.

ВАЗ

На 19 април 1970 година руската фабрика во Тољати ги произведе првите шест автомобили од новиот бренд кој подоцна ќе стекне легендарен статус не само во Советскиот Сојуз, ами и во многу други земји. Првиот модел ја носеше ознаката „ВАЗ 2101“ и наскоро стана омилен и познат како „копејка“.

Fiat 124

Советските производители на автомобили како прототип за своето возило го избраа италијанскиот „Фијат-124“. Во август 1966 година советската влада потпиша договор за партнерство со Фијат. Резултат на овој договор беше масовното производство на еден од најпопуларните модели автомобили во историјата на Советскиот Сојуз.

ВАЗ. Советските специјалисти Сергеј Јасинскиј и Николај Бородин разговараат со Италијанецот Виторио Бенажи.

Меѓутоа, италијанскиот прототип најпрво морал да биде прилагоден на руските патишта. За време на испитувањата на Фијат-124 во советските услови, инженерите открија дека автомобилот мора да биде изменет во голема мера и побараа од италијанските стручњаци да го реализираат тоа.

Во меѓувреме во СССР беше подигната нова фабрика. Интересно е што за производството на возила во чие производство учествуваа италијански инженери беше избран градот кој го носи името на водачот на италијанската комунистичка партија Палмиро Тољати. Тољати, градот на Волга, наскоро стана центар на советската автомобилска индустрија.

За советската власт успехот на оваа иницијатива беше од суштинска важност, па за раководител на производството беше поставен Виктор Пољаков, заменик-министер за автомобилска индустрија на СССР.

На 19 април 1970 година монтирани се и пуштени во употреба првите шест возила Лада 2101. Два автомобила беа со црна боја, а останатите четири со црвена. Имаа мотори од 1.2 литри со 64 коњски сили. Во август 1970 година започна првата рекламна кампања за продажба на жигули.

За една година, до јули 1971 година, фабриката произведе вкупно 100.000 автомобили. До 1973 година овој број достигна милион возила. Но, ни тоа не беше доволно за да се покрие сè поголемата побарувачка во Советскиот Сојуз.

Лада 2101 беше популарна и надвор од границите на СССР. Во 1971 година првата испорака на жигули стаса во Југославија. Три години подоцна моделот беше специјално редизајниран за британскиот пазар. Лада со десниот волан денес е вистинска реткост.

По правило возилата за извоз беа со подобар квалитет од оние кои беа наменети за домашниот пазар. На пример, Ладите за Велика Британија имаа декоративни линии од двете страни на возилото кое беше направено од подебел метал со антистатичка и со антикорозивна заштита. Исто така имаа зајакнато менувачи, подобар стартер и подобар акумулатор. Овие поквалитетни возила заминуваа и во Бугарија, Унгарија, Чехословачка, Југославија, Куба и во Источна Германија.

Многумина со емоции се сеќаваат на својата прва Лада жигули. „На својата 'копејка' секогаш се сеќавам со нежност и со носталгија. Тоа беше мојата прва кола, мојата прва љубов“, пишува еден поранешен сопственик на форумот посветен на Лада 2101. „Да... Многу се сакавме неколку пати неделно во гаража“, шеговито вели друг сопственик, кој долго време минувал поправајќи ја својата Лада, што беше вообичаено во СССР. Автомобилот имаше толку едноставна конструкција што поголем дел од возачите можеа да го поправат во својата лична гаража.

ВАЗ-21011

Последната „копејка“ е произведена во 1982 година, иако незначително модифицираната верзија (позната како Лада 21011) се произведуваше и во текот на 1983 година. Фабриката во Тољати има произведено вкупно 2.710.930 возила Лада „жигули“.

Cuban taxi

Запирањето на производството во Советскиот Сојуз сепак не значеше дека овој автомобил исчезна од пазарите, а постепено и од патиштата. Луѓето ширум светот кои го засакаа овој едноставен, евтин автомобил кој не бара многу продолжија да го возат во класичен и во модифициран облик. На Куба, на пример, модифицираната „копејка“ под назив „Лада 2101 Лимузина“ од локално производство и понатаму е популарно такси-возило.

Денес младите во Русија ги сакаат своите Лади, вклучувајќи ја и класичната „копејка“, сакаат да ги средуваат за трки и за дрифтување. Движењето „Борбена класика“ ги обединува љубителите на класичните модели на Лада од сите возрасти.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња