Советскиот аматерски спортски автомобил „Ленинград“ после 70 години!

Дали некогаш сте слушнале за таков автомобил? Спортскиот роудстер со две седишта „Ленинград“ е дело на советскиот инженер Аркадиј Бабич, кој заедно со други ентузијасти дизајнираше тркачки автомобили, па дури и самиот учествуваше на натпревари.

За да го склопи „Ленинград“ во 1956 година, инженерот ги користеше моторот, суспензијата (подвозјето), главните компоненти и делови од каросеријата на лимузината ГАЗ 12 (ЗИМ), автомобил што во 1950-тите често го користеа московските такси служби.

Три години подоцна Бабич успешно го тестираше својот роудстер на релито Симферопол-Ленинград. Тешко е да се поверува, но автомобилот помина растојание од 2125 километри за само 20 часа, како што објави списанието „Зад воланот“ („За рулём“) во септемврискиот број за 1959 година.

За него дури беше снимен и краток документарен филм, а потоа автомобилот исчезна од видокругот и не се појавуваше во јавноста неколку децении.

Цело време автомобилот беше кај роднините на Бабич во Санкт Петербург. Во 1990-тите тие се обидоа да го продадат, но цената од 6000 долари во тоа време беше огромна (за тие пари можеше да се купи стан), па немаше заинтересирани купувачи.

Во јуни 2013 година повторно се појави оглас за продажба и истиот ден нов сопственик стана Владимир Киреев, историчар на автомобили од Москва. (Во колекцијата на Владимир Киреев има неколку десетици советски рачно изработени и аматерски автомобили, меѓу кои е и амфибиското теренско возило „Арго“. За него зборувавме овде.

Според него, „Ленинград“ уште тогаш бил сериозно оштетен, меѓу другото и поради неколку реставрации.

„За негова историска реставрација беа потребни исклучителни ресурси и тим од професионалци, подготвени да се нурнат во атмосферата на советскиот ленинградски мотоспорт од почетокот и средината на 1950-тите“, рече Владимир.

Во 2014 година реставрацијата ја презеде врз себе Александар Обимаха, раководител на литванската работилница за реставрација „Мотори ЛТ“ (Моторы ЛТ). Тој го купи автомобилот и со својот тим реши да го врати во живот.

Шест години стручњаците проучуваа фотографии, цртежи, документи и работеа на обнова на легендарното возило. И еве како изгледа денес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња