Telegram е месинџер кој е основан во 2013 година од Павел Дуров, основачот на социјалната мрежа „ВКонтакте“, инаку најпопуларната во Русија. За 10 години, месинџерот „Телеграм“ прерасна во комплетна социјална мрежа со 700 милиони активни корисници месечно, а на 9 август 2023 година за прв пат ја престигна мрежата „ВКонтакте“ според просечната дневна посетеност.
Првично „Телеграм“ беше создаден како месинџер за корисници во странство. Рускиот интерфејс се појави во апликацијата дури во 2017 година. И покрај тоа, Русија е една од водечките земји во однос на бројот на корисници. Во јуни 2023 година апликацијата месечно покриваше 63,1% од населението постаро од 12 години.
Telegram во 2022 година ја надмина дури и WhatsApp во однос на прометот на податоци, а според прогнозите, во 2023 година може да ја надмине конкуренцијата и по бројот на корисници. Наглиот пораст на аудиториумот се должи и на блокирањето на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ во Русија.
Telegram е создаден како месинџер, но денес стана комплетна социјална мрежа, бидејќи покрај четовите, има и канали кои функционираат слично како групите на „Фејсбук“. Корисниците се најавуваат на каналот, ги гледаат објавите објавени на него, можат да оставаат свои впечатоци во коментари и реакции (кои се слични на лајкови). Предноста на Telegram во однос на другите платформи е отсуството на алгоритми. Во оваа апликација нема дел „Препораки“, така што корисникот самиот избира што сака да види во неговата содржина. Каналите се смислени како чатови и секоја публикација е придружена со известување до сите членови на групата (известувањата може да се исклучат). Единствениот начин да се промовирате на оваа платформа е да купите реклама на некој друг канал или директно во апликацијата. Овој последен вид реклама може да се отстрани со купување на премиум сметка со дополнителни функции, а тие функции се брзо преземање датотеки, оригинални стикери, дополнителни алатки за управување со чатови, препознавање гласовни пораки и многу повеќе. Но, сите клучни функции се бесплатни и постојано се ажурираат. На пример, во јуни 2023 година, на Telegram се појави опцијата Stories (соопштенија во формат на фотографија, слични на Instagram, кои исчезнуваат по одредено време).
Во преписката со други корисници, достапни се функции за одложено испраќање пораки, како и „тајни“ чатови, заштитени со „end-to-end“ енкрипција. Тајниот разговор не може да се продолжи на друг уред, а во него се предвидени и пораки кои исчезнуваат по одредено време. Интересна функција е и пребарувањето на луѓе по географска локација. Доволно е да дозволите апликацијата да пристапи до геолокацијата и после тоа можете да отидете во „Контакти“ и да кликнете „Пронајди луѓе во близина“. Ако не сакате да ја откривате вашата локација, можете во пребарувањето на чатовите да ја изберете локацијата за која сте заинтересирани, бидејќи корисниците често креираат групи поврзани со одредена земја или град.
Telegram има мноштво корисни ботови кои пресметуваат курс на валута, генерираат персонализиран преглед на вести и вршат други функции. Покрај апликацијата за паметни телефони, оваа платформа има и десктоп верзија.
Бесконечниот преглед на содржина без алгоритми во комбинација со гласникот придонесе Telegram да стане главен агрегатор на вести во Русија и денес вестите се најзастапениот тип на содржина на оваа платформа.
Павел Дуров, ко-основач на „Телеграм“, 2017.
Tatan Syuflana/AP PhotoКреатори на „Телеграм“ се браќата Павел и Николај Дуров. Павел Дуров е познат и како креатор на „ВКонтакте“, најпопуларната социјална мрежа во Русија. Тој ја продаде таа социјална мрежа во 2014 година и сега живее во Обединетите Арапски Емирати, во Дубаи, каде се наоѓа и главниот оперативен центар на платформата Telegram.
Telegram е меѓу првите пет најпреземани апликации во светот. Во 2022 година беше преземен 70,48 милиони пати во Индија, 20,03 милиони пати во САД, 19,6 милиони пати во Индонезија и 18,04 милиони пати во Бразил. А во 2021 година дури и изби на второто место по преземања во САД. Тоа се случи кога профилот на Доналд Трамп беше блокиран на „Твитер“.
Дополнителна причина беше промената на политиката за приватност на месинџерот WhatsApp, кој доби можност да ги препраќа корисничките податоци до други апликации на компанијата Meta. Тимот што го развива Telegram, напротив, одбива да обезбеди пристап до пораките и податоците на своите корисници, дури и ако тоа го бараат властите, освен во случај кога има сомневање дека корисникот е терорист.
Денес оваа платформа е блокирана во Кина, Иран, Ирак и Пакистан. Во едни беше блокиран за време на протести за да се ограничи можноста на учесниците во протестот да ги координираат своите чекори преку месинџер, а во други поради „непристојна содржина“.
Тоа не се единствените земји каде оваа платформа е блокирана. Во некои земји причината беше одбивањето на тимот на Telegram да отстрани одредена содржина или да ја стави на располагање технологијата за дешифрирање на личните пораки на корисниците. Безбедноста на корисниците и отфрлањето на цензурата се основните постулати на политиката на оваа платформа. На пример, за време на пандемијата COVID-19 Telegram не сакаше да ги отстрани лажните вести за коронавирусот. Павел Дуров тоа го коментираше вака: „...не сметавме дека е наша улога да одлучуваме за нашите корисници во што треба да веруваат. [...] За 20 години управување со платформи за дискусија забележав дека теориите на заговор само се засилуваат секој пат кога модераторите ја отстрануваат нивната содржина. Наместо да се стави крај на погрешните идеи, цензурата често ја отежнува борбата против нив. Ете зошто ширењето на вистината секогаш ќе биде поефикасна стратегија од учеството во цензура“.
Во еден период платформата беше блокирана и во Русија, но таа одлука беше повлечена во 2020 година, а бројот на руски корисници за време на блокадата се удвои.
Следете го телеграм-каналот на нашиот сајт: https://t.me/rb_makedonija
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче