Сè што треба да знаете за рускиот месинџер Телеграм со 500 милиони корисници

Legion Media
Ќе ви објасниме како функционира Телеграм, зошто е блокиран во Русија и зошто би можел да исчезне од App Store.

На 12 јануари 2021 година Телеграм стана втората најпопуларна апликација за даунлодирање во САД, а основачот на месинџерот Павел Дуров на својот канал објави дека во претходните три дена месинџерот добил 25 милиони нови корисници. 38% од новите корисници живеат во Азија, 27% се Европејци, 21% Латиноамериканци. Уште 8% се жители на Блискиот исток. Вкупниот број корисници надмина 500 милиони.

Бројот на корисници на Телеграм започна да расте откако на 7 јануари беше блокиран профилот на Доналд Трамп на Твитер, на Фејсбук, на Инстаграм и на други платформи. Уште еден фактор за зголемување на бројот на корисници беше новата политика на доверливост на информациите на месинџерот ВотсАп, според која личните податоци на неговите корисници се даваат на располагање на Фејсбук (кој е сопственик на ВотсАп). Подоцна воведувањето на новите правила по критиките на корисниците беше одложено за 15 мај 2021 година.

„Луѓето повеќе не сакаат да се откажат од приватноста поради бесплатните услуги. Не сакаат да бидат заложници на технолошките монополисти кои наизглед мислат дека можат да прават што сакаат штом нивните апликации ќе го постигнат критичниот број корисници“, коментираше Дуров.

По што се разликува Телеграм од другите месинџери?

Обичните и групните чатови се само мал дел од инфраструктурата на овој месинџер.

На пример, на Телеграм може да се пишуваат тајни чатови, поврзани со конкретниот уред на корисникот, што значи дека тие не се чуваат на серверите на месинџерот и по желба на корисникот исчезнуваат по определено време. На сите фотографии или видеозаписи во овие чатови може да се постави тајмер, кога тој ќе истече, тие самите ќе се уништат. Можете да направите скриншот, но тогаш месинџерот ќе го извести соговорникот за тоа.

Наместо обични групи, на Телеграм постојат канали. Нивната главна специфичност е целосното отсуство на алгоритми. Во согласност со пристапот на Телеграм, корисниците самите ги контролираат своите медиуми, што значи дека сите пораки се објавуваа на каналот според хронолошки редослед. На месинџерот ја нема ни функцијата discover која е популарна кај современите апликации. Новите занимливости на каналите можете да ги видите или по пат на лични пораки од пријатели и други канали, или од надворешни извори. Каналот можете да го водите како јавно, така и анонимно, во постовите можете да ја вклучите и можноста за коментари, а покрај каналот можете да прикачите и јавен чат.

Уште една занимлива функција е запознавањето на основа на локација. На пример, се наоѓате во некој непознат град, здодевно ви е и сакате да се запознаете со некој. Го притискате одделот „Контакти“, ја избирате опцијата „Пронајди луѓе во близина“ и пред вас ќе се појави список на сите оние кои се наоѓаат во ваша близина (и кои се согласиле да ја вклучат оваа функција). Освен тоа, корисниците повремено прават чатови за определена локација, на пример некој музеј, градски плоштад или бар, на кој можете да пристапите, да поставите некое прашање или да започнете комуникација со личност во близината.

На Телеграм функционираат и голем број ботови, односно софтверски роботи кои можат да ви го пресметаат курсот на доларот, да ви пуштат песна која ја сакате директно во апликацијата, да направите личен избор на вести за вас итн.

Телеграм исто така има и практична десктоп верзија, како и веб-верзија, со кои не е потребна функционална врска со смартфон, како што е потребна кај ВотсАп и Вајбер.

А, кому му припаѓа сето тоа?

Според официјалните податоци, на развојот на Телеграм работеа основачите на популарната руска социјална мрежа „ВКонтакте“ Павел Дуров и неговиот брат Николај. Првата верзија на апликацијата се појави во AppStore во август 2013 година. Павел Дуров и денес тврди дека Телеграм се развива и расте благодарение на неговите лични заложби (парите што ги има заработено од ВКонтакте). Во 2016 година во интервју за списанието „Форчн“ рече дека за одржувањето на месинџерот се трошат милион американски долари месечно.

Павел Дуров

Во 2014 година Павел Дуров ја напушти позицијата генерален директот на „ВКонтакте“, ги подаде акциите на компанијата и ја напушти Русија. На својот блог оваа постапка ја објасни со промената на составот на акционерите на социјалната мрежа во 2013 година. Наспроти тоа еден од акционерите го обвини Дуров дека се занимава со личниот проект Телеграм на штета на интересите на социјалната мрежа.

Првобитно Телеграм дури и не функционираше на руски јазик, ами беше насочен кон луѓето ширум светот. Месинџерот беше локализиран на руски дури во 2017 година.

Како Телеграм беше блокиран во Русија?

Истата 2017 година руската Федерална служба за безбедност бараше од Телеграм да ѝ ги предаде клучевите за дешифрирање на преписката на корисниците осомничени за подготовка на терористички напади. Претставниците на Телеграм одбија да ги откријат овие податоци. Според нивното образложение, тоа било технички невозможно. Поради тоа во 2019 година Роскомнадзор, орган што го контролира почитувањето на законите на рускиот сегмент на Интернетот, официјално го блокираше Телеграм на територијата на Русија. Сепак, месинџерот и понатаму беше достапен преку VPN, а набргу и неговите програмери научија да ја заобиколат блокадата, така што функционираше дури и без користење на туѓи сервиси, понекогаш со ретки пречки.

Во јуни 2020 година Роскомнадзор го деблокираше Телеграм, велејќи дека службата „позитивно ја оценува подготвеноста што ја изразил основачот на Телеграм за учество во борбата против тероризмот и екстремизмот“. Компанијата разви систем за спречување терористички напади, успевајќи притоа да ја заштити содржината на преписката, напиша Дуров.

Дали Дуров планираше да започне криптовалута врз основа на Телеграм?

Не само валута. Дуров планираше да започне цела платна блокчејн-платформа TON (Telegram Open Network), која би била составена од Телеграм, криптовалутата Грам и инструменти за чување податоци.

За овој проект Дуров во 2018 година успеа да собере 1.7 милијарди американски долари од 175 инвеститори, на кои им вети дека ќе им исплати 2.9 милијарди токени Грам кога ќе бидат пуштени во оптек. Платформата требаше да биде започната до крајот на октомври 2019 година, но на 11 октомври SEC (The United States Securities and Exchange Commission) поднесе пријава до судот на Јужниот округ на Њујорк, обвинувајќи го Телеграм за незаконска дистрибуција на нерегистрирани дигитални токени, кои SEC ги третира како хартии од вредност, а не како валута.

Во март 2020 година Судот на државата Њујорк оцени дека Грам не е валута, ами хартија од вредност, го забрани нејзиното емитување и дистрибуција до инвеститорите во САД и во целиот свет. Дуров со SEC потпиша договор, според кој на инвеститорите треба да им исплати 1.2 милијарди американски долари. Во мај истата година Павел Дуров соопшти дека го затвора ТОН, а во јуни ги исплати сите долгови.

Што ќе биде сега со Телеграм?

Во декември 2020 година Павел Дуров објави дека Телеграм од 2021 година ќе почне да заработува. Според основачот на месинџерот, процесот ќе биде „ненаметлив“. Сите постојни сервиси за корисниците и понатаму ќе бидат бесплатни, а во чатовите нема да има никакви реклами. Дуров планира да заработува на дополнителните функции за деловните тимови и за корисниците со поголеми потреби, како што се екстра стикери.

„Ќе понудиме сопствена рекламна платформа за каналите што на корисниците ќе им обезбеди удобност и доверливост, а нам ќе ни овозможи да ги покриеме трошоците за одржување на серверот и за сообраќајот на месинџерот“, напиша Дуров на својот канал на Телеграм. Платформата моментално не регулира реклами на своите канали.

По оваа изјава во јануари 2021 година неколку западни инвеститори понудија да откупат дел од месинџерот во износ од 5 до 10% за милијарди американски долари. Дуров го одби ова, објави „Д Бел“, повикувајќи се на свои извори. Исто така „Д информејшн“ објави дека Дуров добил понуда да земе заем од една милијарда американски долари, но засега не донел конечна одлука за тоа. Според мислењето на порталот, долгот би можел да се претвори во акции во случај компанијата да излезе на IPO, а парите неопходни за проширување и за финансирање на Телеграм пред негово излегување на берзата.

Ако месинџерот се шири и би можел да оди на берза, значи дека добро им оди?

Не е баш така. Постои реален ризик Телеграм да биде отстранет од продавницата на апликацијата AppStore. Во тој случај ќе им биде многу потешко да ја прошират корисничката база.

На 17 јануари 2020 година американската непрофитна организација Coalition for a Safer Web ја тужеше компанијата Епл на суд, барајќи месинџерот Телеграм да биде отстранет од AppStore, објави „Вашингтон пост“. Според мислењето на оваа организација, на месинџерот се ширеле екстремистички повици наспроти јуришот на Капитол во Вашингтон на 6 јануари 2021 година, а Телеграм не презел никакви мерки за овие пораки да бидат блокирани. Дуров засега не ја коментираше тужбата, но на неа реагираше министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

„Слушам дека му се закануваат на Телеграм дека ќе му ја ускратат можноста да ги нуди своите услуги. Тоа ќе биде интересно“, изјави Лавров.

Павел Дуров и самиот повеќе пати ја критикуваше компанијата Apple. Меѓу другото, поради тоа што зема 30% од продажбата на туѓи апликации на AppStore. Според Дуров, Епл цензурира дел од апликацијата, ги набљудува корисниците и ги принудува авторите на апликацијата да прикажуваат повеќе реклами за да заработат.

Освен тоа, Дуров во јануари 2021 година ги критикуваше одлуките на Епл и на Гугл од своите продавници да го тргнат Парлер, апликација популарна кај приврзаниците на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп. Дуров, исто така, ги повика сите корисници да преминат на Андроид.

„Епл е поопасен од овие две компании зашто може целосно да контролира кои апликации ги користите, додека на Андроид можете да инсталирате self-hosted апликации како АРК. Кога станува збор за iOS, работиме на веб-апликација со многу функции и опции кои ќе функционираат на Сафари речиси исто добро како и неговите извори апликации. Тоа, сепак, не е исто, но ќе функционира во екстремни услови доколку биде потребно“, рече Дуров.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња