Младиот советски радио инженер Леонид Купријанович во 1953 година заврши на московската „Бауманка“, која во тоа време беше расадник на советски инженери-пронаоѓачи. Веднаш по завршувањето на студиите се вработи, но дури ни неговото семејство не смееше да знае каде точно работи. Меѓутоа, беше очигледно дека младиот инженер е успешен на работното место бидејќи четири години подоцна неговото име одекна низ Советскиот Сојуз кога го измисли првиот мобилен телефон.
Купријанович јавно го претстави својот изум во 1957 година. Прототипот на првиот советски мобилен телефон ЛК-1 не наликуваше многу на она што го знаеме денес за овој уред. Тежеше 3 кг, а однадвор (а и по тежина) повеќе личеше на том на некоја голема енциклопедија.
Леонид Купријанович со телефон ЛК-1 во автомобил. Од десната страна на телефонот е звучникот.
Archive photoБатеријата му траеше околу 24 часа. Постоеше можност да се напојува и со помош на акумулаторот во автомобилот. Мобилниот телефон имаше две антени и ротирачки бројчаник, како тогашните фиксни телефони.
Леонид Купријанович ги демонстрира можностите на мобилниот телефон.
Archive photoЛК-1 не беше првиот мобилен телефон на светот. Во САД во 1946 година компанијата AT&T Bell Labs веќе обезбедуваше услуги за изнајмување автомобили со телефон во него. Врската беше многу лоша, а услугата многу скапа, но пронајдокот се појави 11 години пред телефонот на Купријанович.
Патент №115494 – уреди за повикување и префрлување на канали на радио-телефонска комуникација.
patents.suМеѓутоа, во Советскиот Сојуз луѓето живееја во информативна изолација, така што ЛК-1 ги фасцинираше. Написи за него беа објавени во списанијата „Наука и живот“ (Наука и жизнь) и „Зад воланот“ (За рулем), за пронајдокот известија агенциите ТАСС и АПН, а филмското списание „Наука и техника“ сними документарец во кој ЛК-1 се демонстрира најпрвин во Лениновиот совхоз, потоа се прикажува дојдовен повик во автомобил за време на возење, и на крајот два појдовни повика на поле и на брег на река.
„Што е ова? Дали е ова бајка? Поглавје од научнофантастичен роман? Не е ништо од тој вид. Телефон во автомобил кој ви овозможува да разговарате со секого навистина постои. Конструиран е и изграден од младиот московски инженер Л. Купријанович“, пишуваше 1957 година во списанието „Зад воланот“, во написот „Со телефон од автомобил“.
Мобилен телефон ЛК-1 и базна станица.
Archive photoЕдна година подоцна Купријанович го усоврши својот прототип и ја намали неговата тежина на само 500 грама, а во 1961 година „радиофонот“ (како што го нарече пронаоѓачот) тежеше само 70 грама.
ЛК-2
Archive photoСоветскиот печат тврдеше дека сериското производство на овој уред може да започне. Авторот на прилогот во филмскиот журнал напиша: „Само десет автоматски телефонски радио-станици се доволни за да опслужуваат град како Москва со радиофонска врска. Според проектот, беше планирано првата таква станица да биде поставена во Мазилово, новата населба во главниот град“.
ЛК-3
Archive photoМеѓутоа, излезе дека не е сè толку едноставно.
Првиот советски мобилен телефон не случајно го доби името „радиофон“. Имено, тој користеше радио-врска.
Апаратот воспоставуваше врска со градската телефонска централа преку друга станица која носеше ознака АТР (автоматска телефонска радио-станица). Сопственикот на уредот можеше да воспостави врска доколку се наоѓаше најмногу 20-30 километри од АТР. Таа врска беше на радиобранови, со фиксна фреквенција на предавателот и приемникот. Тоа значи дека е потребен посебен канал за секој таков радио-телефон. Дури и да се одземат фреквенциите на градските служби како што се брзата помош, милицијата и противпожарните служби, тоа сепак би било доволно само за многу ограничен број корисници, бидејќи дијапазонот на фреквенции е ограничен.
Со други зборови, „мобилниот“ на Купријанович не беше погоден за масовна употреба. За него сè уште не постоеше никаква инфраструктура освен експерименталната. На партиските функционери во тоа време им беше доволен системот за комуникација „Алтај“, кој беше инсталиран во службените автомобили, така што овој изум набрзо беше препуштен на заборавот.
Но, Купријанович не падна во очај поради тоа и се сврте кон создавање медицинска технологија. Тој го измисли уредот „Ритмосон“ кој го регулира спиењето и со негова помош долго време „го прилагодуваше здравјето“ на советските функционери.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче