Главната специфичност на паметниот телефон AYYA T1 е функцијата за механичко исклучување на камерата и микрофонот. Дизајниран е од руската компанија „Смартекоситема“, една од фирмите-ќерки на државната корпорација „Ростех“.
„Отстрана на смартфонот има специјално копче. Кога ќе го притиснете, се исклучуваат камерата и микрофонот, така што никој не може да ве гледа ни прислушува. Можете мирно да разговарате за сè и сешто, а пребарувачите и социјалните мрежи нема да почнат да ви праќаат реклами врз основа на она што сте го кажале. Тоа исто така претставува и заштита од хакери кои сакаат да ви го хакнат телефонот и да ви прислушуваат разговорите“, изјави генералниот директор на компанијата „Смартекосистема“ Владислав Иванов.
Тој истакнува дека уредот има посебен светлосен индикатор кој го известува сопственикот на паметниот телефон дека камерата е вклучена.
Смартфонот има осмојадрен Helio P70 процесор од тајванската компанија MediaTek и екран од 6,5 инчи со фреквенција од 60 херци. Неговата RAM меморија е 4 гигабајти, а основната 64 гигабајти. Уредот има две камери од 12 и 15 мегапиксели со дигитална стабилизација на сликата. Смартфонот има NFC и сензор за отпечатоци. Капацитетот на батеријата е 4000 mAh и има функција за брзо полнење.
Компанијата „Смартекоситема“ успеа да договори испорака на 500 уреди за руското Министерство за одбрана, додека во иднина таа бројка би можела да достигне 500 илјади, објави весникот „Комерсант“ повикувајќи се на свои извори. Иванов изјави дека „не може да ја потврди“ таа информација. Тој додаде дека верзијата на смартфонот со руски оперативен систем навистина ќе им ја понуди на безбедносните структури и државните органи.
Смартфонот за државните органи и безбедносните структури ќе функционира врз основа на рускиот оперативен систем. Компанијата ја тестира работата на уредот со рускиот оперативен систем „Аврора“, соопшти Иванов.
„Аврора“ е дизајнирана во 2019 година врз основа на купениот фински оперативен систем Sailfish. Оваа мобилна платформа им овозможува на компаниите и државните органи да ги следат своите вработени и далечински да ги контролираат нивните паметни телефони. Со него, нарачателот може да ги ажурира уредите на вработените, да им поставува лозинки, како и да го следи движењето на персоналот.
Се тестира и функционирањето на смартфонот со други оперативни системи, на пример, со оперативниот систем „Касперски“ на рускиот производител на антивирусни програми „Лабораторијата на Касперски“.
Верзијата на AYYA T1 за обичните корисници со оперативен систем Андроид 11 веќе се продава во руските продавници за електронска опрема и техника „М.Видео“ и „Елдорадо“.
Уредот е достапен во црна и зелена боја во комплет со заштитно стакло и силиконска футрола. Цената на уредот е 19 илјади рубли (230 евра).
„Целта ни е да направиме квалитетен руски заштитен мобилен уред. Притоа потврдуваме дека на нашиот смартфон нема да можете да правите висококвалитетни уметнички снимки, но тој има друга намена. Сакаме да бидеме максимално корисен бренд за широк спектар на лица на кои им е важна доверливоста. Затоа и направивме достапен уред“, заклучува Иванов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче