Замислете дека назима шетате низ шумата некаде во пространствата на Сибир, а кон вас не одат мечки и рисови, како што би очекувале, ами само научници или, барем, студенти. Тие низ шумата итаат на работа и на настава во неколку десетина научни институти. Ваква шума навистина постои на дваесеттина километри од милионскиот град Новосибирск. На ова место е посветена дури и една епизода од советскиот телевизиски курс по руски јазик за странци:
„Татко ми по Томскиот политехнички универзитет во 1961 година премина тука во Институтот за автоматика и електрометрија, а мајка ми една година претходно како наставничка по литература по Ленинградскиот универзитет“, вели Анастасија Близњук, која е родена и израснала во Академгородок, работела тука извесно време како психолог, а денес е чувар на неговата историја и туристички водич. „Некогаш ова било место кое на младите научници им овозможувало социјална мобилност. Токму на ова место човек можел да се пробие во научните кругови, потпирајќи се исклучиво на своите способности“.
Академгородок 1978 година
Виктор Будан, Анатолий Поляков/TASSАкадемгородок е подигнат во 1957 година среде шума како научен центар на Сибирското одделение на Руската академија на науките со акцент на физичко-техничките и природните области на науката. Познатите математичари Михаил Лаврентјев, Сергеј Соболев и Сергеј Христианович тогаш му се обратиле на раководството на земјата со оваа идеја и таа наишла на поддршка. Со текот на времето слични „реонски научници“, под закрилата на Сибирското одделение на Руската академија на науките, се појавиле во Томск, Краснојарск, Иркутск, но токму овој Академгородок кај Новосибирск беше најголемиот и најпрестижен центар на науката во СССР.
Академгородок 1977 година
А. Зубцов/SputnikПерспективни научници и обични работници започнале да доаѓаат од целата земја во оддалечените и студени краишта на Сибир. Тука владеела посебна атмосфера што никој не сакал да ја напушти. „Кај нас постојат примери кога обични ѕидари и работници вклучени во научниот процес започнувале тука студии, се посветувале на науката и станувале доктори на науки“, вели Анастасија.
„Најпаметната улица на светот“, вака локалните жители често ја опишуваат Авенијата Лаврентјев. На неа во должина од околу два и пол километри се наоѓаат над 20 научноистражувачки институти и лаборатории, при што објектите се проектирани така што патот од работа до дома задолжително да минува низ шума, а не по шумски патишта. Ништо не требало да им го сврти вниманието на луѓето од науката.
Срцето на Академгородок е Институтот за нуклеарна физика во кој се направени првите судирачи за испитување елементарни честици. Денес тука се работи на нов судирач под називот СКИФ (Сибирски прстенест извор на фотон). За што е потребен? Накусо, за стекнување нови знаења за структурата на нашиот космос, а тоа е тема што ги преокупира современите физичари ширум светот.
А, Институтот за археологија и етнографија се занимава со проучување на потеклото на човекот и етногенезата на народите. Соработниците на Институтот за време на археолошките ископувања ја пронајдоа древната Алтајска принцеза на висорамнината Укок и ја дешифрираа ДНК од останките на пронајдените во Денисовата пештера на Алтај. Излегува дека таму живееле сосема нови претставници на човековиот род.
Научниците од Институтот за неорганска хемија работат на нови материјали, како што велат тие „за од пластични шишиња да можеме да направиме флеш-мемории“.
На Институтот за цитологија и генетика создадена е домашна лисица. Во дивината процесот на припитомување траел илјадници години, додека на сибирските научници им беа потребни само 60 (нашето интервју со Људмила Трут која е иницијатор на овие истражувања, можете да го прочитате тука). Инаку, со питомите лисици можете да се дружите во центарот на млади природници.
Тука, исто така, во 2002 година е дешифриран геномот на комарецот кој пренесува маларија за во иднина да се направи вакцина против нивното гризнување.
Една од клучните идеи на академикот Лаврентјев се состоеше во тоа да се поврзат образованието, науката и производството. Така, тука постои место на кое научниците основаат сопствени претпријатија – Академпарк, отворен во 2010 година. Ова е најголемиот технолошки парк во Русија, со над 330 компании во кои се вработени 9 илјади луѓе. Главните сфери на нивната работа се информациските технологии, биотехнологијата и биомедицината, како и изработката на високотехнолошки инструменти.
Големите биотехнолошки компании сместени се во ниски згради во европски стил и се наоѓаат во таканаречениот „оксфордски кварт“. Меѓу нив е, на пример, производителот на првиот систем за тестирање присуство на коронавирус во Русија. Додека стручњаците во информациските технологии заземаат две кули кои нагалено се познати како „гуски“ поради карактеристичниот облик.
Една третина од Технолошкиот парк го сочинуваат стартап-компании за кои се формирани бизнис-инкубатори, како за „пилиња“, така и за компанијата во основање.
Евгениј Демидов 15 години се занимавал со истражување на белковините во Институтот за цитологија и генетика. Пред неколку години решил да се повлече од фундаменталната наука и да се посвети... на производство на протеини од обични домашни штурци. Добивањете протеини за јадење од инсекти денес е светски тренд.
„Сите ме прашуваат каков е вкусот на штурецот“, вели биологот. „А, тој нема никаков вкус. Ако пробате чисто брашно од него, можеби ќе почувствувате сладок вкус на семки од сончоглед, но тоа е фактички чист протеин без посебен вкус“.
Евгениј Демидов
Од личната архива„Инсектите имаат значително поголема продуктивност од останатите животни. Кај нив е исклучителна густината на одгледувањето, значително поголема одошто кај другите животни, а притоа станува збор за мошне компактно производство“, вели Евгениј. „Нашата фарма зазема само 100 квадратни метри“.
Тој во 2021 година со само една идеја се пријавил во Академскиот парк и бил примен. Во исто време го пронашол и првиот инвеститор кој вложил половина милион рубли. И работата тргнала. Засега Евгениј како примерок демонстрира кекс од „брашно“ од штурци, но планира да пушти некој вид протеин за спортистите. Ваквиот производ, според него, може да се појави на пазарот за отприлика една година.
Денес во стариот дел на Академгородок живеат над 20 илјади луѓе, но доколку се смета целиот советски реон на градот Новосибирск, на кој припаѓа и градот на научниците, бројот е шест пати поголем. Поради високите цени на становите, имено, младите семејства често се селат во соседните делови од градот.
Во 2018 година на владино ниво се појави план за развој на академгородок. Во следните неколку години планирано е во соседството да се подигне Академгородок број 2 како нова научна престолнина на Русија. Нејзин централен проект ќе биде СКИФ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче