Рускиот теренец „Бурлак“ може да го преживее крајот на светот!

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Овој огромен камион ќе ве пренесе преку замрзнати реки, низ огромни снежни навеви, па дури и низ мочуриште.

Малата приватна руска компанија „Теренски возила „Макаров“ („Вездеходы ’Макарова’“) направи идеално превозно средство за Арктикот. Станува збор за теренското возило „Бурлак“.

Овој метален аждер може да минува низ снежни соспи високи преку пет метри, преку соборени стебла и огромни камења, па дури и да плови по заледени реки и езера носејќи повеќе од еден тон товар.  

Што е тоа „Бурлак“?

„Бурлак“ е оптимизиран за возење по зимски патишта и длабок снег во Арктичкиот регион. Дури и самиот изглед на возилото е многу впечатлив. Станува збор за огромен цивилен теренец, поголем дури и од камионот „Урал-4320“ (Овде прочитајте за најдобрите руски теренци од марката „Урал“). „Бурлак“ е 24 см поширок и 70 см повисок од него. Во кабината не може да се влезе без специјални скали. Клиренсот изнесува 70 см дури и под полно оптоварување. Внатрешниот дијаметар на тркалата е 80 см.

Моторот се наоѓа пред кабината и затоа, кога влегува во вода, „Бурлак“ најпрвин „нурнува“ (со предниот дел), а потоа излегува на површина и „плови“ понатаму. Производителот тврди дека возилото не може да потоне бидејќи секое тркало има внатрешен притисок од 0,1-0,4 атмосфери и плови дури и со два тона дополнителен товар.

Покрај тоа, основните системи на „Бурлак“ (трансмисијата, системот за сопирање и сл.) се сместени во кутија која постојано се загрева благодарение на работната температура на моторот.

Додека плови по вода, „Бурлак“ го крши потенкиот мраз пред себе, а кога ќе наиде на поцврст мраз се качува на него. Одлично функционира и на најголемиот можен арктички мраз.

Како настана?

Конструкторите дојдоа до идеја да направат тешко теренско возило за време на нивното патување на Урал. Се покажа дека ниту едно транспортно средство не може да плови преку река, да помине преку паднати дрвја и карпи и да се движи по замрзнати патишта.

Првично планираа да направат возило со стандардни димензии за овие потреби, но се предомислија бидејќи некои компании веќе имаа започнато слични проекти. Наместо тоа, фирмата „Теренски возила „Макаров“ одлучи да го изгради првиот камион со големина на КамАЗ (еден од најголемите советски камиони) кој би можел да го користат поларните истражувачи и големите нафтени и гасни компании кои ги експлоатираат наоѓалиштата на Арктикот.

Беше планирано да се користи суспензија (како и други елементи) на лесна воена оклопна техника, но поради одредени причини конструкторите мораа да се откажат од концептот за преуредување на воена техника во цивилна и решија да направат целосно нов цивилен „арктички камион“.

Компанијата се реши за комбинација од руски и јапонски делови. Преносот е превземен од моделот „Газел NEXT“, модифициран е менувачот на возилото ГАЗ-66 и користен е дизел-електричен мотор на компанијата Cummins, а покрај тоа и цела низа делови од „Тојота“, со компоненти кои компанијата „Теренски возила „Макаров“ ги направи самата. Тоа се, на пример, менувачите кои го олеснуваат стандардниот систем за пренос на силата и работата со големи тркала.

„Бурлак“ се прави во мали серии во формат на теренски кампер за туристи и во формат на сменско возило за осум работници, вклучувајќи го и возачот.