Најдобрите руски теренци од марката „Урал“

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Овие теренски возила се појавија во најтешкиот период од советската историја. Денес, осумдесет години подоцна, се едни од најбараните возила на светот.

Во ноември 1941 година, кога германските единици окупираа голем дел од СССР и кога ја загрозија дури и Москва, советското раководство по итна постапка од Москва евакуираше две фабрики со работниците и со нивните семејства и ги премести во гратчето Мијас на Уралските планини. На новата локација евакуираните погони добија задача во најкус можен рок со полна пареа да започнат производство на мотори, менувачи и задни осовини, како и други резерви делови за тенкови и за воена техника. Тоа беше херојски почеток на работата на современата уралска фабрика која во 2021 година го одбележа своето 80-годишно работење.

Фабриката во 1943 година доби задача да произведува цел спектар транспортни средства. Потоа Државниот комитет за одбрана донесе одлука целосното производство на товарни возила да се префрли во Мијас. Тој ден малата фабрика, која претходно правеше делови и ограничен број основни камиони, беше претворена во големо претпријатие кое се специјализираше за производство на воени транспортни возила.

Во јули 1944 година фабриката „Урал“ на првата линија од фронтот ја испрати првата партија од своите комплетно модифицирани камиони ЗИС-5Б, а два месеци подоцна веќе испрати 1.000 возила. Тоа беа типови камиони кои беа наменети за превоз на луѓе, на муниција, на лекови и на друг скапоцен товар на првата линија од фронтот.

До крајот на војната ова претпријатие на првата линија на фронтот испрати 6.800 возила. Со текот на времето компанијата „Урал“ стана најголем производител на воени и на цивилни камиони во Советскиот Сојуз.

Ви ги претставуваме списокот на најдобри возила направени во оваа легендарна фабрика.

ЗИС-5

Камионот ЗИС-5 на Воената паради во чест на 76-годишнината од победата во Големата татковинска војна во Волгоград.

ЗИС-5 беше првото возило што излезе од фабриката по нејзиното основање.

Камионот беше симнат од фабричката производна лента во 1942 година. Беше направен од основните ресурси што претпријатието можеше да ги добие по евакуацијата.

Првата верзија на моделот ЗИС-5 имаше кабина со дрвена конструкција и со штици наместо со метални листови. Возилото имаше само еден фар и кочници само на задните тркала.

Основата беше без амортизер, а кабината немаше греење.

Возилото имаше наједноставна можна конструкција. Сепак, беше сигурно и одлично се покажа на нерамен терен, со оглед на погонот 4х2.

До 1944 година, кога во текот на војната веќе се случи пресврт во корист на Советскиот Сојуз, претпријатието успеа да ги отстрани сите недостатоци на првиот модел ЗИС-5, така што новата верзија ЗИС-5Б беше вброена меѓу возилата со најголем број произведени примероци во земјата.

Овој модел во повеќе наврати беше модифициран, сè дури не го надмина возилото од следната генерација „Урал-375“, кое се покажа како уште подобро на нерамен терен и имаше поголема носивост.

Урал-375

Урал 375Д

„Урал-375“ беше камион со погон на сите тркала, имаше 180 коњски сили и се појави на почетокот од шеесеттите години од минатиот век. Возачите често го нарекуваа „дупка без дно“ поради големата потрошувачка. На 100 километри трошеше околу 48 литри бензин од марката АИ-93.

Тој му дојде на смена на стариот модел ЗИС-5Б и на сите негови модификации во армијата зашто беше одличен на нерамен терен и имаше голем потенцијал за модифицирање и за користење во својство на повеќенаменска воена платформа. На пример „Урал-375“ можеше да се модифицира и да се користи како теренска бензинска цистерна, како дигалка итн.

Подоцна во верзиите на моделот „Урал-375“ се откажаа од бензинските мотори, така што овој камион стана дизелаш. Покрај тоа, доби и поголема носивост, така што на него можеше да се монтира оружје, па затоа ова помошно транспортно средство стана вистинско воено возило.

„Урал 4320“ и неговите воени верзии

Во 1976 година компанијата го направи „Урал 4320“ кое потоа со години беше сериски произведувана платформа за војската и за вооружувањето.

Благодарение на исклучителната проодност и на соодветната база „Урал“ е опремен со фрлач на ракети „Град“ со повеќе цевки“, што беше прилично напредна технологија за советската епоха. Подоцна воените инженери дури и го дополнија арсеналот на ова возило со автоматски топови ЗУ-23-2.

Овие борбени модификации на возилото „Урал“ за првпат се применети во Авганистан, а потоа станаа едно од основните видови оружја во текот на конфликтот во Чеченија.

Вооружените сили на Руската Федерација сè уште ги користат камионите „Урал“ зашто ова транспортно средство е навистина незаменливо и може да превезе сè што треба и секаде кадешто треба. Секој воен „Урал“ има носивост од 7 тони, погон 6х6 и развива брзина од 85 километри на час дури и на нерамен терен. Основната верзија на воениот „Урал“ чини 48.600 американски долари и може да се види во армиите ширум светот. На пример, овие камиони многу се користат во армиите на Заедницата на независни држави, а исто така и во Источна Европа и во Латинска Америка.

Комерцијални модели „Урал“

Ural Next со мобилна дигалка и со двојна кабина.

Покрај сите овие воено-транспортни и помошни транспортни возила кои се користат до денешен ден, фабриката „Урал“ произведува и комерцијални камиони за рудници, за дрвопреработувачката индустрија, како и за потребите на нафтената и на гасната индустрија. Компанијата произведува широк асортиман теренски возила под брендот „Урал Next“.

Овие возила се едни од најевтините теренци кои трошат најмалку гориво. Нивната цена се движи од 50.000 до 150.000 американски долари, во зависност од конфигурацијата.

Новиот „Урал“ има економичен четирикратен мотор со течно ладење и 312 коњски сили. Овие возила се прилагодени и за функционирање на температура од -45 до +40 степени според Целзиус. Секое возило може да носи од 7 до 12 тони товар. Носивоста варира во зависност од тоа дали се превезува стандарден цивилен товар или дрвена граѓа, растресит градежен материјал, гориво итн.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња