Најважниот додаток на воената опрема, тешкиот набљудувачко-јуришен дрон „Сириус“ ќе го изведе својот прв лет во мај 2022 година, а половина година потоа ќе биде пуштен во сериско производство и потоа испорачан на руската армија. Ова на крајот на јануари го изјави Сергеј Богатиков, генерален директор на компанијата „Кронштат“, која исто така го конструираше овој дрон и е еден од водечките руски производители на руски беспилотни летала.
Овој дрон во форма на птица може да носи 300 килограми ненаведувани бомби и ракети. Меѓутоа, според производителот, главната мисија „Сириус“ ќе биде набљудување на теренот на бојното поле.
„Оружјето е направено за патролирање, набљудување и собирање фотографски и видео-материјал за движењето на непријателските трупи. Тоа може и да ги „придуши“ непријателските компјутери со средства за електронско војување“, велат од компанијата.
Што го прави „Сириус“ специфичен?
„Овој дрон се разликува од другите по тоа што служи како идеален инструмент во системот за тактичко управување со формации. Тој ги координира дејствијата на единиците на фронтот и помага да се одвива ситуацијата на начин како што им одговара на неговите сопственици“, велат од компанијата.
Поедноставно кажано, дронот служи како центар кој непрекинато испраќа разузнавачки информации до трупите и артилериските единици на фронтот.
„Сириус“ нема да биде наоружан со некои конкретни бомби. Тој ќе ги користи сите видови модерно воздухопловно вооружување со мали димензии. Може да го користи секое модерно мало оружје, а производителот смета дека таквата можност му дава предност на овој дрон во однос на соодветните модели од странско производство.
„Има огромен потенцијал за модернизација и во споредба со другите дронови може да користи поширок спектар на помали системи на вооружување“, велат од компанијата.
Како што објасни производителот, „Сириус“ ќе ги следи дроновите „Охотник“ и „Гром“ во нивните мисии, а тие ќе ги надгледуваат авионите-ловци и ќе летаат во прв ред со нив користејќи ги податоците што ги обезбедува „Сириус“.
„Првично не планиравме да му додадеме оружје на „Сириус“. Сакавме тоа да биде мала „птичка“ што гледа сè а која никој не ја гледа. Меѓутоа, во текот на работата над овој модел, инженерите ја согледаа можноста да му додадат системи за воздушен напад, па решивме да му додадеме и „заби“ на нашиот „Сириус“, велат претставниците на компанијата.
Споредба со странските еквиваленти
„Сириус“ е во ист ранг со најдобрите странски дронови од овој тип произведени во САД и Израел, тврдат руски експерти.
„Има само една разлика: поевтин е од нив и полесно може да се набави. Тоа е предност, но од друга страна е и недостаток бидејќи на конструкцијата на „Сириус“ ѝ недостасуваат стелт-технологиите што ги имаат некои американски и израелски дронови. Со самото тоа современите единици за ПВО рускиот дрон на небото ќе го детектираат полесно од најдобрите странски дронови“, рече Владимир Евсеев, шеф на одделението за евроазиска интеграција и развој на Шангајската организација за соработка (ШОС) на Институтот за проучување на членките на Заедницата на независни држави.
Тој посочи дека руската армија е заинтересирана за создавање на дрон кој ќе може лесно да се набави и кој ќе ги зголеми можностите на нејзините копнени трупи.
„Дронот е направен за ефикасно управување со копнените единици, особено во услови на борба во реално време. Тоа е одличен инструмент за подигнување на нивото на прецизност на ракетните и артилериските лансери“, објасни Евсеев.
Тој изјави и дека „Сириус“ е сериозно модифицирана верзија на „Орион“, која има значително поголема носивост и поголем радиус на движење.
„Главната цел на овој дрон е набљудување на теренот и снабдување на единиците на бојното поле со разузнавачки податоци. Тоа е елемент на технолошки развиените армии кој го подига нивото на ефикасност на високопрецизното оружје“, заклучува експертот.
Во 2023 година корпорацијата „Кронштат“ ќе започне со сериско производство на беспилотното летало „Сириус“ за војската. Компанијата не го открива точниот број на дронови кои ќе ги добијат руските трупи и соопштува дека ќе започне со извоз на својот производ веднаш штом го исполни договорот со Министерството за одбрана на РФ.