Со кое оружје руската армија ќе го замени легендарниот АК

Војници со автомати „Калашников“ АК-74М во текот на демонстрација на борбената опрема „Ратник“ на полигонот „Алабино“ во Климовск.

Војници со автомати „Калашников“ АК-74М во текот на демонстрација на борбената опрема „Ратник“ на полигонот „Алабино“ во Климовск.

Сергеј Бобилев/TASS
Зарем автоматот „Калашников“, а со него и американскиот AR-15, заминуваат „во пензија“?

Автоматот „Калашников“ е во арсеналот на советската и руската армија уште од 1947 година. Тоа е најсигурното и најотпорното стрелечко оружје во светот, кое веќе 75 години се користи во борбени дејствија и контратерористички операции ширум светот. Но, не е далеку моментот кога и АК конечно ќе застари.

Што ќе ги замени автоматските пушки во армиите ширум светот и како ќе изгледа автоматот во иднина? За ова ни раскажува поранешниот советник на генералниот директор на концернот „Калашников“ Андреј Кирисенко.

Сите армии се наоружани со старудија

И покрај молневитиот развој на науката и технологијата, може да се каже дека автоматското стрелечко оружје во светот е целосно застарено, смета Кирсенко.

Американската полуавтоматска пушка AR-15 се користи од 1960-тите, а „Калашников“ со помали модификации од 1947 година. А тоа се двете основни платформи со кои се вооружени армиите ширум светот!

Американскиот пиштол „Колт 1911“ е во арсеналот на американската армија од 1911 година, митралезот „Браунинг“ од 1919 година итн. И тоа воопшто не е целосниот список со такви примери. Стрелечкото оружје застарува и тоа е особено впечатливо кога ќе се спореди со авијацијата која за 100 години доживеа неверојатен технолошки напредок. По еден век развој, авионите сега летаат во поблиската вселена и уништуваат цели оддалечени стотици километри, додека автоматот го користи истиот куршум што го користел пред сто или повеќе години.

Зошто стрелечкото оружје толку заостана?

Припадници на Вооружените сили на Русија за време на командно-штапски вежби на Воздухопловните сили на полигонот Опук на Крим.

Постои проблем поврзан со создавањето нов автомат.

Нов калибар за автомат беше проектиран кон крајот на 2010-тите, но ниту една земја не премина на масовно производство на ново оружје и на модернизација на својата армија. Зошто?

Американците пресметаа колку ќе чини да се снабди целата армија со нови автомати и нова муниција и да се наполнат магацините. Излезе дека од тие пари може да се направат неколку носачи на авиони. И тогаш се запрашаа дали баш сега е толку потребен нов автомат?

Војните во 21 век се краткотрајни и повеќе не се одвиваат според шаблоните на Втората светска војна со линија на фронтот долга неколку десетици, па дури и стотици километри, и повеќе не се судираат на бојното поле војски кои бројат илјадници војници.

Војните на 21 век се водат од единици за специјални намени и тоа во непријателската позадина. Ако наскоро биде направен нов автомат, тој нема да биде пуштен во масовно производство, туку ќе се произведува само за специјалните сили. За сите други задачи засега се доволни постојните автомати, со оглед на тоа дека вооружувањето на милионска армија е прескапо.

Каков автомат може да се појави во наредните 5-10 години?

Работник во фабрика која е дел од НПО „Неутрон“ за производство на автомати „Калашников“

Пред сé, новиот автомат ќе биде полесен. Причината е таа што војникот може да носи ограничена тежина, најмногу 20-30 килограми. Сега се прават обиди да се зголеми овој индикатор со помош на егзоскелети, роботи-носачи итн., но сите тие експерименти засега не вродија со плод.

Затоа конструкторите се борат за секој грам кога конструираат стрелечко оружје и се обидуваат да ја намалат тежината со помош на композитни материјали и полимери. Новиот материјал не влијае негативно на карактеристиките на оружјето, бидејќи сега многу полимери и пластични маси според квалитетот го надминуваат металот.

Покрај тоа, новиот автомат треба да биде и попрецизен. За таа цел во него ќе бидат вградени нови нишански уреди кои на стрелецот ќе му овозможат на екранот на своите очила да го гледа нишанот како во компјутерска игра, т.е. како црвена точка во центарот на екранот. Американците веќе експериментираат во таа насока, иако досега само на цивилниот пазар. Таквите технологии сè уште масовно не се воведуваат во армијата, но обичниот Американец може да купи таков „гаџет“ и да го користи за гаѓање на полигон или на ранч.

Покрај тоа, новото оружје ќе добие и нова муниција. Научниците во Русија и САД пресметаа (со минимална разлика во милиметри) дека денес е потребен куршум со калибар 6,5 мм за автомат и 6,8 мм за пушка. Овие калибри ќе ја заменат муницијата што повеќе од сто години ја користат армиите ширум светот, т.е. калибрите 7,62x54, 5,45x39, 5,56x45, итн.

Оружје врз нови принципи на физиката

Ако зборуваме за малку подалечната иднина, т.е. за периодот што ќе настапи за 20-30 години, може да се случи стрелечкото оружје целосно да исчезне, барем во оној вид на кој сме навикнати, смета Кирисенко. Ќе биде заменето со минијатурни дронови со помала количина на експлозивна материја кои како куршум летаат кон непријателот и експлодираат во контакт со него. Такво нешто веќе е претставено во САД.

Постои веројатност за 30 години војникот да се претвори оператор на дронови и високо софистицирана техника. Тоа е идеалната слика кон која ќе се стремат сите армии на светот - целосно да се отстрани човекот од бојното поле и целосно да биде заменет со уреди.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња