Кои земји купуваат оружје од Русија?

irkut.com/Global Look Press
Кон крајот на 2021 година Русија со многу земји од светот потпиша договори за продажба на оружје во вредност од 55 милијарди американски долари. Станува збор за извоз на авиони, на системи за ПВО и за автомати Калашников.

Во 2021 година Русија го задржа своето место на списокот на пет најголеми извозници на оружје во светот покрај САД, Кина, Германија и Франција. Од вкупниот светски извор на оружје на Русија отпаѓаат 20 проценти.

И покрај пандемијата, Руската Федерација во 2021 година успеа да склучи дополнителни договори за испорака на оружје во вредност од 10 милијарди американски долари. Ова кон средината на ноември го соопшти Дмитриј Шугаев, директор на Федералната служба за военотехничка соработка.

Се проценува дека руските воени договори вкупно изнесуваат 55 милијарди американски долари. Испораката се одвива според планот.

Ви ги претставуваме најскапите договори кои беа склопени минатата година, а за која дозна јавноста.

Индија

Бизнисот помеѓу концернот „Калашников“ и индиската армија беше главна тема во 2021 година. Рускиот производител на оружје со Њу Делхи потпиша договор вреден 590 милиони американски долари, а поврзан е со производство на автоматот АК-203 во фабриката во градот Корва (провинција Утар Прадеш).

Оваа компанија ќе започне комплетно лиценцирано производство на ова оружје кое ќе го користат вооружените сили на Индија.

Според договорот, Њу Делхи ќе направи 671.427 автомати АК-203. Производството на еден примерок ќе чини 958 американски долари.

АК-203 е серија автомати „Калашников“ специјално направена за индиската армија. Оружјето користи муниција со калибар од 7.62х39 милиметри и има неколку ергономски измени во споредба со другите современи автомати „Калашников“.

„На моделот АК-203 е подобрена и прецизноста на пукањето. Оружјето доби нова рачка, кундак што се склопува и кој може да се прилагоди по должината, како и Пикантиеви шини од горната и од долната страна на кои може да се закачи цел спектар нишани, држачи и ламби што ги користи индиската војска“, вели Владимир Онокој од Одделението за военотехничка соработка на концернот „Калашников“.

Тој истакнува дека автоматот има и нов компензатор на тресењето, кој е специјално направен за индиската армија. Тој има таква конструкција со која придушувачот брзо се става без отстранување на компеназторот на тресење.

Индија и понатаму е еден од главните купувачи на руско оружје. Склопувањето друг голем бизнис со руските производители на оружје е направен уште во 2018 година кога двете страни потпишаа договор вреден 5,8 милијарди американски долари кој се однесува на производство на системите за ПВО С-400. Москва кон крајот на оваа година ќе ја испорача првата партија од овие ракетни системи.

„Денес С-400 сè уште е најнапредниот систем за ПВО на светот. Тој може да ги соборува сите современи и перспективни воздухопловни цели, од бомби до невидливи ловечки авиони и крстосувачки ракети“, вели Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за промовирање технологии на 21 век.

Како што истакнува експертот, Индија е првиот странски партнер на Русија кој го има добиено овој систем.

Африка и Блискиот Исток

Во 2021 година Руската Федерација потпиша договор за испорака со 17 африкански држави вреден 1,7 милијарди американски долари.

„Рособороноекспорт“ (компанија задолжена за сите испораки на оружје во странство) не прецизираше кое конкретно оружје се испорачува во споменатиот регион, но соопшти дека станува збор за хеликоптери, за системи за ПВО, за военопоморска техника, лесни оклопни возила и за огнено стрелачко оружје за органите за ред и мир.

„Од почетокот на 2021 година сета продажба на оружје во странство е под печатот на државна тајна. Поради тоа 'Рособороноекспорт' во поголемиот број случаи само го наведува спектарот на опрема која се испорачува на регионот, доколку информацијата за склопувањето на бизнисот не протече во јавноста преку странски медиуми“, вели Дмитриј Литовкин, извршен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.

Тој истакнува дека за време на воената изложба кон средината на 2021 година Русија ги претстави оклопните транспортери БТР-80 и цел асортиман најнови автомати АК (AK-12, AK-15, AK-19, AK-308, и др.), како и противтенковските ракети „Корнет“. Со самото тоа, ова оружје може да се најде на списокот на потенцијални договори за извоз.

За време на воените изложби на Блискиот Исток Русија заработи 1,3 милијарди американски долари и најави идни испораки кои ќе донесат над 2,5 милијарди американски долари кога договорите ќе бидат потпишани. Во исто време Руската Федерација го претстави својот нов ловец од петтата генерација „Checkmate“ со еден мотор, како и борбените дронови кои се тестирани во Сирија и новиот патнички авион за летови со средна должина МС-21.

Тука можете да ги прочитате сите детални податоци за овие авиони, а исто така и информациите за потенцијалните договори што Русија планира да ги потпише со Обединетите Арапски Емирати и со други земји од регионот.

Муниција за САД

И покрај американските санкции, руските военоиндустриски компании поставија рекорд во испораката на муниција за Соединетите Американски Држави.

Според податоците на Бирото за попис на населението на САД за надворешна трговија на кое се повикува рускиот бизнис-весник РБК, во текот на првите десет месеци од 2021 година американските компании имаат направено увоз на руска муниција за стрелачко оружје во вредност од 157,9 милиони американски долари. Тоа е околу 7.7 милиони куршуми за карабина на АК на цивилниот пазар.

„Американските санкции што беа воведени неодамна, во август 2021 година, го ограничуваат понатамошното лиценцирано купување стрелачко оружје и муниција за него од Русија. Американските компании се трудат да набават колку што е можно повеќе муниција за своите клиенти пред санкциите во целост да стапат на сила. За неколку години новите ограничувања во целост ќе оневозможат увоз на руска муниција во САД, така што американските компании ќе мораат да бараат нови набавувачи на муниција за автоматите АК“, вели Литовкин.

Заедница на независни држави

Су-30

„Рособороноекспорт“ не ја обелодени вредноста на воените договори со земјите од Заедницата на независни држави. Сепак, се знае дека Москва во 2021 година и понатаму ќе биде главниот испорачател на оружје во овие земји. Извозот на оружје во Заедницата на независни држави е сè уште важен дел од воената соработка помеѓу Москва и нејзините сојузници во регионот.

Главни увозници на руското оружје се Казахстан и Белорусија.

Казахстан има добиено пет дивизиони од системите за ПВО С-300ПС и 16 повеќенаменски ловци Су-30 од генерацијата 4+. Русија со Казахстан ги продолжи и своите договори поврзани со испораката на ловците Су-30СМ.

Во текот на изминативе години извозот на руско оружје во Белорусија е тројно зголемен во споредба со средината на минатата деценија. Станува збор главно за системи за ПВО и авиони за локалните сили за ПВО.

С-300ПС

Излезе дека Минск има добиено единици за ПВО С-300 и борбено-вежбовни авиони „Јак-130“.

Латинска и Јужна Америка

Од почетокот на веков Русија реализира трговија и производство на оружје во седум земји од Јужна Америка. Тоа се Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Перу, Уругвај и Венецуела.

„Москва произведува и продава хеликоптери, лесна оклопна техника, системи за противвоздушна одбрана и стрелачко оружје за локалните органи на редот. Наш најголем клиент во регионот е Венецуела. Нејзината армија е главно опремена со оружје од руско производство“, вели Литовкин.

Тој истакнува дека Москва и Каракас имаат потпишано договор за продажба на вооружување вреден една милијарда американски долари со кои е опфатен цел спектар копнени транспортни средства, огнено оружје и хеликоптери.

Судејќи според податоците од отворените извори, Венецуела има купено оклопна пешадиска техника, меѓу другото и борбени возила за пешадијата БМП-3М и оклопни транспортери БТР-80А.

Таа има и договори за купување артилериски системи како што се „Мста-С“ и лансери за ракети со повеќе цевки „Град“.

Венецуела има потпишано и договори за купување тенкови Т-72Б1 и зенитни ракетни системи С-300ВМ, „Бук-М2“ и „Тор-М1“.

Военото воздухопловство на Венецуела исто така има набавени руски борбени и транспортни авиони: Mi-17-1B „Panare“, Mi-26T2 „Pemon“ и Mi-35M2 „Caribe“, како и повеќенаменски ловци Су-30МК2В.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња