Кој е главен на Меѓународната вселенска станица?

NASA
Во проектот Меѓународна вселенска станица учествуваат 14 земји, но кој и како ги носи одлуките?

Меѓународната вселенска станица (МВС) е најскапиот и најкомплексниот проект на светот. Повеќе од дваесет години во нејзината работа учествуваа речиси сите земји со развиена космонаутика, а десетици луѓе престојуваа на станицата. Притоа Меѓународната вселенска станица неколку пати беше предмет на неколку спорови. Последните спорови се однесуваат на прашањето: што да се прави со неа кога ќе ѝ истече рокот на употреба?

Засега е договорено да се користи до 2024 година, но плановите на нејзините главни корисници (Русија и САД) се разликуваат. Кој е надлежен за решавање на ова и други прашања?

Кому му припаѓа станицата?   

Како што вели нејзиното име, тоа е заеднички меѓународен проект. Во моментов во него учествуваат 14 земји: Русија, САД, Јапонија, Канада и како членки на Европската вселенска агенција Белгија, Германија, Шпанија, Данска, Италија, Холандија, Франција, Норвешка, Швајцарија и Шведска.

МВС се состои од два сегменти: руски и американски, кои постепено се составени од модули. Обично руските космонаути и американските астронаути работат во нивните национални сегменти (иако нема ограничувања во движењето).

За 23 години станицата достигна големина од 15 основни модули: шест руски, седум американски, еден европски и еден јапонски.

Ситуацијата со модулите е отприлика вака: Русија ги користи своите модули, а остатокот од станицата по договор го користат САД, Европејците и Јапонците, при што има прецизна поделба во процентите кој и колку работно време може да помине на станицата.

Но, дури и кај вака пропишаната поделба на правото на користење на МВС и нејзиниот имот, секогаш имало отстапувања од тие правила. На пример, рускиот модул „Зора“ прв беше поставен во орбитата, изграден е по нарачка и од пари на НАСА, што до ден-денес го прави сопственост на американската агенција, но се смета за дел од рускиот сегмент. Од друга страна, по затворањето на програмата „Спејс шатл“ во 2011 година, Американците и космонаутите од земјите-партнери на НАСА доаѓаа на станицата исклучиво со помош на руските „Сојуз“. Девет години Русија беше единствениот оператор на лансирањата со екипаж и обезбедуваше пристап до станицата која не може да функционира без човечко присуство.

Кој е одговорен за МВС  

Механизмот на донесување одлуки е пропишан во договорите под едно заедничко име „Меморандум за заемно разбирање“. Во него како главен принцип на носење одлуки се наведува консензусот. Меѓутоа, би било проблематично со комплексен проект како што е МВС да се управува така што секој пат ќе се свика меѓународен совет. Токму затоа во Меморандумот се наведува дека НАСА е задолжена за управување со МВС. Тоа значи дека меѓу земјите-учеснички не постојат никакви договори, туку сите договори се склучуваат со НАСА.

Управувањето со МВС (нејзините сегменти и модули) е распределено меѓу партнерите, но главниот „команден мост“, просторијата за контрола на летот на целата станица, исто така се наоѓа во САД, во вселенскиот центар „Линдон Џонсон“ во Тексас. Од тоа место во соработка со стручњаците за балистика од Русија се коригира, на пример, траекторијата на МВС, за да се избегнат судири со вселенски отпад и други објекти. Таму се наоѓа „раководителот на летот“, лицето кое управува со МВС.

Во орбитата постои и јасна хиерархија и строга подреденост. На станицата се наоѓа капетан на МВС (тоа е должност на која се менуваат претставниците на земјите-партнери). „Капетанот одговара за извршување на задачите и за безбедноста на екипажот. Оваа едноставна фраза целосно го опишува обемот на неговите обврски на МВС. Иако тука има многу нијанси“, објаснува рускиот космонаут Александар Скворцов, кој беше на оваа должност. Во основа, во орбитата сите знаат која им е задачата и сите имаат свои програми. Капетанот е потребен за донесување клучни одлуки во случај на итни случаи или дефекти, но тој е и подреден на раководителот на летот на Земјата.

Кој плаќа за МВС 

МВС нема еден буџет, во кој би бил пропишан годишниот придонес на секоја земја. Освен тоа, дел од тој придонес не се разликува во паричниот износ, туку во видот на услугите, лансирањето, замената на опремата итн. 

Сепак, приближните трошоци на секоја земја може да се пресметаат и главниот финансиски товар го сносат САД. За време на постоењето на МВС, вкупните инвестиции во неа изнесуваа над 150 милијарди долари, а 100 милијарди вложи Америка. Секоја година, според податоците на НАСА, тоа изнесува 3-4 милијарди долари. Земјите на ЕУ секоја година трошат на овој проект помалку од милијарда долари. Јапонија и Канада уште помалку од тоа. Додека Русија за проектот издвојува околу половина милијарда долари годишно.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња