Во фабриката сместена во Ростов на Дон почнува сериското производство на новата верзија на најголемиот транспортен хеликоптер на светот Ми-26Т2В. Сите потребни документи со техничките спецификации ќе бидат комплетирани до крајот на оваа година и потоа може да започне производството.
„Во овој момент се наоѓаме во завршната етапа на тестирање на хеликоптерот кој ќе го има почетниот број „01“, врз основа на кој линиски ќе се прават новите модели. Останаа само уште неколку летови до завршувањето на летечко-техничките тестирања. Очекуваме сето тоа да го завршиме до крајот на годината и да го профилираме почетниот број „01“, изјави за веб-порталот ТАСС генералниот директор на холдингот „Хеликоптери на Русија“ Андреј Богински, пренесува веб-порталот РГ.
Тој исто така додаде дека првите модели на овој хеликоптер неодамна биле доставени до руското Министерство за одбрана (веројатно прототипски пробни модели на леталото – заб. на прев.).
Првиот лет на тешкиот транспортен хеликоптер во модификација Ми-26Т2В беше реализиран во август 2018 година. Во согласност со желбите на руските конструктори, успешно е имплементиран дигитален пилотски комплекс (кокпит со контролни функции), кој овозможува реализација на летови во автоматски режим на работа дење-ноќе и во сложени временски услови.
Покрај тоа, овој хеликоптер доби и нов одбранбен систем за противелектронско војување „Витебск“, кој не само што регистрира лансирање на ПВО-ракета од земја, туку и ја „пали“ нејзината самонаведувана боева глава со помош на ласер што се наоѓа во системот. За петте члена на екипажот во пилотската кабина се вградени антитравматски седишта, кои ја апсорбираат енергијата, поточно го „придушуваат“ кинетичкиот удар при вонредно слетување. Ми-26Т2В ја доби титулата најмоќен хеликоптер во светот бидејќи има способност да носи до 20 тони товар на надворешните носачи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче