Автомобилите LADA ќе се произведуваат во Етиопиja

Министерство за индустрија и трговија на Руската Федерација/Global Look Press
Во Етиопија се подготвуваат погони за склопување на целата линија автомобили од руско производство.

Етиопската компанија Bazra Motors соопшти дека компанијата „АвтоВАЗ“ планира да го локализира производството на автомобили Lada во Етиопија. Во оваа источноафриканска земја ќе се организира монтажа на готови склопови и компоненти на автомобили од целата линија на оваа марка: Granta, Vesta, XRay, Largus, Niva Travel и Niva Legend. Во првата фаза од фабричката лента во етиопскиот погон ќе слегуваат 5000 автомобили годишно, а во следните пет години тој број ќе достигне 10000.

Bazra Motors веќе има искуство во работата со руски производители на автомобили. Пролетта 2021 година компанијата постигна договор за производство на возила УАЗ во Етиопија. Фабриката во градот Комболча (држава Амхара) е веќе подготвена за склопување на крупни склопови и компоненти на моделите Patriot, Pickup, Profi, Hunter и „Буханка“. Првата партија од 64 комплети делови за склопување автомобили беше испратена уште во август, а според плановите на производителот, претпријатието во 2023 година ќе достигне максимален капацитет од 3000 автомобили годишно.

Покрај тоа, Bazra Motors е локален дистрибутер на возила од марката „КамАЗ“.

Што се однесува до руските автомобили LADA, тие се извезуваат во голем број земји, меѓу кои се Унгарија, Бугарија, Боливија, Чиле, Тунис, Либан, Јордан и други. Во првата половина на 2021 година „АвтоВАЗ“ испорача на странските корисници над 15000 автомобили, што е за 24,4% помалку од истиот период во 2020 година, додека најпопуларни пазари и понатаму се Белорусија и Казахстан.

Сепак, ниту LADA, ниту УАЗ не можат да сметаат на голем пласман во Етиопија. На пример, во текот на целата 2020 година, на локалниот пазар беа продадени вкупно 1300 нови патнички автомобили, а во најдобрите години обемот на продажба изнесуваше 4000 автомобили. Според податоците за 2021 година, Етиопија има 119 милиони жители.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња