Сѐ се движи: Како живее познатата фабрика УАЗ (ВИДЕО)

УАЗ

Филмот под називот „Сѐ се движи“ е објавен на официјалниот „Јутјуб“ канал на УАЗ.

Во видеоклипот кој трае шест минути е прикажан животот надвор од фабричките хали на 14518 вработени во познатата руска Улјановска фабрика за автомобили, како и производствените погони од кои годишно излегуваат 50517 возила.

„Не барајте скриена смисла во филмот. Ова е видео за луѓето, животот и емоциите, тешкотиите и нивното совладување, малите радости и вистинските вредности. За сето она што на најдобар начин го карактеризира нашиот бренд УАЗ“, се вели во најавата на филмот.

Руските медиуми го окарактеризираа филмот како животен, возбудлив и чесен, бидејќи не се занимава само со успесите и не ги крие пропустите. Во филмот е прикажана монтажата, но и тестирањето на возилата на полигонот кои не секогаш поминуваат славно, па така може да се види УАЗ кој се превртува после остар маневар и на волшебен начин се враќа на тркалата. Ваквите кадри се испреплетени со сцени од секојдневието на вработените во легендарната фабрика основана 1941 година, нивните празнувања, одмори и патувања, се разбира во автомобилите произведени во Улјановската фабрика  - „Буханка“, „Патриот“ и „Хантер“.

„2018 година ги пуштивме сите во нашиот „олтарски простор“ и се запознавме со вработените. Во текот на изминатата година ги унапредивме производниот процес и логистиката, го модернизиравме системот за контрола на квалитет, но најважно е тоа што во живо го покажавме склопувањето на обновениот теренец „УАЗ Патриот“, првиот сериски модел за 2019 година“, се наведува во придружниот материјал за филмот.

Краткиот филм „Сѐ се движи“ е уште едно видео од серијата „Фабриката одговара“ настаната во склоп на новата стратегија на отвореност. Во серијата видеоклипови вработените одговараат на секојдневни прашања поврзани за нивните автомобили. Серијата за обновениот „Патриот“, упатена до критичарите на овој модел, беше убедливо најпопуларната. Претставниците на компанијата зборуваа конструкторските карактеристики на модернизираниот теренец и предностите на одредени решенија. Филмот за вработените во УАЗ, според зборовите на претставниците на фабриката, претставува природен завршеток на повеќе од успешната 2018 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња