Колку е убоит ГШ-18, најлесниот пиштол на светот?

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Ова оружје стана еден од најмоќните пиштоли во Русија. Многу вооружени структури го користат наместо пиштолот „Макаров“.

Руската војска на почетокот на 2000-те бараше ново, лесно и ефикасно оружје кое е помоќно од пиштолот „Макаров“ и може да се скрие под костум. Руските производители ја исполнија таа желба и го направија најлесниот пиштол на светот ГШ-18, кој веднаш беше воведен во експлоатација во многу родови на војската и стана еден од најомилените пиштоли на припадниците на државната безбедност.

Дописникот на порталот Russia Beyond отиде на стрелиште за да ги провери можностите на ова оружје пред Росгвардија да почне да го користи пиштолот ПЛК наместо него.

Поглед одблиску

Лично го тестирав пиштолот на стрелиште во Подмосковје на почетокот на септември.

Да почнеме од изгледот. Однадвор изгледа како поедноставена верзија на пиштолот „Глок“ со метална рамка во пластичниот ракофат. Па сепак, разликата помеѓу австрискиот и рускиот модели е многу забележлива. Европскиот пиштол е поубав и подобро лежи во раката, додека ГШ-18 делува незгодно и има остри рабови.

Но, „изгледот“ никогаш не бил приоритет за руските оружари. Овој пиштол не е направен да стане комерцијален производ и да се продава во продавниците за оружје ширум светот. ГШ-18, како и другите пиштоли во Русија, е направен за да задоволи одредени потреби на Министерството за одбрана“, изјави за порталот Russia Beyond Андреј Пискунов, инструктор за специјални операции.

Инженерите на полигонот објаснија дека Министерството за одбрана изразило желба новиот пиштол да биде што е можно полесен.

„Оружарите немаа конкретна намера да го направат ГШ-18 да биде најлесниот на светот. Тоа се случи како сплет на околности. Имено, уште во текот на 2000-тите, конструкторите користеа специјални полимери за дршката и ги оставија само неопходните метални детали во рамката за да го направат пиштолот функционален и сигурен“, изјави за порталот Russia Beyond Јуриј Омелин, водечки инженер на корпорацијата за производство на високопрецизно оружје.

Рамката на пиштолот има остри рабови и ги гребе рацете ако пукате без ракавици. Од друга страна, рамката лесно и меко се лизга кога оружјето се полни.

Пиштолот не лежи убаво во раката, дршката е поширока отколку што би требало да биде. Чкрапалото е долго и има осигурувач во стилот на пиштолот „Глок“, што е многу практичен додаток во споредба со пиштолите ТТ и „Макаров“ од претходниот период.

Потребно е време човек да се навикне на ГШ-18. Ако го држите цврсто, како стандарден пиштол тежок еден килограм, тој почнува да се „трга“ при стрелба. Морате максимално да ги опуштите рацете за прецизно да погодувате цели на дистанца од 25-50 метри.

Овој модел им се допадна на оперативците поради неговата огнена моќ бидејќи го пробива панцир, што пиштолот „Макаров“ не можеше да го направи.

Карактеристики

ГШ-18 користи муниција со калибар 9х19 мм Luger и Parabelum, која е распространета ширум светот. Оружјето има зголемена рамка која собира 18 куршуми (за споредба, пиштолот „Макаров“ собира само 8 куршуми).

ГШ-18 пробива панцир со II класа балистичка заштита, а во 2021 година доби муниција што пробива дури и во панцирен елек со III класа балистичка заштита.

ГШ-18 може да истрела 30000 куршуми. Тежок е 580 грама и е најлесниот воен пиштол на светот. На комерцијалниот пазар, додуша, постојат и полесни модели.

„Овие пиштоли се нарекуваат „дамски“. Имаат мал калибар и може да ги собере во женска чантичка. Воопшто не се ефикасни во престрелка, но се доволно добри за лична одбрана“, истакна Омелин.

Оружјето беше 20 години во арсеналот на руските вооружени сили и сега треба да биде заменето од пиштолот ПЛК „Калашников“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња