Како што претходно беше соопштено, во маневрите ќе учествуваат речиси 200000 војници, меѓу кои ќе има и странски контингенти од земјите-членки на ОДКБ, ШОС и други. Ќе бидат ангажирани стотици единици техника, вклучувајќи тенкови, оклопни возила, бродови и авијација. Русија првпат во маневри од вакви размери ќе ги примени најновите борбени роботи „Уран-9“.
Во Калининградската област, најзападниот регион на Русија, поморските полигони за воена обука во јужниот дел на Балтичкото Море веќе ги зазедоа 15 воени бродови, како и бродови за снабдување. На знак на тревога беа подигнати авијацијата и поморската пешадија и единици на корпусот на крајбрежните трупи.
Во заедничките руско-белоруски стратешки маневри „Запад 2021“ се ангажирани преку 80 авиони и хеликоптери. Екипажите на суперсоничните ловци Су-35С, Су-30СМ, МиГ-31БМ и Су-34, како и на мултифункционалните хеликоптери Ми-8 од различни модификации, набљудувачко-јуришните Ми-28 „Ноќен ловец“, јуришните хеликоптери Ка-52 „Алигатор“ и Ми-35 ќе изведат групни и поединачни летови, ќе тренираат водење воздушна битка и напад врз копнена групација трупи на условниот непријател.