Во Русија направена снајперска пушка со најголем дострел на светот

Виталиј Тимкив/TASS
Ова оружје ќе погоди цели на дистанца од 7 километри и целосно ќе го промени односот на силите на светскиот пазар на снајперски пушки.

Компанијата Lobaev Arms кон крајот на август 2021 година соопшти дека ја завршила работата над првата верзија на снајперската пушка DXL-5, најдолгата пушка во светот која ќе погодува цели на дистанца од седум километри.

Компанијата во ноември 2021 година ќе го испрати оружјето на тестирање, а потоа во февруари 2022 година ќе му ја испорача првата партија од овие пушки на неименуван странски нарачател. Руската армија сé уште не го нарачала ова оружје ниту пак изразила интерес за него.

„Руската армија веќе ги има снајперските пушки СВД и КОРД од советскиот период и не им требаат нови. Имаме договор со странците врз основа на кој ја направивме DXL-5 со калибар.50 BMG и инвестиции во правењето муниција од нова генерација која ќе може значително да ги зголеми можностите на снајперистите“, вели Влад Лобаев, водечки инженер и сопственик на корпорацијата Lobaev Arms.

Изразено во бројки, оваа нова муниција ќе му овозможи на корисникот, кој обично гаѓа цели оддалечени од 1 до 2 километри веднаш да погоди цели оддалечени 3 километри. Корисникот кој работи на дистанца од 2,5 километри ќе може стабилно да погоди цели на 4 километри оддалеченост.

Во исто време, ќе биде направена и спортска верзија на воената снајперска пушка DXL-5 со муниција од новата генерација (на која се работи) и таа ќе погодува цели на растојание од 7 километри.

„Направивме четири типа муниција од различен калибар. Секој ќе го тестираме во ноември (2021 година) на платформата DXL-5, а потоа ќе ги избереме двата најсоодветни за прецизно и смртоносно гаѓање на толку големи растојанија“, истакна Лобаев.

Зошто е потребна таква пушка?

Се смета дека во моментов снајперските пушки со калибар .50 BMG се најмоќните пушки на пазарот. Најпознати се оние што ги прави компанијата Barrett Firearms Manufacturing.

Нивната муниција е меѓу најмоќните на пазарот, што им овозможува на војниците на НАТО да онеспособуваат оклопна техника на растојание од 2-3 километри. Главниот недостаток на тоа оружје е прецизноста, бидејќи на тоа растојание прави вредности од 1,5 до 2 МОА. Во пракса, овие бројки значат дека отстапувањето на погодоците може да биде половина метар поголемо од очекуваното. Тоа е главната причина зошто куршумот .50 BMG е добар против оклопна техника и лош против камуфлирани снајперисти.

„Кај сите модерни снајперски пушки, муниција и платформи, достигнати се физичките граници и секој рекорд во дострелот станува прашање на случајност. На армијата ѝ е потребно стабилно оружје за снајперистите кое им овозможува што е можно поефикасно да извршуваат операции во војната на 21 век. Едноставно кажано, целта е да бидете што подалеку од непријателските снајперисти и да ги ликвидирате од голема далечина, а во исто време да останете незабележани“, вели Иван Алексеев, поранешен снајперист на рускиот спецназ.

Првата компанија која на пазарот претстави пушка со толку голем дострел со муниција од новата генерација ќе склучи договори вредни милиони долари.

Lobaev Arms најавува дека нивните снајперски пушки DXL-5 со калибар .50 BMG ќе чинат 25000 долари по парче, почнувајќи од февруари 2022 година. Модификацијата која ќе може да погоди цели на дистанца од 7 километри ќе биде поскапа бидејќи е единствена во светот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња