Што е познато за снајперската пушка ДХЛ-5 чии куршуми ќе летаат со хиперсонична брзина?

Сергеj Савостjaнов/TASS
На почетокот на јуни започна производството на првата снајперска пушка на светот која има можност да погоди цел на оддалеченост од вртоглави седум илјади метри. Во овој момент апсолутен рекорд кога станува збор за далекустрелен куршум го држи снајперската пушка СВЛК-14 „Сумрак“, која го претставува производот на истата компанија. За новата пушка се развива посебен куршум кој според своите технички карактеристики ќе биде единствен во светот. Повеќе детали во продолжението на текстов.

Гратчето Тарус се наоѓа на само неколку часа возење од главниот град Москва. Во него се наоѓа мала еднокатна зграда во која е стационирана фабриката за производство на висококвалитетно стрелачко оружје која го носи името „Lobaev Arms“. Самото здание на прв поглед изгледа мошне неупадливо, и тешко би можело да се претпостави дека во неа се комплетираат најдобрите снајперски пушки на светот.

На почетокот на јуни започна производството на првата снајперска пушка на светот која ќе може да погоди целта на оддалеченост од вртоглави седум илјади метри (во овој момент апсолутен рекорд кога станува збор за далекустрелен куршум држи снајперската пушка СВЛК-14 „Сумрак“ која е производ на истата компанија). Самиот проект на новата пушка ја носи ознаката ДХЛ-5, и таа по сè изгледа ќе биде единственото оружје кое ќе им овозможи на стрелците ефикасно да го уништат непријателот кој се наоѓа на работ, па и преку линијата на хоризонтот.

SVLK-14S Sumrak

Развојниот инженер кој учествува во разработката на оваа пушка Влад Лобаев објаснува дека на стрелецот ќе му биде доволно да се искачи на рид или на повеќекатница од каде со своите очи ќе може да го набљудува просторот кој се протега на оддалеченост од 10 и повеќе километри. Логично, колку што стрелецот ќе се наоѓа на поголема висина, толку подлабоко ќе гледа и со тоа ќе може да ги искористи сите потенцијали на новата пушка.

Што е познато за снајперската пушка ДХЛ-5

Снајперската пушка ДХЛ-5 претставува понатамошна еволуција на снајперската пушка СВЛК-14С, која поради своите високи техничко-тактички перформанси го доби името „Сумрак“.

„Пушката е направена по највисоки светски стандарди, како што е тоа во светот на автомобилизмот карактеристично за возилата од марките Ферари или Порше. Оваа пушка е направена за професионални снајперисти кои се специјализирани за гаѓање на големи далечини“, вели за Russia Beyond главниот инженер на компанијата Lobaev Arms Јуриј Синичкин.

„Сумрак“ користи муниција 408 CheyTac (10,З x77 мм), чиј куршум во устата на цевката достигнува брзина од 900 метри во секунда. За снајперската пушка ДХЛ-5 се развива специјален куршум со посебен тип барут, кој ќе му овозможи на зрното да оствари екстремни вредности на почетната брзина во устата на цевката, која ќе изнесува повеќе од 1.500 метри во секунда.

Објаснувањето за ваквата голема брзина на куршумот е мошне едноставно: при брзина на зрното од 900 метри во секунда, тоа може (ако такво нешто е воопшто изводливо) да погоди цел која хипотетички се наоѓа на 7 илјади метри во временска рамка од 7.8 секунди. За тоа време целта што се гаѓа во целост може да ја смени својата позиција. Значи, за ефикасно дејство на олку голема далечина неопходно е да се развие неспоредливо побрз куршум кој во најкуса временска рамка ќе го прелета ова растојание.

„На пример, кинетичката енергија на овој куршум е доволна да пробие железничка шина која е дебела 30 милиметри. Претпоставете што, на пример, би се случило кога овој куршум би го погодил непријателот. Тука не помага никаква индивидуална балистичка заштита“, објаснува рускиот инженер.

Перспективниот куршум е проектиран за борба со непријателот кој е заштитен со оклоп кој се класифицира како шести степен на заштита. Општо кажано, оклопната заштита од оваа категорија може да ја пробие само противтенковска пушка од периодот на Втората светска војна која користела куршум со калибар од 14.5 милиметри. Оваа муниција со нов куршум ќе биде аналогна само по вредноста на количеството кинетичка енергија која во таа пригода ја генерира, но не и по ефективниот дострел и прецизноста на пукањето.

Изворната верзија на снајперската пушка ДХЛ-5 ќе се произведува во мошне мали количества. Ова оружје ќе го имаат богатите колекционери, како што е случајот со најлуксузните автомобили кои некогаш се произведени. Серискиот модел на оваа пушка, со која ќе бидат опремени специјалните единици на војската и на полицијата исто така ќе можат да дејствуваат на ултраголеми дистанци, кои ќе достигнуваат 5 илјади метри.

„Обуката на снајперистите кои се специјализирани за уништување цели на оддалеченост од 2-2.5 километри обично трае најмалку две-три години. Нашата пушка е проектирана ваквите високи барања „рутински“ да ги одработува, и комплетната подготовка за гаѓање да ја поедностави до невозможни граници. Всушност, тоа беше и основната идеја за време на разработката на оваа пушка – работата на професионалецот максимално да се поедностави и со тоа тој да стане уште поефикасен“, истакнува Лобаев.

Според него, поради карантинот кој е поврзан со пандемијата на КОВИД-19, фабричките тестирања на новата пушка ДХЛ-5 се поместени за крајот на 2020 година. Штом новата пушка ги потврди своите прокламирани техничко-тактички можности, на тестовите ќе биде повикана специјална комисија која и фактички ќе го потврди рекордот.

Треба да се нагласи дека проектите за снајперски пушки од висока класа што ги произведува фабриката Lobaev Arms не се водат под шифра „строго доверливо“, и дека за разлика од, на пример, автоматската пушка АК-12, можат да се набават индивидуално и да се усвојат во вооружувањето на која било единица. Конечниот одговор околу армиската набавка на најновата далекустрелна снајперска пушка ДХЛ-5, како и нејзината цена за странските купувачи, ќе бидат познати на почетокот на следната година по завршувањето на серија фабрички и теренски испитувања.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња