Неколку часа возење со автомобил од Москва, и вие сте во гратчето Тарус каде се наоѓа мала приземна зграда со натпис „Lobaev Arms“. На прв поглед неугледниот објект по ништо не се издвојува, но внатре се наоѓа фабриката каде се произведува една од најмоќните снајперски пушки на светот.
Оваа компанија стана позната во јавноста кога во средината на април западните медиуми почнаа да зборуваат за моќното и смртоносно оружје кое се прави на ова место.
Производителите беа изненадени од еуфоријата која во Британија избувна во врска со нивното производство. „На Британците им е здодевно да седат во карантин, па на Интернет бараат разно-разни пикантерии по белиот свет“, се шегува Јуриј Синичкин, еден од конструкторите на СВЛК-14С „Сумрак“, пушката со најголем дострел на светот.
Големиот интерес за ова оружје ги поттикна медиумите да ја преземаат веста еден од друг, така што илјадници луѓе го посетија сајтот на Lobaev Arms. Сепак, засега нема конкретни нарачки на „Сумрак“ (тој чини , ни помалку, ни повеќе, 300.000 фунти стерлинзи). Коронавирусот и домашниот карантин диктираат приоритети кога станува збор за купување.
Пушката е направена за спортски активности и за гаѓање од екстремни снајперски дистанци. Тоа е нејзината главна намена, а не уништување терористи некаде таму во Сирија. Ова е всушност скапа и луксузна 'играчка'“, вели конструкторот.
„Сумрак“ се темели на максимална едноставност и прецизност во изработката. „Тука нема дополнителни механизми, конектори и опрема. Само максимално јака конструкција на затворачот, зајакната цевка и еден куршум во неа („Сумрак“ нема рамка како другите пушки, ами куршумот се става во цевката пред секое пукање, како кај оружјето со голем дострел и калибар од времето на Втората светска војна)“, објаснува Синичкин.
Снајперската пушка „Сумрак“ веќе има поставено неколку светски рекорди. Меѓу нив е гаѓање на оддалеченост поголема од три километри и неколку погодоци во целна мета на оддалеченост од 4.178 метри.
„На пушката повеќе нема што да се усовршува. Сега експериментираме со ноќно гаѓање на снајперски дистанци поголеми од 2.5 километри. Преку ден успеавме да го собориме светскиот рекорд, а сега сакаме да го постигнеме тоа во целосна темнина“, вели конструкторот.
„Сумрак“ е направен за куршуми 408 CheyTac (10.3 милиметри) кои излетуваат од цевката со брзина поголема од 900 метри во секунда.
„Овој куршум е толку моќен што пробива метална шина со дебелина од три сантиметри. Замислете што ќе се случи ако ваков куршум го погоди непријатели? Тука не помага никаков панцир“, истакнува инженерот.
Пушката функционира во распон на температурата од -40 до +65 степени, во сите климатски услови. Сепак, таа има и еден голем недостаток, а тоа е тежината. Секој „Сумрак“ е тежок речиси 10 килограми, и тоа без нишански справи кои можат да тежат од два до четири килограми.
Со вакво оружје нема многу трчање по шумите и по ливадите, но затоа може убаво да се мине викенд на стрелиште.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче