Џиновско скеле за ракетно чудовиште: Како е префрлен систем „Јарс“ преку реката Ока

Скриншот
Првпат преку река е направен понтонски мост со две ленти по кој возилата се движат во двата правци истовремено.

Инженерските единици во Владимирската област го изградија првиот двоен пловечки мост. Такво нешто никогаш порано не било направено на реките. Оваа конструкција може да издржи дури и стратешки ракетни системи тешки 100 тони. Олег Лавров забележа како системот „Јарс“ се префрла на другиот брег на реката Ока.

„Педесетина пловечки транспортери, триесетина гасенични скелиња и цел комплет понтонски парк - сето тоа беше спуштено во реката Ока. Според планот на воената вежба, непријателот ги уништи мостовите и сега треба да се изведе исклучително комплицирана операција на префрлување на воена техника на другиот брег. А тоа не се само тенковите и самоодните артилериски оружја“, вели дописникот на телевизијата „Ѕвезда“.

Обичен воен понтон не може да издржи толкава тежина. Затоа за префрлање на „Јарс“ беше монтирано уникатно џиновско скеле тешко 360 тони од централните спојки и страничните полуспојки. Најинтересно е што сите овие сложени операции на реката, покрај професионалните војници под договор, ги изведуваат и редовни војници кои беа регрутирани летово.

„Војниците присутни овде се главно регрутирани оваа година. Некои се во војска само еден месец, а некои уште пократко. Има помалку од 30% од оние што се регрутирани пред половина година“, изјави командантот на понтонската бригада Марат Умарканов.

Другата техника на ракетниот систем „Јарс“ се возилата за борбена заштита и борбено дежурство, како и командното возило, и сите се пренесуваат на другиот брег преку уникатниот пловечки мост.

„За првпат во светската пракса понтонските единици склопуваат пловечки мост со двојна ширина. Тоа е фактички пат со две ленти што може да издржи 120 тони“, истакнува Олег Лавров.

Мостот се поставува за неколку минути со надолжно спојување на двете ленти. Покрај пропусниот капацитет што сега е двојно зголемен, овој мост може да издржи силен ветер, голема брзина на речниот тек и бранови високи 1 метар. Но, најважната проверка на пловечкиот мост е преминувањето на „Јарс“ тежок 100 тони.

На сеопфатната воена вежба се применети сите видови префрлување на техника преку река: десантен премин на пловечки транспортери ПТС-2, скелиња и понтонски мостови. Првичните резултати од оваа единствена операција ги сумира началникот на инженерските трупи Јуриј Ставицки.

„Понтонерите успешно ја извршија задачата. Добија оценка „одлично“. Исполнија прилично голем број нормативни рамки“, нагласува тој.

Во изведувањето на тактичката епизода на Ока учествуваа над 1600 војници и околу 600 единици воена и специјална техника. Сега, на воените инженери им претстојат стратешките командно-штапски маневри на Русија и Белорусија „Запад 2021“ кои ќе се одржат на почетокот на септември.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња