Наскоро во вооружувањето: Хиперсоничната ракета „Циркон“ влезе во завршната фаза на тестирањата

Денис Абрамов/Sputnik
Во план е завршната фаза на тестирање на новата хиперсонична ракета „Циркон“ во летните месеци од оваа година. Процените се дека со овие ракети првично ќе бидат вооружени тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“, кој во моментов е во фаза на модернизација, нуклеарната подморница „Иркутск“ која се модернизира на стандардот 949AM (еволуција на основниот проект 949А „Антеј“), ракетните фрегати од класата 22350 и новите повеќенаменски нуклеарни подморници од класата 885М „Јасен-М“.

Русија се наоѓа во завршната фаза на тестирање на новата хиперсонична ракета „Циркон“, која ќе може да се базира и на подморници и на површински бродови (се планира и развој на крајбрежен систем од класата „земја-вода“ кој ќе ја има оваа ракета - заб. на прев.), изјави за веб-порталот РИА „Новости“ членот на колегиумот на Воено-техничката комисија и член на Поморскиот колегиум при Владата на Руската Федерација Владимир Поспелов.

„Тестирањата се изведуваат според планираната динамика и влегоа во својата завршна фаза“, рече Поспелов.  

Тој прецизираше дека во техничка смисла се разгледуваат прашањата поврзани со освојувањето на сериското производство кога станува збор за оваа ракета. Сè мора да заврши во блиска иднина.

„Ракетата ќе биде унифицирана и ќе може да се употребува како од подморници, така и од површински воени бродови, бидејќи користи универзални лансирни елементи“, додаде Поспелов.

Новата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе лета побрзо од 9 маха и ќе може да напаѓа цели на далечини и до 1000 километри. Се претпоставува дека со овој тип ракета ќе бидат вооружени површинските воени бродови и подморниците, како перспективните, така и оние кои веќе се наоѓаат во оперативна функција. Треба да се напомне и дека рускиот претседател кон крајот на минатата година првпат ја спомена можноста за развој и на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Според различни информации, должината на ракетата ќе изнесува 8-10 метри, додека тежината на боевата глава ќе достигнува 400 кг.

Што се однесува до практичното тестирање на перспективната хиперсонична ракета со голем дострел „Циркон“, тие во организација на руското Министерство за одбрана се реализираа од ракетната фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“. Во 2020 година беа извршени три пробни лансирања на оваа ракета кои успешно погодија две површински цели на вода и една копнена цел (воен полигон).

Кога станува збор за програмата за тестирање за тековната година, извори од рускиот военоиндустриски комплекс наведуваат дека тие се планирани да се реализираат во летниот период. Ова ќе се направи во состав на завршната државна програма за тестирање, по што перспективниот систем ќе биде усвоен во вооружувањето на руската армија и ќе започне неговото сериско производство. Според министерот за одбрана и генерал на армија Сергеј Шојгу, во план е да се заврши целата работа до крајот на оваа година. И претседателот на Руската Федерација Владимир Путин рече дека „Цирконите“ во близок временски период ќе влезат во вооружувањето на руската армија.

Процените се дека со овие ракети првично ќе бидат вооружени тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“, кој во моментов е во фаза на модернизација, нуклеарната подморница „Иркутск“ која се модернизира на стандардот 949AM (еволуција на основниот проект 949А „Антеј“), ракетните фрегати од класата 22350 и новите повеќенаменски нуклеарни подморници од класата 885М „Јасен-М“.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња