Убиец на бродови: Колкава брзина официјално оствари руската хиперсонична ракета „Циркон“?

Слободан Ѓукиќ
Фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“ која се наоѓа во составот на Северната флота до крајот на оваа година ќе реализира уште три тестирања на новите противбродски хиперсонични ракети „Циркон“. Станува збор за проектили кои немаат аналог во светот и кои прават стратешка предност кога станува збор за поморските борбени ефективи. Благодарение на огромните вредности на брзината што ја „набива“ на својата траекторија на летот, нејзиното пресретнување станува невозможна мисија.

Овој пат основното барање ќе биде уништување на макети на големи површински бродови кои имитираат носачи на авиони (оваа ракета е првенствено наменета за уништување на стратешки борбени пловила на условен непријател, како и неговите површински објекти – заб. прев.). Ова за Интернет-порталот ТАСС го пренесува извор од рускиот военоиндустриски комплекс.

„Во рамките на програмата за продолжено тестирање на летно-техничките карактеристики на хиперсоничната ракета „Циркон“, во план е ракетните фрегати „Адмирал Горшков“ до крајот на оваа година да извршат уште три лансирања“, вели доброинформиран извор за овој руски Интернет-портал.

Пред него се појави уште еден неименуван извор кој го потврди сево ова и додаде дека „сите три лансирања подразбираат реално уништување на морските, но и на земските цели, кои во конкретна смисла ги имитираат носачите на авиони и стратешките објекти на условниот непријател“.

Во компанијата НПИ Машиностроенија (дел од корпорацијата „Тактическое ракетное вооружение“) која според медиумите ја има развиено оваа ракета, не ги коментираат најавите што ги пренесува ТАСС.

Во извештајот до претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин што го потпиша началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов, се наведува дека на 6 октомври оваа година од платформата која претставува ракетна фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“ е лансирана хиперсонична ракета „Циркон“. Според овие наводи, ракетата е успешно лансирана и на далечина од 450 километри ја погодила својата цел. Местото на лансирањето на ракетата била акваторијата на Белото море, додека нејзината цел се наоѓала во акваторијата на Баренцовото море. За време на својот лет „Циркон“ успеал да постигне брзина која е осум пати поголема од брзината на звукот (9.792 километри на час). Во таа пригода проектилот достигнал максимална висина на траекторијата која се наоѓала на 28 илјади метри.

Најопасниот брод на руската воена морнарица

Ракетните фрегати од класата 22359, особено по зголемувањето на борбениот комплет ударно вооружување, во блиска перспектива можат да станат највооружените бродови на руската воена морнарица. Во состав на руската флота според количеството ударно ракетно вооружување уште се издвојуваат тешките нуклеарни ракетни крстосувачи од класата 1144 „Петар Велики“ кои на својата палуба носат 20 противбродски суперсонични ракети „Гранит“, како и крстосувачите од класата 1164 „Атлант“ кои носат до 16 ракети со слични карактеристики. Кога станува збор за количеството ударно ракетно вооружување на еден брод, ракетните фрегати од класата 22350 во перспектива ќе може да ги надмине само длабока модернизација на тешкиот ракетен крстосувач „Петар Велики“, новиот проектил на ракетен разорувач „Лидер“ или модернизираниот проект на фрегата 22350М.

Првата фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“ се наоѓа во оперативно вооружување на руската воена морнарица (ВМФ). Вториот брод од истата класа „Адмирал Касатонов“ ги завршува државните тестирања и наскоро се очекува негово воведување во оперативна употреба. Треба да се истакне дека токму фрегата „Адмирал Горшков“ на почетокот од оваа година имаше чест прва да ја лансира хиперсоничната ракета „Циркон“ од акваторијата на Баренцовото море. Во таа пригода успешно погодена земска цел на оддалеченост од 500 километри, а целиот тест е оценет како успешен.

Должината на фрегатата изнесува 135 метри, нејзината широчина е 16 метри, а газот 4,5 метри. Вкупниот депласман на фрегатата изнесува 5400 тони. Погонската сила што ја генерираат турбините може да достигне 5000 коњски сили и тие му овозможуваат на бродот без дополнително полнење гориво да помине 4500 наутички милји (секако ова се однесува на економичната маршевска брзина на пловење). Максималната брзина на бродот при форсажна работа на моторот достигнува 34 јазли (околу 65 км/час).

„Адмирал Горшков“ во своето вооружување ќе има 16 суперсонични противбродски ракети „Оникс“ (може да се применат и конфигурации кои ќе бидат составени од шемата 8+8, односно 8 ракети „Оникс“ + 8 ракети КР „Калибар“). Меѓутоа, оваа платформа во блиска перспектива може да стане носител на хиперсонично ракетно вооружување кое ќе биде направено врз база на ракетата „Циркон“, што претставува нерешлив проблем за американската морнарица без оглед на видот и на специфичноста на бродот. Овие ракети според пишувањата на порталот „РГ“ ќе носат боева глава потешка од 300 килограми, а нејзиниот дострел ќе изнесува 350 километри. Противвоздушната одбрана на фрегатата „Адмирал Горшков“ ќе биде составена од интеграција на поморскиот ракетен систем за ПВО „Полимент Редут“ кој во борбени вертикални лансери ќе има дури 128 ракети од различен вид и дострел. Фрегатата ќе има ефикасно оружје и за фронт кој се наоѓа под површината на водата. Противподморничкиот ракетен комплекс „Медведка-2“ како и специјалната противподморничка верзија на ракетата „Калибр“ ќе биде главниот адут на бродот против непријателските подморници.

Новата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе лета побрзо од 9 маха и ќе може да напаѓа цели на далечини и до 1000 километри. Се претпоставува дека со овој тип ракета ќе бидат вооружени површинските воени бродови и подморниците, како перспективните, така и оние кои веќе се наоѓаат во оперативна функција. Треба да се напомне и дека рускиот претседател кон крајот на минатата година првпат ја спомена можноста за развој и на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Според различни информации, должината на ракетата ќе изнесува 8-10 метри, додека тежината на боевата глава ќе достигнува 400 кг.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња