Пилотите кои летаат на модернизирани суперсонични ловци-пресретнувачи МиГ-31БМ од составот на мешовитиот воздухопловен полк изведоа симулација на воздушна битка над Тихиот океан, соопшти информативната служба на Тихоокеанската флота. Маневрите се реализираа во текот на контролната проверка на зимскиот сегмент на обуката на пилоти на ловци-пресретнувачи МиГ-31БМ.
„Пилотите демонстрираа тактички принципи на водење блиска воздушна борба, елементи на маневри кои се изведуваат под големи агли на напад, вклучително и лансирање ракети од класата „воздух-воздух“ врз воздушни цели кои ги имитираа авионите на условниот непријател“, се наведува во соопштението што го пренесува РИА „Новости“.
Посебно внимание за време на оваа вежба беше насочено кон реализација на техничките елементи при реализација на маневри за летање при офанзивна и дефанзивна фаза на воздушна битка на големи, средни и мали висини. Младите пилоти кои се наоѓаат во составот на ловечката ескадрила првпат учествуваа во решавање на задачи за пресретнување и уништување на воздушна цел. Оваа вежба за најмладите пилоти ја претставува завршната етапа на обуката за борбено дежурство во состав на противвоздухопловните сили на Тихоокеанската флота.
Модернизираниот ловац-пресретнувач МиГ-31БМ (Foxhound според кодификацијата на НАТО) е наменет за пресретнување воздушни цели на големи дистанци кои според борбениот радиус се недостапни за класичните ловци. Борбените апарати од овој тип се способни да решаваат задачи во услови кои ги диктираат современите облици на управување со борбените дејствија, како што е мрежноцентричниот облик на комуникација со практично сите учесници во борбата.
Благодарение на интеграцијата на современиот напаѓачко-навигациски систем и вооружувањето од нова генерација, ефикасноста на ловецот-пресретнувач МиГ-31БМ во однос на претходната верзија на МиГ-31 е зголемена за речиси три пати.
Подобрената погонска група, која се состои од двопроточни турбомлазни мотори Д-30Ф6, овозможува авионот од скоро 46 тони да се доведе до границите на хиперсонична брзина (максималната брзина на Миг-31 изнесува 3000 км/час). Плафонот на летот е 20600 метри. Оперативниот опсег на авионот вооружен со четири ракети Р-37/Р-33 со два поткрилни резервоари со гориво изнесува 3000 км. Авионот има способност да дополнува гориво во воздух (авиоцистерна).
МиГ-31БМ е опремен со радарска станица која има високочувствителна фазна антенска решетка (ФАР). „Заслон-М“ која може да дофрли на оддалеченост и до 320 километри. Тоа се речиси 120 километри повеќе во однос на основната верзија на овој радар. Исто така, овој радар сега може да открие цел со големина на ловец на оддалеченост од 150, 200 и повеќе километри. Новиот офанзивно-навигациски систем овозможува истовремено следење на 24 цели, од кои компјутерот или операторот ги избира најопасните и го насочува огнот кон нив. Еден МиГ-31БМ сега може наместо четири да гаѓа и до осум различни цели. За овој авион е развиена и ракетата со голем дострел Р-37 која има оперативен дострел од дури 300+ километри. Оваа ракета нема апсолутно никаква конкуренција во светот (американската ракета воздух-воздух со најголем дострел AIM-47 „Falcon“ има максимален дострел од 210 километри). Со вакво вооружување МиГ-31БМ може да пресретнува балистички и крстосувачки ракети, а исто така и да уништува непријателски сателити кои оперираат во блиската Земјина орбита (проект на противсателитска ракета со кинетичка боева глава 79М6 „Контакт“). Борбена патрола составена од четири авиони МиГ-31БМ може да покрие простор од околу 380 илјади метри квадратни (Република Македонија има површина од 25713 километри). Покрај ракетата Р-37 тука се и нешто постарите ракети Р-33 со дострел од 160 километри на час, како и ракетите Р-73 со мал дострел кои се особено ефикасни во услови на догфајт.
Инаку ракетата Р-73 спаѓа во ракетите со краток дострел, означена според НАТО кодификацијата како AA-11 „Archer“ - „Стрелец“. Нејзината основна функција е борба против агилни воздушни цели во услови на близок воздушен бој. Се одликува со исклучително широк агол на зафат, суперманеварбилност и принцип „испукај и заборави“. Конструирана е според аеродинамичната концепција „патка“. Ја движи едностепен мотор на цврсто гориво. Се наведува на целта со помош на пасивна инфрацрвена самонаведувана боева глава која е многу отпорна на пречки. Оваа глава е толку чувствителна што може да ја зафати целта на далечина од неколку десетици километри. Ефективниот дострел на ракетата Р-73М е до 40 км. Ја уништува целта со високо-експлозивна шипкаста боева глава со тежина од 8 кг, која ја расечува на два или повеќе делови. Може да користи различни типови запалки – од радарска близинска до оптичка.
Ракетата според своите димензии е многу компактна. Нејзината должина е околу 2900 мм, со максимален распон на крилата од 510 мм. Нејзиниот калибар е 170 мм. Ефикасна е против воздушни цели што летаат со брзина до 2500 км/ч, и кои истовремено маневрираат под оптоварување од 12 G. Ракетата е способна при лет да издржи оптоварување и до 40 G.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче