Модернизираната „Красуха“ ги онеспособи сите беспилотни летала над Црното Море

Руската армија на Крим се подготвува за сериозна конфронтација со различен спектар беспилотни летала на условниот непријател кои би можеле да се појават во голем број над акваторијата на Црното Море. Во тој дух интензивно се обучуваат екипажите кои поминаа специјализирана обука за најсовремените средства за противелектронско војување „Красуха“ и Р-330Ж „Житељ“.

Како што пренесува рускиот веб-портал РГ, во вежбите учествуваа околу 1500 војници со повеќе од 500 единици борбена техника.

„Војниците од единиците за радарско набљудување во реални услови ги извршија задачите за откривање беспилотни летала на условниот непријател на минимални и средни висини над акваторијата на Црното Море“, соопшти информативната служба на Јужниот воен округ.

По откривањето и идентификувањето на дроновите, во акцијата се вклучија и средствата за противелектронска борба. Во содејство со радарско-набљудувачките и противелектронските системи сите откриени објекти беа исфрлени од строј.

Во текот на минатата година во единиците за противелектронска борба на Јужниот воен округ влезе модернизираната верзија на системот „Красуха-20“. Нејзините тактичко-технички карактеристики се наоѓаат во режим на строга воена тајна, но повеќе од извесно е дека таа може да дејствува на растојанија и до 400 км. Треба да се напомене дека противелектронските системи „Красуха“ имаа своја воена примена во Сирија, каде беше неутрализирана голема количина, за волја на вистина, многу примитивни беспилотни летала, кои беа масовно користени од терористите.

Комплексот за противелектронска борба „Красуха“ е во состојба да создаде „непробоен меур“ за електромагнетните бранови, со дијаметар од неколку стотици километри. Исто така, може целосно да ги „заслепи и оглуви“ авионите за рано откривање и командување од типот „Авакс“, како и вселенските сателити кои наведуваат ракети кон целта. Кога „Авакс“ наидува на поле во кое се присутно електронски пречки, тој се соочува со големи потешкотии во откривањето и препознавањето на целите и нивната класификација (своја/туѓа), нивната локација, како и способноста за наведување на ловечко-бомбардерската авијација. „Красуха“ може да емитира такви пречки што е едноставно невозможно да се работи во радиоелектронско поле.

Згора на тоа, во случај на крајна потреба, „Красуха“ може да генерира насочен сноп кој физички ги онеспособува електронските системи на зафатениот авион, крстосувачките ракети или сателитите кои орбитираат во ниската орбита на Земјата. Вистина, овој режим на работа се користи во критични ситуации и не е вообичаен во стандарден режим.

Една од поважните карактеристики на овој систем е способноста за целосно збунување на непријателските радарски системи, особено кога станува збор за идентификација на цели. Имено, непријателските радари не можат да ја препознаат целта (своја/туѓа), што доведува до одложување на дејствието со наведувани високопрецизни ракети, што во борба во која неретко одлучуваат и секунди може да биде од витално значење. Во такви услови се многу можни инциденти со соборување на свои авиони поради целосниот хаос на основниот радар, што е една од основните специјалности на „Красуха“.

Станицата за електронски пречки Р-330Ж „Житељ“ може да го блокира преносот на податоци помеѓу беспилотното летало и другите електронски уреди. Апаратурата автоматски го наоѓа изворот на сигналот, и во зависност од неговиот тип, избира оптимален начин за попречување и го блокира примопредавањето на податоците. Под удар на овие пречки не се само каналите преку кои се пренесуваат информациите собрани преку извидување, туку и контролните сигнали преку кои се управува со дронот, кои по успешната опструкција прекинуваат каква било форма на врска со операторот и паѓаат на земја.

Комплексот е во состојба истовремено да емитува радиоелектронски пречки на 12 различни канали на максимално растојание од 12-30 км. Овој систем е во состојба да генерира таква „бура“ од пречки што резултира со делумно или целосно попречување на мрежноцентричните и сателитските врски. Пукаат навигациските уреди, поради што леталата се губат во воздушниот простор и стануваат тотално неупотребливи. Р-330Ж „Житељ“ има повеќенаменска улога каде што покрај класичното извршување на противелектронски задачи, може да послужи и како точка за радиоелектронско извидување.

Напомена

Истовремено со спроведувањето на оваа вежба, снајперистите на морнаричката пешадија на Касписката флотила изведоа вежба за уништување на минијатурни беспилотни летала во воздушниот простор. За детекција на дронови беа применети радиоелектронски системи со висока сензитивност „Борисоглебск“. Притоа  снајперистите применија тешки снајперски пушки АСВК со калибар 12,7 мм.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња