Русија открива детали за борбената опрема од следната генерација „Сотник“

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Тоа би требало да биде најлесниот панцирен елек на светот и да го штити човекот од куршум што пробива леснооклопна техника.

Кон крајот на јануари руската државна корпорација „Ростех“ објави детали за борбената опрема што треба да ја замени сегашната опрема  „Ратник 2“ и да го промени односот на силите на бојното поле.

Како што изјави првиот човек на корпорацијата „Ростех“ Сергеј Чемезов, „Сотник ќе биде лесен како перо и автоматски ќе се прилагодува за да му одговара на конкретниот војник. „Сотник“ е заштитна опрема која ги надминува сите постојни панцирни елеци. Може да издржи директен погодок на куршум со калибар 12,7 мм (тој куршум пробива леснооклопна техника на дистанца од 2 километри) и војникот да преживее.

Ќе биде направен од новото руско полиетиленско влакно.

„Опремата нема да му ограничува движењето на војникот. Покрај тоа, тој ќе може да носи дополнителен товар што му е потребен во специјалната мисија“, се вели во соопштението на државната корпорација.

„Сотник“ ќе може да запре куршум што лета со брзина од 670 метри во секунда, но и да го амортизира ударот кој инаку, дури и ако е запрен, би предизвикал сериозни повреди на внатрешните органи. „Ние очекуваме дека ќе постигнеме таков ефект со примена на специјални компоненти за амортизација на удар“, велат од информативната служба на корпорацијата.

Како што во ноември минатата година изјави директорот на „Ростех“ Бекхан Оздоев, „Сотник“ ќе биде полесен, поергономичен, посигурен и технички подобро дотеран од „Ратник“. Оздоев истакна дека опремата може да добие роботизирани додатоци, како и елементи на вештачка интелигенција.

Исто така постои можност за вклучување на активен егзоскелет од титаниум со минијатурни електромотори. Стручњаците на корпорацијата „Ростех“ сега работат над извори на напојување на новиот егзоскелет.