Медиуми: Микродроновите и егзоскелетниот комплекс „Сотник“ ќе станат супероружјето на рускиот војник

Слободан Ѓукиќ
Се работи за борбено-тактичкиот комплекс „Сотник“ кој ќе може да се интегрира со голем број беспилотни летала со мали и микро димензии. Рускиот војник на иднината ќе стане тешко забележлив, во однос на балистичката опрема ќе биде исклучително заштитен, додека неговата егзоскелетна структура значително ќе ги унапреди неговите физички способности. Комплетниот систем ќе биде поврзан со автоматски контролен комплекс на тактичко ниво, што радикално ќе ја зголеми целокупната свесност на бојното поле.

Руските научници работат на развој на борбено-тактичка униформа од нова генерација, која ќе има способност за интеграција со перспективни типови микродронови. Оваа опрема има задача да ја зголеми целокупната тактичка свесност на војникот кога станува збор за ситуацијата на бојното поле, да го намали неговото физичко оптоварување и да ги зголеми шансите за преживување.

Американскиот сајт „Национален Интерес“ напоменува дека најважното нешто што треба да се запамети е следново: Новата руска опрема за војникот на иднината ќе има можност да се интегрира со микродронови, кои ќе бидат вмрежени во автоматизиран команден систем на тактичко ниво. Овие минијатурни летачки објекти ќе можат да испраќаат видео-податоци што ќе се добиваат со помош на камери со висока резолуција. Сликата од овие микродронови во реално време ќе биде прикажувана на дисплејот што ќе има и заштитна функција кога станува збор за очите. Покрај тоа, комплетниот систем ќе овозможи брз пренос на команди, изработка на детални мапи со висока прецизност, како и примопредавање важни информации во криптиран вид. Сето ова ќе се реши со руско производство на „паметни“ очила слични на моделот Google Glass.

„Во овој момент, во рамките на научно-истражувачката работа започната врз основа на барањето на Главната команда на Копнената војска, работиме на создавање перспективна борбена униформа на војникот која ќе содржи компоненти кои меѓу другото ќе ги подобрат и неговите физички способности како што се борбени и специјални егзоскелети, потоа интеграција на борбени и поддржувачки роботизирани системи, како и гама од разузнавачки и ударни беспилотни летала од мини и мала класа“, изјави за рускиот интернет-медиум РГ командантот на Копнената војска на руската армија, генерал Олег Саљуков.

Рускиот интернет портал ТАСС соопшти дека руската државна корпорација „Ростех“ работи на развој на борбено-тактичка опрема од нова генерација „Сотник“, која ќе го замени постојниот систем „Ратник“. Целиот проект е предводен од еден од поранешните делови на „Ростех“ - Централниот научноистражувачки институт за прецизно машинство ЦНИИТочмаш.

Руската војска планира до 2025 година да ги испорача првите контингенти опрема „Сотник“ во единиците за специјална намена. По пет години (до крајот на оваа деценија), практично сите единици на Копнената војска треба да бидат опремени со борбено-тактичка опрема од овој тип. Треба да се истакне дека овој план е преамбициозен, особено ако се знае дека пакетот опрема „Сотник“ се состои од голем број високотехнолошки компоненти, чии развој и производство ќе продолжи во четвртата деценија на 21 век.

Меѓутоа, одредени сегменти од опремата на борбено-тактичкиот комплекс „Сотник“ веќе може да се најдат во опремата на руската армија. Ова првенствено се однесува на противминските обувки и специјалните видови ткаенина, која го штити војникот од детекција во инфрацрвениот спектар, поточно, го прави практично невидлив за сензорите кои ја детектираат температурата на човечкото тело. Тука имаме и други материјали, кои ја намалуваат радарската рефлексивност (апсорбираат радарски зраци).

Таквата опрема може да се интегрира и со различни типови микродронови, кои ќе бидат поврзани со помош на автоматски систем за управување на тактичко ниво. Тие се во состојба преку своите камери да испраќаат слика со висока резолуција до заштитените електронски визири кои ќе се наоѓаат над очите. Исто така, благодарение на напредниот софтвер, овие микродронови ќе можат да издаваат команди, да изработуваат детални мапи со голема прецизност и други важни информации. Сето ова ќе се реши со руско производство на „паметни“ очила слични на моделот Google Glass.

Рускиот интернет портал ТАСС пренесе дека нема информации дека перспективната борбено-тактичка опрема од новата генерација „Сотник“ ќе биде интегрирана со ударни беспилотни летала, но дека тоа би можело да биде следниот технолошки исчекор кога е во прашање опремата на рускиот војник на иднината.

Истражувањето и развојот на опремата од нова генерација ќе трае од 2020 до 2023 година, а дотогаш ќе се утврди конечниот состав на борбената опрема „Сотник“. Судејќи според сé, новиот борбено-тактички комплекс на униформата „Сотник“ ќе биде 20% полесен од својот претходник „Ратник“, што е од исклучителна важност со оглед на проширениот асортиман од дополнителни компоненти. Руските научници кои работат на овој комплекс очекуваат перспективната униформа „Сотник“ да биде компатибилна со новите видови стрелечко оружје и муниција.

Овие активности би можеле да го запрат понатамошното производство на борбено-тактичкиот комплекс на униформата „Ратник“, чиј развој донесе вредни искуства кои се многу корисни за понатамошна еволуција на опремата на војникот на иднината. Последната голема модернизација кога станува збор за стандардната пешадија во редовите на руската армија се случи оваа година кога беше усвоена новата автоматска пушка АК-12, која почна помасовно да им се испорачува на оперативните единици.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња