Нова ера: Пред 70 години СССР ја добива својата прва балистичка ракета

Министерство за одбрана на Руската Федерација/скриншот/Sputnik
На крајот на ноември 1950 година во СССР влегува во состав на вооружувањето првата балистичка ракета Р-1. Така за неговите вооружени сили започна новата ера, чие главно достигнување е појавата на страшниот нуклеарен штит на земјата.

Раководител на проектот за создавање на новото оружје е легендарниот Сергеј Корољов, пишува „Росијскаја газета“. Групата конструктори предводена од него ја користи како основа германската ракета А4 („Фау-2“) на Вернер фон Браун. Но, проблемот е во тоа што советските инженери немаат готов модел. Во фабриката во Тирингија во 1945 година први пристигнуваат Американците, кои ги изнесуваат целата опрема, документацијата и другите примероци на ракети, заробувајќи го „мозокот“ на компанијата - фон Браун лично. Затоа советската ракета е создадена само врз основа на фрагментарни податоци, многу работи се прават од нула.

Првите примероци на ракетата успеваат да ги склопат главно од германски делови. Теренските тестови покажуваат дека сите системи работат според планот, затоа во октомври 1947 година војската започнува со лансирање на полигонот „Капустин Јар“. Главниот проблем е што овие ракети се покажуваат како многу непрецизни. Со долет од околу 200-230 км, отстапувањето од поставената точка достигнува 180 км. Впрочем, тоа не е изненадувачки, имајќи предвид дека за основа се користи „Фау-2“, која исто така не е позната по прецизноста. Хитлер постојано ги поттикнува своите научници, со надеж дека ќе добие супер оружје кое ќе го сврти текот на војната. Но, постигнувањето на идеални резултати за кратко време е многу тешко.

Согледувајќи дека копирањето на германските ракети не го дава посакуваниот резултат, советското раководство наредува да се пристапи кон создавање подобрена верзија на системот, која треба да се состои од руски делови. Целото производство е концентрирано во СССР и токму овој производ на крајот го добива името Р-1.

Во создавањето на оваа ракета се користат други метали и легури, се менува формата на отсекот за инструменти и опашката. Развиен е и нов мотор – РФД-100/8Д51. Горивото е етил алкохол, а како оксидант служи течен кислород. Системот за наведување е заменет со жироскопи и радиоапарат од руско производство. Р-1 може да носи голема високоексплозивна боева глава со маса од 1075 кг, а масата на полнењето е 785 кг.

Првите лансирања на новата ракета се случуваат во септември-октомври 1948 година. По неколку неуспешни обиди во почетните фази, сепак следува релативно успешно лансирање. Ракетата поминува 288 км, но застранува од целта за цели пет километри. Секако, тоа повеќе не се 180 км, но сепак е премногу – проектот повторно е испратен на ревизија. По уште една година, резултатот е далеку подобар - од 20 ракети, 17 ги исполнуваат поставените задачи. Државните тестирања се прогласени за успешни.

Како резултат на тоа, на 28 ноември 1950 година е примена во вооружување првата советска балистичка ракета, а околу половина година подоцна започнува нејзиното сериско производство кое трае до 1955 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња